Битола денес слави истрчан маратон на еден од големите пријатели на градската трка ТРЧАЈ БЕ, Игор МС Јакимовски од Скопје.
Човекот кој истрчал 34 маратони од кои 7 домашни и 27 меѓународни вкупно на 3 континенти, одлучи да го надмине својот личен рекорд.
За овој подвиг ја избра Битола и утрово во 6 часот наутро
на релација Битола-Меџитлија во неколку повторувања до 42.195км за 2 часа и 47 минути успеа и го исполни своето ветување да биде под прогнозираните 2 часа и 50 мин.
На патеката го следеа двајца познати атлетичари во тркачки дисциплини, Кристијан Стојани и Љупчо Стојановски.
Ова е најтешката атлетска дисциплина, а да се биде во кондиција и да се истрча маратон е многу комплициран, долг и тежок процес.
Игор денес докажа, дека неговите 44 години се само бројка.
“Сум доживувал и победи и одлични пласмани и награди, но исто така и откажувања, колапс, крварење, губење свест, заминување на сред маратон и тонење во жив песок.”- се присетува овој познат македонски маратонец за своите претходни искуства.
Секој маратон е посебна приказна и совршена дефиниција за терминот кој го сакаат спортистите “научена лекција”.
За овој подвиг тој се подготвуваше во изминатиот период, а само изминатиот месец истрча околу 650 км за 30 денови.
Одработи и еден личен тест на полумаратон и го постави како што тој вели “лудиот предизвик”:
Успеа да го постигне најдобриот резултат во кариерата сам на светот без натпреварувачки карактер и тоа во ветеранските години – 44.
“Запишуваме уште еден настан во кој го славиме трчањето во Битола. Игор даде идеја, ние го поддржавме.
Посветени сме на тоа да покажеме дека сме град кој има блескави атлетски ѕвезди од минатото, но и млади таленти кои влегоа во светот на трчањето.
Луѓе кои инспирираат, како Игор се потребни. Лани ја растрчавме Битола со првата градска трка Трчај бе, за оваа есен ја подготвуваме втората трка, така што пишуваме нова историја”- ни изјави директорот на битолската трка ТРЧАЈ БЕ, адвокатот Никола Димитровски кој стои како организатор и позади денешниот настан.