На оваа фотографија која датира од 1885 г. и е една од најстарите фотографии на битолчани е преставено староградското битолско семејство Наумови со прекар Гаскаровци, браќа трговци со текстил со дуќани во Безистенот.
Заедно со своите сопруги се фотографирани облечени во тогашната карактеристична битолска староградска облека. Нивното семејно огниште беше на Солунска бр. 215, под сегашен Камен мост.
Од четворицата браќа, едниот се викаше Петар и е првиот од десната страна горе, а најмладиот Михалаки е втор од лево. Седат родителите на четворицата браќа, со своите две снашки од страните, сопруги на двајцата браќа кои биле оженети за време на фотографирањето
Жената на Петар, Антина е со белиот фустан под него, кој стои на крајот зад неа. Антина почина во 1957 година, откако доживеа вечерта од балкунот да го види сателитот кој таа вечер се гледаше како се движи на ведрото небо помегу звездите. Од облеката се гледа во тоа време покрај пантолони, староградската машка свечена облека на побогатите слоеви се состоела и од еден крој како фустан, а на горниот дел елеци со џеб за џепниот часовник, кои се носеле над кошулата со невобичаена и широка јака.
Сите имаа битолско потекло. Од сеќавањата на Слободан Димитров, битолчанецот кој ни ги испрати овии фотографии, е останато дека неговата баба Антина знаеше грчки, влашки и француски, заедно со една од нејзините ќерки учеа во Француското училиште кај Калуѓериците (на помладите познато како поранешно Медицинско училиште, а на повозрасните како Домот на глувонемите пред да се пресели до денешното Замјоделско училиште).
“Кога ке дојдев од школо во осмолетката, баба ми ме преслушуваше за читање и превод на наученото.”- ни објасни Слободан.
Најмладиот од браќата се викал Михалаки и никогаш не бил оженет.
Правата куќа на семејството Наумови сеуште постои внатре во дворот на ул. Солунска 215 во Битола, продадена е во средината на педесеттите години од минатиот век, а денес на самата улица на таа адреса, на местото каде што некогаш беше влезната порта во дворот и оградниот зид према улицата сега има новоизградена куќа која од надвор е со немалтерисани тули.
Овие фотографии се снимени некаде околу 1885 година, кога битолчани се служеле со грчко писмо, а можно е и фотографот да бил од грчкиот дел на Македонија, кое се гледа и од писмото на самата фотографија, на која фотографот е деклариран како Георгиос Г. Луитас фотограф од Монастирион (Битола).
На фотографиите се гледа дека покрај машката долга фута во вид на фустан, машката облека се состоела и со широк појас околу кошулата впечатлив за тој период.
Преку фотографиите и ден денес ја осознаваме вистинската убавина од градското живеење кое беше присутно во Битола на крајот од 19ти и почетокот на 20ти век се до Балканските Војни и Првата Светска војна. Битола и битолчани беа на самата крстосница од сите овие настани заради што многу сведоштва повеќе визуелно ни се преставени за разлика од другите македонски градови, како што е овие стари фотографии од стара битолска фамилија.
Фотографија и објаснување Слободан Димитров на кого јавно му благодариме.