Општина Битола се подготвува за незаборавен музички спектакл на 3 јули, кога ќе се одржи The Stars Symphony на градски стадион Петар Милошевски. Овој настан ќе го означи отворањето на Битолското културно лето – Битфест, и ќе биде вечер која долго ќе се памети.

Владимир Димовски, како дел од организацискиот тим задолжен за музичкиот дел, нагласи дека очекува незаборавен настан. „Лично, не паметам кога последен пат имало концерт на стадион во Битола. Овој настан ќе биде првиот од ваков вид и ќе го отвори патот за идни музички и културни манифестации од светски ранг. Нашата цел е да ги поместиме границите за организирање настани во нашиот град и да покажеме дека Битола може да биде домаќин на спектакуларни случувања на светско ниво.”

На настанот ќе настапат некои од најпознатите имиња на регионалната музичка сцена, за кои дополнителни информации ќе има во следните денови.

„Неодамнешниот концерт во спортската сала беше јасен показател дека нашиот народ сака ваков вид на настани. Имаше присутни од сите околни градови, што ни даде дополнителна мотивација и инспирација за организирање на концерт на стадион кој ќе биде поголем и ќе донесе народ од сите градови од Македонија,” додаде Димовски.

Настанот е во организација на општина Битола и Камерен Оркестар ⋮IWConnect и се очекува техничката опрема, сцената, осветлувањето, и звукот да бидат на највисоко ниво. Покрај тоа, овој концерт ќе биде и прв од ваков вид кој ќе вклучи забава и за најмалата публика пред настанот, преку игра и музика, односно мини олимпијада која ќе биде организирана во соработка со ⋮IWConnect.

Во следните денови ќе следи информација за продажбата на билетите, како и за целосната програма на двата настани. Ве покануваме сите да бидете дел од овој спектакуларен настан на 3 јули. Заедно ќе создадеме моменти кои ќе ги славиме и за кои ќе зборуваме уште долго, изјави Владимир Димовски, Камерен Оркестар ⋮IWConnect.

За повеќе информации и купување билети, посетете ги профилите на Камерен Оркестар на социјалните мрежи Facebook и Instagram.