Во НОБ, граѓаните на Битола се најдоа свои на своето. Борбата против фашистичкиот окупатор, а за национална слобода и за сопствена, македонска држава, прерасна во општонародно движење што резултираше со создавање на првите народноослободителни одбори, како основни, но и највисоки органи на Новата македонска власт на одредено подрачје. Во Битола првиот градски Народно- ослободителен одбор е формиран во 1944 г. Народно-ослободителниот одбор функционираше врз принципот на единството на власта, односно на собраниско владеење: тој беше и претставнички орган, избран од граѓаните, што го сочинуваа определен број избраници и што донесуваше свои прописи, а
Истовремено вршеше и извршна функција и непосредно ја раководеше државната управа на подрачјето на градот.
Крајот на НОБ и Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, ја затекна Општина Битола со развиен систем на селски, градски и околиски НОО, а со конструирањето на АСНОМ во највисок орган на државната власт на Македонија, како федерална членка на Демократска Федеративна Југославија, HOO се поврзаа во единствениот систем на власта и натаму задржувајќи го статусот на основни органи на државната власт.
Таквата положба на HOO беше и уставно утврдена, со Уставот на ФНРЈ од 1946 година и Уставот на НРМ од 1946 година. Според Општиот закон за народните одбори од 1946 година, народните одбори претставуваа, истовремено и локални органи на државната власт во административно – територијалната поделба на општини и околии, но и највисоки органи на државната власт на своето подрачје.(1)
Од страна на локалната управа во 1944 година е донесен грбот на Општина Битола кој траеше се до 2006 г., а примерок од него моментално се наоѓа во депото на Битолскиот Архив.
На него на бела позадина од левата страна се наоѓа дел од народната носија, саат-кулата со планината Баба во позадина во средината на грбот , десно е столб од Хераклеја и грне, под кои се наоѓаат запчаници како симбол на индустријата и вода која тече која ја претставува реката Драгор, додека над сите е испишан датумот на ослободувањето на Битола, 4-ти Ноември 1944, над кој пак се наоѓа петтокрака ѕвезда како симбол на социјализмот.

Голема благодарност до Државен Архив Одделение Битола
(1) извор Монографија за Битола