Мима Герас Дочовска од позната битолска фамилија Герас

Митот за убавината на битолската жена…Митовите не настануваат од ништо, а еднаш кога ќе бидат прифатени, нивната оправданост станува обврска за секоја следна генерација битолчанки.
Родното место е како наследена бунда. Ти ја топли снагата и душата. Твое е дали ќе го негуваш сјајот на крзното или ќе дозволиш да го изгрицкаат молците…

Гордана Аџиева Михајловска фотограф и блогер за Македонска кујна ( www.macedoniancuisine.com)

Главната карактеристика што ги разликува битолчанки од дрyгите жени во Македонија е нивната тенденција да изгледаат привлечни во сите околности. Секој кој барем еднаш ја посетил Битола, шетајќи по Широк Сокак со свои очи се уверил дека ова е вистина. Битолското корзо слободно можи да им парира на светските модни писти – битолчанки изгледаат како светски модели.
Во Битола не е чудно да видиш како девојките шетаат по лизгави и снежни улици со високи потпетици, а не е чyдно ни да видиш многу девојки кои одат на пазар совршено нашминкани и дотерани.
Битолската жена и до продавница не оди не нашминкана.
Македонија е земја во Источна Европа и е под влијание и на источната и на западната култура. Така и македонската жена ги комбинира источната и западната мода. Жените кај нас особено битолчанките многу сакаат да купуваат. Ова е еден аспект на прашањето за убавината на девојчињата од Македонија. Но, уште еден аспект е што македонските девојки едноставно уживаат да бидат и убави и прекрасно облечени и атрактивни.
Жената на овие простори се труди да изгледа привлечно за машкиот род во било која прилика. Во системот на општествени вредности на словенската жена се бара, пред сè, да биде сопруга и мајка за да се квалификува како почитуван член на општеството. Немажените жени се етикетирани овде. Клучот за успехот на овдешната жена е да изгради брак и да има деца. Соодносот на жени и мажи е 50: 50 па жените во Македонија треба да го привлечат вниманието на мажите за да можат да ја извршат улогата што се очекува од нив.

Честит 8-ми Март и Ви посакyвам пријатно качвање по маси на дено и пијајте покроце.

Татјана Стерјева дипломиран фармацевт магистер пи ХР Генерален директор на Еурофарм

Убавината е внатрешно чувство кое ја оплеменува надворешноста, создавајќи совршен спој на една комплетна личност. Битолчанките несомнено се едни од најубавите жени, бидејќи покрај импресивниот изглед ги краси развиено чувство за женственост. Во минатото и денес битолчанки на Широк Сокак се еквивалент на парижанките на Шанзелизе. Времето минува, приказните се редат, а убавината останува да сведочи за битолчанки.

Битола е магичен град, град на моето детство, раната младост, средношколските денови, град во кој запишав многу успеси и создадов многу спомени, град со неверојатен дух и животна енергија кои ме исполнуваат при секоја повторна средба. Низ секоја улица, во секој дуќан и гостилница живее духот на Битола и битолчани испреплетен со лежерност и љубов кон добриот живот, убавото и уметноста, отсликувајќи ги истовремено моето, но и времето на моите предци, како и ова на моите деца. Секоја моја посета на Битола е посета со многу емоции, средби со драги луѓе и места што ми значат, со ветување за скоро видување.

Емилија Сарафска советник за односи со јавност во Болница Плодност, новинар и водител

-Лично јас сметам дека битолчанки биле убави жени, а истото важи и за денес. Не е мит дека во Битола во минатото, во убавите конзулски денови, во градот имало убави жени. Колку во тоа време вистинските битолчанки, а не дојдените жени од надвор имале можност да ја прикажат својата убавина како по стасот и ликот, така и по гардеробата, тоа е веќе друго прашање. Но дека постојат факти и написи како останатите се вљубувале во битолчанки, во тоа нема дилема, така што сметам дека убавината на битолската жена не е само мит. Толку песни биле испеани за нивната убавина, толку напишани зборови, толку инспирации на голем број сликари, сеедно дали биле од Битола или не. Што се однесува пак за сегашноста, поимот убавина стана премногу комерцијализиран и некако ја изгуби својата смисла. Битола и натаму ги има можеби најубавите жени и девојки, но пристапот до убавината е извулгаризиран. Доколку под убавина се подразбира брендирана гардероба, постојано навежбано тело, коса и шминка на секое излегување од дома, тогаш со тоа не се согласувам. Жената е убава и кога не спиела цела ноќ затоа што и било детето болно, што не стигнала да направи фризура затоа што му посветила време на семејството итн. Изместени се вредностите и критериумите за убавина, а можеби најмногу од се ми недостига она „дамско“ држење на жената, која секогаш повеќе треба да биде дама, отколку убава. Во оваа прилика на сите припаднички на понежниот пол им го честитам 8-ми Март, со желба – што повеќе во своите срца да се чувствуваат како жени, како дами, да бидат сакани, да сакаат, да се грижат за својата надворешна убавина, но многу повеќе за онаа скриена и на прв поглед невидлива убавина која блика од нивната душа.

-Битола е град кој што се сака. Заразно се сака. Татко ми цел живот, па и до ден денес дише со овој град. Тоа на некаков начин го пренесол и на мене. Раскажувајќи за неколку децениското наше битолско градско потекло, куќите и населбите во кои живеел дел од нашиот сој, дишењето на чаршијата, па дури и шегите кои што си ги правеа заедно со дуќанџиите низ Старата чаршија, сите тие нешта беа дел од моето детство. Сепак во тинејџерските и студентските денови мислев дека никогаш нема да живеам во Битола, но животот е непредвидив и повторно ме врати во мојот град. Да, во Мојот град, како што и викаше песната од Интерфест 1992 година. Но, сепак, со жал констатирам дека Битола не само што стагнира, туку оди наназад со години. Само за споредба, ако во 70-тие години од минатиот век, Битола го имаше еден од најубавите и најсовремени трговски центри, или со денешен жаргон „молови“ во поранешна Југославија, тогашен Јавор, денес таквите зданија пополека стануваат руини, а градот ни е мртов. Речиси во секој поглед. За наше подобро утре, треба секој од нас да почне повеќе да го сака овој прекрасен град и наместо деструктивно, да помислиме на кој начин, почнувајќи од самите себе ќе направиме нешто и за нас и за нашите деца. Битола ќе остане и натаму, но од нас зависи каква минливост и трага ќе оставиме откако нас ќе не нема.