Маргарет Сусан Рајдер е родена на 3 јули 1923 г. во Јоркшир Англија. На 18 годишна возраст таа активно учествувала во Втората Светска Војна во воената мисија на специјалните сили на британската армија.

“Ние младите, тогаш се договоривме дека оние кои ќе ја преживеат војната не треба да подигнуваат скапи споменици на жртвите од фашизмот” – Живи Меморијали, рекла многу подоцна госпоѓа Рајдер.

Го направи нејзиниот прв “Жив Меморијал” – дом на жртвите од војната во Германија во 1945 година. Во Сафолк, Англија основа дом за преживеаните од концентрационите логори, за потоа да започне со обезбедување на нега на стари лица и инвалиди. Во 1953 година ја основа фондацијата Сју Рајдер.

Донирајќи средства од нејзината фондација овозможи отварање на установите Старски Дом во Битола, кој го носи нејзиното име, и Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско(1) кои успешно функционираат повеќе од 50 години. Во 1970 г. во домот во Битола се приклучуваат и милосрдните сестри.(2)

Организацијата Сју Рајдер работи со повеќе од 80 институции ширум светот, има околу 500 добротворни продавници на познати улици и повеќе од 8.000 волонтери.
Јавната Општинска Установа Дом за стари лица Сју Рајдер Битола е јавна установа за грижа и нега на стари лица. Дејноста на Установата е сместување на стари, изнемоштени и хронично заболени лица; возрасни и стари лица кои заради разни околности се нашле надвор од местото на живеење, без средства за живот или се без постојано сместување.

Установата има два павиљони во кои има 70 станбени единици во кои се згрижуваат корисниците на услуги, во зависност од нивната здравствена положба и пол.
Располага со сопствена кујна во која се приготвуваат 3 оброци дневно, сопствена перална во која се одржува хигиената на облеката на сите корисници, како и хигиената на постелнината и останатиот текстил кој е во функција на корисниците и вработените.(3)

Установата е реновирана и доградена во 2013/14 со средства од Општина Битола и ЕУ фондови.

Големата донаторка почина во ноември 2000 г.

Извори:

(1) Завод Банско

(2) Католичката црква Пресвето срце Исусово 1856-2006 отец Ристо Делијановски

(3) Дом Сју Рајдер Битола