Вечерва, во просториите на компанијата IWConnect ќе биде отворена изложбата под наслов Агапе,на школата за уметност Адамс Арт.
Ова ќе биде групна изложба на возрасните уметници кои ја посетуваат оваа школа и кои работат на иконографија и креативни изработки на уметнички парчиња аксесоари.

Школата за уметност Адамс Арт ја води Анкица Стевановска, академски сликар и иконописец, која завршила ликовна академија кај познатите руски професори Игор и Викторија Егорови.
Посветена на воспитно образовната работа како наставник во основно училиште, Анкица подолго време ја води школата за уметност за деца и возрасни – Адамс Арт и на тој начин го остварува сонот на многу талентирани личности да научат техники на цртање и сликање.

“Насловот Агапе не е случаен, Агапе е најчистата, божествена и безусловна љубов. Со такви емоции работам во мојата школа и навистина оваа изложба на моите возрасни слушатели на школата, ме прави среќна”-изјави Стевановска.

Изложбата е од отворен тип за сите љубители на ликовната уметност. Ќе има продажен карактер. Започнува во 19:30 часот и ќе трае до пред полноќ, со дегустација на вино и уживање во музика на бендот Еликсир.