Св. Петар и Павле с. Крстоар

Од мермерната плоча сместена над главниот влез на западната страна на црквата може да се распознае годината 1890, што се претпоставува дека е времето на изградба на црквата.

Црквата претставува мала трикорабна градба со полукружна апсида на источната страна и затворен трем на јужната страна. Врз југозападниот агол на храмот се издигнува мала купола, во која се наоѓа и црковната камбанарија.

Во внатрешноста на црквата се влегува низ нартексот, кој е издвоен од средишниот дел со преграда. Наосот е поделен на три кораби со два реда од по три столбови. Фрескоживопис во црквата има на сводот од средниот кораб и во олтарниот простор. Истиот бил насликан во 1896 година и на почетокот на XX век.

Иконостасот во црквата е составен од три реда на икони. Престолните икони се дело на Димитар Анастасов од селото Магарево, кои ги работел во 1891 година.

Царските двери, влезните врати во олтарниот простор, како и дел од иконите во горните редови, од 1906 година, се творби на Коста Николов од селото Лазарополе. Негови се и иконите на амвонот, кој е поставен на еден од северниот ред на столбови.
Од неколку престолни икони поставени на иконостасот во црквата може да се дознае дека селото Крстоар кон крајот на XIX век било именувано како Христофор.

Св. Петар и Павле – манастир во близина на село Црновец (Црнеец)

Манастирот Св. Петар и Павле во близина на село Црновец (Црнеец) е еден од ретките активни манастири во близина на Битола. Сместен во густа дабова шума, манастирот се наоѓа во непосредна близина на акумулацијата Стрежево.

Според плочата која се наоѓа покрај манастирската црква, манастирот постои на ова место од 15 век, а е обновен во 1999 година. На друга надгробна плоча веднаш до манастирската црква пишува дека манастирот е последно почивалиште на шест монаси од овој манастир кои бранејќи ја христовата вера, храбро ги положиле своите животи во 18ти век.

Гостопримливите монаси и грижливото локално население го прават овој манастир едно од омилените места за посета за сите добронамерници, особено во летниот период.

Извор и повеќе фотографии на Bitola.info

Параклис Св.Петар и Павле има пред влезот на Зоолошката градина во Битола.

 

Црква посветена на големите Свети Апостоли има кај Буковски гробишта. 

 

Црквиче св. Петар и Павле има во близина на с. Жабени, на самиот пат од Битола према грчка граница.