Вера Бужаровска беше македонска публицистка и писателка за деца и возрасни. Родена е во Битола на 7 декември 1931 година во семејството на Стеван Николов и Тодорка Николова род. Бундалевска. Во Битола живеела се до 1949 година кога се омажила за Славко Бужаровски и од тогаш се преселува во Скопје, кадешто ќе го помине целиот свој живот.
Писателската кариера ја започнала во 1960 година со објавување на кратки написи, раскази и песни во весниците и списанијата Студентски збор, Просветна жена и Титов пионер. Во 1962 година ја напишала својата прва книга „Стоп“, наменета за деца и исполнета со бројни илустрации од Младен Туниќ. По ова започнува да издава и други книги наменети за деца и возрасни. Нејзиното творештво опфаќа вкупно 43 книги.
Од првите децении на нејзиното творештво особено се издвојува романот „Акчилница“ издаден во 1974 година. Тој претставува автобиографски роман на писателката, во кој ја опишува Битола во предвечерјето на Втората светска војна, животот за време на окупацијата и депортирањето на Евреите од Битола. Во 2015 година овој роман е преведен и издаден на англиски јазик со наслов„The Last Summer In the Old Bazaar“.
Бужаровска во 70-тите години од минатиот век работела како дописник за весниците Илустрована политика и Политика експрес. Во овој период има напишано и повеќе сценарија за документарни филмови кои се емитувале на Телевизија Скопје. Помеѓу нив се издвојуваат „Последниот битолски пајтонџија“,
„Во име на народот“, „Партизанска фото камера“, „Мртов град“, серијата за деца „Курирче“ и други.
Во последните неколку децении од нејзиниот живот Бужаровска обработува провокативни теми од македонското секојдневие, поврзани со политичкиот живот и криминалот. Во овој период ги издава книгите: „Вампир“, „Авторот е обвинет за убиство“,„ТАТ“, „Креветот на проститутката“, „Го открив атентаторот“, „Затвор за жени“ и други. Посебно се издвојува промоцијата на Бужаровска на книгата „Затвор за жени“ која била во КПД Идризово во одделението за женски лица.
Треба да се нагласи дека во голем дел од книгите на Бужаровска централен лик е жената и нејзината судбина во патријархалното опкружување. Дел од нејзини книги и раскази се преведени на други јазици, а за некои од нив има добиено и повеќе награди. Вера Бужаровска почина во Скопје на 3 декември 2013 година по кратко боледување.
Благодарност до Дамјан Бужаровски за текстот и фотографијата.