Се ближи Велигден. Уште некој ден. Не е секој ден Велигден велат старите. За мене важи истото. Велигден е посебен. Посебен како убавината и опојната миризба на јоргованот на Тумбе Кафе, на свеќите запалени кај Саат кулата сабота навечер, на кршењето со јајца точно во 12 кога ќе бијат камбаните, на кукурецот кај баба на ручек. На старите македонски песни, фолклорот како дел од трпезата, традиционалните јадење приготвени од најискусните во кујната, на дворот каде летната маса е поставена, каде сонцето е високо на хоризонтот и силно Битола ја осветлува.
Битола отсекогаш бил градот кој прославува. Кој секој ден и празник го разубавува, прави човек да сака секој ден своето постоење да го прославува. И самите битолчани се сведоци на истото, дека оваа наша Битола е нашата матица која секој период од годината го прави подобар и подобар секогаш. И оваа година ќе биде посебна. Ќе биде празнична, убаво помината. Во нашата околина, со нашите сакани собрани сите на едно место каде повторно ќе се заблагодаруваме за ова што го имаме.
И оваа година Широк Сокак ќе биде река луѓе кои одат да запалат свеќа, да се помолат за здравје и среќа и да го направат адетот. Да ги посетат најстарите, да ги нагостат помладите, да им дадат совет на најмалите, традицијата и обичаите да ги негуваат и да не дозволат истите да се запостават. И оваа година секој агол од овај град ќе биде оживеан, секоја улица преполна, секој дом пријатен и топол. Ќе мириса на дома, и да си на улица. Ќе мириса на Велигденската битолска трпеза, на свареното турско кафе после добриот ручек, на велигденското црвено јајце.
И оваа година децата ќе трчаат во паркот, возрасните ќе им се радуваат на семејствата, млади дома ќе се враќаат и повторно освежат и одморат. Зашто, кај и да си, за Велигден дома да си. Со своите, во Битола. Роднините, пријателите, саканите, битолчаните. Бидејќи нема ништо поубаво, ништо попријатно и подобро отколку да си онаму каде припаѓаш и повторно спокоен чувствуваш.
Марија Стојановска (17)