РОДЕНИ ПРВИТЕ БЕБИЊА ВО ЗЕМЈАВА КАКО ПЛОД НА НАЈНОВИОТ ЕМБРИОСКОП ВО БОЛНИЦА „ПЛОДНОСТ“
Машки близнаци, во одлична здравствена состојба, во 34 гестациска недела, се денес родените први бебиња добиени од ембриони, кои за прв пат во Македонија беа култивирани во time-lapse инкубатор. Ова е уште еден огромен успех и голема радост за ИВФ тимот од Болница „Плодност“ Битола.
Мајката, која ја карактеризираше високо ризична бременост и е хоспитализирана на ГАК (гинеколошко-акушерската клиника) Скопје пред два месеци, денес се породи со близнаците, што претставува и голема заслуга за колегите од ГАК кои ја водеа оваа бременост. Тимот на Болница „Плодност“ упатува посебна благодарност до своите колеги од Скопје.
Ембриоскопијата претставува иновативен метод за култивирање на ембрионите, во специјален инкубатор – ембриоскоп, преку кој се овозможува континуирано и непрекинато следење на развојот на ембрионите и создавање на видео запис од развојот на ембрионот. Инкуабаторот е опремен со специјални грејни уреди кои овозоможуваат одржување на стабилна и константна температура, и миксер на гасови, со што се обезбедува оптимално симулирање на физиолошките услови кои се во матката на жената и минимизирање на стресот генериран од култивацијата во надворешна средина. Дополнително, концентрацијата на кислород во ембриоскопот е пониска од таа во воздухот кој го дишеме, што е всушност идентично со концентрацијата во матката, па ембриоскопот претставува најблиска симулација на природната средина на ембрионот.
Во редовната ембриолошка пракса, ембрионите се следат еднаш дневно, од денот на оплодување до денот на ембрио трансвер, со нивно вадење од класичните инкубатори и оценување на морфолошки карактеристики преку гладање на микроскоп. Секоја дополнителна манипулација на ембрионите значи дестабилизирање на условите во кои се култивираат. Со ембриоскопијата, нема потреба од вадење на ембрионите надвор од ембриоскопот, со што условите на култивација се одржуваат во зададените граници, без изменување од моментот на инјектирање на сперматозоид во јајната клетка до ембрио трансвер.
Со помош на овие параметри може многу попрецизно да се селектираат ембрионите за траснфер со највисок потенцијал за вгнездување (имплантирање), а со тоа и постигнување на бременост. Дополнително, може да се следи само-корекцијата на некои аномалии кај ембрионите, со што оваа метода дава надеж кај голем број на ембриони кои со конвенционалното следење и култивирање не би биле избрани за трансфер и би биле уништени како некорисни.
Ембриоскоп-инкубаторите се сметаат за најнапредна технологија во сферата на ИВФ и асистирана хумана репродукција, а Болница „Плодност“, како и секогаш, ги следи најновите трендови во оваа област и имплементира најсофистицирани постапки, протоколи и опрема. Ќе следуваат уште многу породувања на бебиња, инкубирани во нашиот современ и единствен во државата инкубатор.