Пред да се земеме со Мендо мој, ми вели мајка ми Цонка :

„Слушај ме Паце што ќе ти кажам, муцката ќе ти ја скинам ако не ја викаш свекрва ти – мама“ и додава „сега таа ќе ти биди како втора мајка , да си ја слушаш, сакаш и почитуваш “ !

Се занесе Цонка моја , сигурно се присети на онаа народната” Черешна се од корен корнеше” и додава: „Да си ги слушаш и золвата и најмалото деверче” оти Менде имаше помали брат и сестра . Не го спомена свекор ми а тој беше најдобар од сите горе наведени, на мравка не газеше, Божја бубалка. Добро де , те разбрав и велам за да ја сопрам да каже уште некој совет .

Сега не оти секој ден ја викам свекрва ми – мама, да речеме по еднаш од Ѓурѓовден на Митровден . И не се гушкавме секој ден , освен за некој роденден или кога ќе одевме на одмор . И одлично си функциониравме , да не речам скоро па идеално за нашава средина . Како се вели, криво седи, право зборвај . Ми ги чуваше децата кога со Менде мој одевме на свадби, крштевки, имендени, матури, забави и не дај Боже погреби.

Рачуно го добивав одма кога ќе се вратевме дома . Принцот на белиот коњ , мојот недоквакан Менде ( ова го кажвам само кога сум лута) , ќе шмугнеше во куќата и ме оставаше сама на бојното поле . Слушај Паце почнуваше „мама“ и секогаш истиот говор : Овие децава твои се големи угурсузи, едвај ги довардив , папсав од трчање по нив , капната сум , ќе ме споболат, притисоко ми го кренаа . Си го контролирам гласот и одговарам : Мама ( со нагласок на вториот слог), прво децата не се само мои , имаат гени и од твојот Менде, значи половина се негови. Како бонус додавам уште едно мама (пред очи ми е моја Цонка), многу пати ти имам кажано дека бев многу мирно и послушно дете , а колку што знам , Менде твој бил големо ѕенѕало и дерман немале комшиите од него.

Заради него скарана си со пола луѓето од Боримечка. Останува „мама” со устата подотворена на среде реченица , јас го користам моментот , се истегнувам и ја кревам главата, но не стигам ни до брадата на мојата втора мајка. Влегвам во куќата , вријам и ќе експлодирам како експрес лонец ( имам еден поклон од старосватицата ), но кога ќе го видам Менде стуткан на каучот, како накиснат , кажва нешто а јас од лутина ништо не слушам .

Паце душо моја, мајка ми е, не можам да ја сменам , лимон табиет и тоа ти е, смири се и те молам да и простиш . Со тоа „Паце душо моја”, нежноста во гласот и топлината во очите, ме купи Менде мој ми помина лутината и повеќе не ми беше ништо важно , пред мене седеше љубовта на мојот живот . Ја заборавивме и мама и целиот свет, во некој дел од мозокот ми се роди мислата дека љубовта и убавината ќе го спасат светот ! Романтика , што ќе кажете ?

Па сега вие како сакате викајте си ги свекрвите , вие ќе си решите,само имајте на ум дека еден ден некои од вас ќе бидат свекрви и ако имате среќа , може да ви се погоди снаа како Паце .

ПОСЕБЕН ПОЗДРАВ ЗА СИТЕ СВЕКРВИ ОД ПАЦЕ !

Анастасија Кокан Петровска