Точно 770 пријавени натпреварувачи од 10 земји, меѓу кои македонската атлетска елита и актуелната балканска шампионка, вчера ја истрчаа Битола на првата градска трка Трчај бе, организирана од група ентузијасти кои решија Битола да стане град на трчачи.
“И се случи Трчај бе на Битола, успеавме да го организираме најмасовниот спортски настан кој некогаш Битола го имала” – изјави директорот на трката Никола Димитровски, по професија адвокат и вљубеник во трчањето.
Тој заедно со група ентузијасти неколку месеци интензивно ја ширеше идејата дека и Битола треба да добие градска трка и да стане град во кој луѓето ќе се поттикнат да трчаат.
Пријавени беа поединци и тимови од многу комапнии, факултети, здруженија, семејни тимови кои направија вистински спортски празник за градот под Пелистер. Никогаш Битола не била толку раздвижена во недела наутро.
Трката се случи во истиот викенд во кој беше отварањето на Фестивалот на филмската камера Браќа Манаки, правејќи меѓусебна промоција и кампања “Трчај бе во Битола, за да трчаш потоа на филмски проекции”, при што секој учесник доби бесплатни билети за следење на филмскиот фестивал.
“Ова е скап проект во кој влеговме амбициозно, она што радува е што буквално не наидовме на затворена врата, добивме поддршка од неколку значајни македонски комапнии кои препознаа идеја во која сакаат да инвестираат своја промоција и тим билдинг за своите вработени.
Тоа значи дека целиот буџет е граден на спонзорства, што ја прави оваа манифестација самоодржлива. Логистички не подржаа и неколку јавни институции и бројни поединци нудејќи да се вклучат како волонтери.”-истакна Димитровски.
Медиумите со денови пред трката известуваа за овој настан, поттикнати од необичната кампањата која Трчај бе ја водеше исклучително преку социјалните медиуми, инволвирајќи обични луѓе со цел да покаже дека “обичните” херои трчаат на Трчај бе.
Наградите ги добија следните учесници:
5К трка – жени
Миљана Ристиќ МКД
Виолета Ивановиќ МКД
Марија Пеликон МКД
5К трка – мажи
Кристијан Стојани МКД
Наум Танески МКД
Григоријан Никовски МКД
10К трка – жени
Теодора Симовиќ СРБ
Адријана Поп Арсова МКД
Билјана Кираџиева МКД
10К трка – мажи
Кокан Ајановски МКД
Атанс Анчевски МКД
Димитар Петровски МКД
Некои од нив во Битола ги направија своите лични рекорди.
Доделени се и тимски награди, награда за највозрасниот учесник, а деновиве ќе се објави наградениот за најкреативен транспарент и најдобра фотографија испратена од публиката.
За организаторот на Трчај бе, победници се сите кои се одважија и за прв пат ги истрчаа своите километри и со подигнати раце ја поминаа целта, со чувство на успех и лична радост кое само учесник на трка знае што значи.
Едно е сигурно, во 2020 Трчај бе ќе и се случи повторно на Битола.