Сибела Алимовска

Има работи надвор од границите на нашиот ум, работи кои му пркосат на човечкото разбирање на овој свет. Има нешто што не сте го знаеле, бидејќи не сакавте да знаете. Тајните што се погребани далеку од очите на јавноста и кои се спречени да излезат на виделина. Овде земните закони не се применуваат, просторот нема граници, и нема време … Митската Елена од Троја инспирираше многу поети и уметници со векови како жена чија убавина предизвика лансирање на Тројанската војна. За убавата Битолска жена ги присвојувам зборовите од писмото на Наполеон за Жозефина “Слатка неспоредлива , каков силен ефект имаш врз моето срце! Во мојата душа постои болка, и нема одмор за тебе најмила во моите мисли. Сонувам за твоите усни, бакнежите кои доаѓаат од дното на твоето срце, љубов која ме исполнува со оган”
Битола е град со голема љубов и незапирлива страст за живот…Мирисот на турската баклава и турско кафе со локум во Старата Чаршија говори за неговиот богат културен и социјален живот што многу туристи често го нарекуваат град на еснафлукт. Градот е направен од екстремни: навики и разновидност, богатство и сиромаштија … Исклучително елегантна архитектура, божествени балкони, покриви и фасади од кои се лови секој момент на Широкиот Сокак …

Жанета Здравковска новинар

Мислам дека повеќе живееме на стара слава, отколку на нова. Има убави битолчанки, тоа е факт, но во последниве години некако тоа се презентира со се помалку стил. Често пати можеме да видиме млади девојки пренападно облечени, недоосветно со приликата, некои пренакитени. Се помалку ја имаме елеганцијата, а токму отменоста, префинетоста, вкусот во облекување и однесување е она по што битолчанки се препознаваа.

Го сакам својот град и никогаш не сум помислила да го напуштам. Се обидувам преку новинарството да влијаам да се подобрат состојбите во него. Најголема сензитивност имам кога ќе забележам дека некое културно- историско богатство се руши. Мислам дека Битола во минатото изгуби многу од својот карактеристичен лик, а она што ни остана не смее по никоја цена да се изгуби, тоа треба да се брани. Воедно градот изобилува со стотици приказни за битолчани и настани што се случувале низ минатото, а останале незабележани или недоистражени. Како новинар се обидувам да ги објавам, да остават белег и да се паметат.

Мина (Мирјана) Даниловска некогашен
ТВ водител во Македонска Радио Телевизија

Мина (Мирјана) Даниловска
(Тогаш Мирјана Илиевска)

Некогаш убавината на жената ја гледав надворешно.
Сега ја доживувам како сублимат на многубројни аспекти, кои ја красат и заокружуваат претставата за тоа што претставува убава жена.

Како и да е, надалеку се воспева магијата за убавината на жената битолчанка. Дали е тоа само мит или вистина, не знам.

Но факт е дека и во мое време и денес Битолската жена зрачела со посебен шарм и привлечност.

Градската елеганција, чувството за права мера во следењето на модните трендови кои Битолчанките умеат природно да ги носат дополнително го зголемуваат тој впечаток и како традиционално наследство.

Едноставно – изгледаат светски, а сепак се наши и свои!
И тоа е така со децении и децении наназад.
И денес и во времето на нашите мајки и нашите баби…

Љубовните, пријатни сеќавања за мојот роден град Битола го врзувам пред се`, преку реминисценциите за моето мирно и среќно детство, животот исполнет со музика, спомените обоени со мирисот на пелистерската молика, раскошните дрвореди крај шеталиштето и неверојатниот опоен мирис на липите …

Битола – времето и просторот, каде што девојчето прерасна во девојка и жена… Останатото, нека остане само за мене