hdr_vivid

Анета Светиева – редовен професор на Институтот за етнологија/антропологија на
ПМФ, УКИМ, Скопје (во пензија)

СЕМЕЈНИТЕ ПРЕДАНИЈА И ДОКУМЕНТИ ЗА БИТОЛСКОТО
СЕМЕЈСТВО ТОПАЛОВЦИ ОД 19 ВЕК ДО ДЕНЕС

Оваа сторија има своја четириесетгодишна историја на незадоволство од ретките и
несоодветни податоци што не беа доволни „основи за градба“ 2 . Некои сродници од семејството Топаловци по машка и женска линија, знаеја по нешто за настаните што во основа наликуваше на расфрлани трошки на земја. Но, како што животот е полн со непредвидливи ситуации, така и оваа сторија „реши“ да заживее кога веќе исчезнаа сите надежи дека тоа може да се случи. Преку ноќ ги снема четирите децении повторени пребарувања на податоци и документи за настаните, благодарејќи на еден
телефонски контакт со доктор Јован Топалоски, кој се претвори во вистинско откритие
бидејќи освен со медицина, тој се бавел и со истражување на семејната историја. На
неверојатен начин, тој исцртал, внел основни податоци, фотографии и друг вид докази
и создал една сложена мрежа на сродства што ја нарекол „КОРЕНИ“, почнувајќи од
најдалечните родоначалници, до денешни дни. Освен тоа, грижливо ги сочувал сите семејни преданија и друг вид документи што настанале во семејството, пред се
клучните делови од биографијата на неговиот татко Вељо Топалоски, што најдиректно се однесуваат на материјалот што е обработен во овој текст. Бидејќи се создадоа
неопходните услови, не постоеја повеќе пречки за „расплетување“ на животописот за Топаловци кој се однесува на втората половина на 19-ти век, што започнува во Дебар од каде кон крајот на 19-ти. и на почетокот на 20-ти век се преселиле во Битола. Важен
момент во обликувањето на оваа сторија е фактот што многу содржини излегуваат
надвор од посебното семејно значење и влегуваат во општата слика за животот на
народот во западниот дел на Македонија кон крајот на 19-ти и на почетокот на 20-ти
век.

Амбиентот на Дебар во 19-ти век, каде билe доселени, родени и живееле претците на родот Топаловци, се совпаѓа со времето на декаденција на Османлиското турско царство, кога контролата над големата турска територија била слаба во споредба со
претходните векови. Убиствaта во тој период не претставувле исклучок, туку секојдневие на едно време без правила и правда и со слаба заштита на христијанското и другото неисламско население. Понекогаш страдало и сиромашното албанско и друго немакедонско населенние од грабежи и оружје. Убијците исто така умирале на истиот начин на кој убивале, во меѓусебни пресметки, преку крвна освета, итн.
Најчести идентификации во тоа време за Дебар и Дебарско било „Арнаутлук“ –
придавка што произлегува од турското име за Албанија 3 , што се повторувало и за
други градови и села од територијата на западномакедонскиот појас. Според Ѓорче Петров 4 , во западната територија, гледано според текот на река Вардар, освен ретките
Османски Турци, Турци биле Албанците, или како што тој оригинално кажува
„Муслиманите Турци и Албанци се речиси слеани“ 5 .

Со нив биле одделни групи од нивните сојузници потурчените (Торбеши), додека во источнната македонска територија Турци биле Јуруците и дел од потурчените (Помаци).
Со причина се отвара прашањето како и од кои причини доминираат имињата Турци –
Арнаути и Арнаутлук во западно-македонскиот простор во 19 век. Најпрво, од
запамтените и запишани податоци, како и од други документи се гледа дека и царската турска контрола била многу слаба штом како главни актери во многу настани биле Албанците кои себе се нарекувале Турци, особено оние со државни функции, заедно со нивните помошници на теренот. Тој обичај произлегувал од турскиот „милет систем“ 6, според кој сите муслимани сунити и новоисламизирани во Царството имале право и обврска да се нарекуваат Турци. За разлика пак, сите со друга вера биле само
„неверници“. Ова основно начело на османлискиот државен систем, произлегло од верувањето дека само сите Турци заедно можеле да ја држат под своја власт огромната
територија на Царството, додека од „неверниците“ тоа не се очекувало. Но во втората
половина на 19. век во западно-македонскиот простор, веќе почнува покрај името
Турци, да се среќава се почесто името „Арнаути“. Тоа покажува дека тие веќе биле „заразени“ со европскиот концепт „народ-држава“ и стекнатото во турскиот период
почнале да го доживуваат како само нивно, било да се работи за територија, земја,
верски објект, лично богатство во злато, луксузни конaци, итн.
Зачетокот на идејата за држава/нација, се должи на Француската револуција (1789- 1795/99), кога се случиле големи промени и започнало создавање на нации-држави. Во конкретниот случај, одделни народи под турска власт се бореле и сонувале за
сопствена држава, додека начинот на владеење во самото Турско царство, ниту тогаш,
ниту подоцна не се променил во таа смисла, напротив. Царството продолжило да се
потпира на религијата што имала предност пред посебноста на народите, a самиот
начин на владеење историјата го третира како последна тврдина на феудализмот, до почеток на 20-ти век.
Денес е скоро заборавено на што се должела доминантната позиција на Албанците на посочената балканска територија во турскиот период. За разбирање на таа појава, најдобро е да се вратиме на херојското време на Османските Турци и нивната победата
над здружениот отпор на тогаш христијанскиот народ под водство на Скендербег.
Тогаш Турците ја освоиле старата албанска територија заедно со албанско-македонска
гранична западна територија, и нешто подоцна била извршена масовна исламизација со
намера да се пацифизира оваа бунтовна маса народ, како би можело во иднина секој
бунт да се третира како напад врз Царството и најоштро да се решава. Друг битен елемент во класичниот период (16.-17. век), била спецификата на класното турско општество. преку поделба на две класи – војници и раја. Во класата војници спаѓале
сите што учествувале во војните, како и оние кои извршувале разни работни задачи за
војската. По вистинското или формалното прифаќање на исламот, во класата војници
се приклучиле исламизираните Арнаути/Албанци кои станале глвни сојузници на
Турците во сите воени походи и тоа така останало до крај на Царството, иако меѓу
главната султанска власт и освоените права на Албанците повремено доаѓало до разни
судири. Факт е дека за време на вековите на трското владеење, сојузниците Албанци
амбициозно ги освојувале воените и административните позиции во највисоките степеници на турската власт. Според податоци од Петер Бартл, од вкупно 92 големи турски везири, меѓу 15 и 17 век, за дури 25 било познато дека биле од албанско (и само 19. од турско), потекло 7. Според истиот автор, како и според други автори 8 , на Албанците под турска власт им било овозможено од страна на Портата, значително да
ја прошират својата матична област со соседните делови на Србија и Македонија 9 . Овој
податок може да се констатира со помош на старите географски карти, односно со старата словенска топонимија до границите на река Шкумбина. На просторот на проширувањето на Албанците, течел процес на исламизација на неалбанското
население и понатаму турцизирање и албанизација на словенските и други неалбански
конвертити, што трае и до денешни дни 10 . Во таа смисла, може со голема сигурност да
се каже дека на просторот на тнр. Западен Балкан, Турците во османско-турскиот период, особено поединци со државни функции, биле главно Турци од албанско потекло. За воените заслуги на поедини Турци-Албанци, се применувал Законот на султанот, за наградување со земја од различен квалитет, главно тимари и зеамети. На таа земја наградените војници имале право да населат кого сакаат како работна сила.
Се подразбира дека доселените најчесто биле Албанци, што се потврдува и со истражувањата на Ѓорче Петров во Македонија во 19.век. Истовремено заслужните
Албанци добивале и титули за својата верност, како на пример аги, бегови, итн. На тој
начин бројот на Турците-Албанци и нивните придружници во овој дел на географска и етничка Македонија постојано се зголемувал.
Во 19-ти век, после искачувањето по царските скали на власта, Албанците кои постанале важни личности под заштита на Турците, почнале да се однесуваат како
единствени господари на западно-македонскиот простор и старото локално македонско, влашко, српско, црногорско и друго население од друга вера да го сметаат за слугинско, земјоделско, сточарско и недостојно за почит. Ѓорче Петров 11 , Васил
Кнчов 12 , Јаранов 13 и други балкански и странски автори, на многу места истакнуваат
дека старите локални жители биле принудени да ја трпат оваа двојна турско-албанска власт и да преживуваат главно со селидби, досетки, скриено оружје, комитска борба, вистинска понизност, глумење понизност и други слични понижувачки постапки.
Проблем било ако некоја христијанска семејна или пријателска група имала потреба да направи свадба, погреб, слава или било кој друг заеднички собир што подразбирало и
поголема врева. На тие собири доколку постоела забрана од страна на некој „важен“
поединец од градската турско-албанска власт, што доследно не била почитувана, лесно доаѓало и до убиства на невини луѓе. Постоеле редица забрани за да се потцрта
предноста на власта по однос на домородното слугинско население.

Во доменот на трговијата, занаетчиството, градбата на куќите, бојадисувањето и украсувањето, облеклото, боите, носењето оружје, итн., тие никако не смеела да се истакнуваат пред
Туците-Албанци, за да не го предизвикаат нивниот гнев. Истовремено се зголемувал и
бројот на незадоволни Албанци од понискиот општествен слој, кои не можеле да дојдат на регуларен начин до пари, туку тоа го надоместувале со кражби на цели села,
отмици на деца за пари, грабеж на каравани по патиштата и друг вид насилства. За да
биде поголема невољата на домородното население, турската власт (Портата) кон средина на 19 век донеле Закон со кој им се признала приватната сопственост на чифлиците доделени претходно на војници како награда за воени заслуги, како и земја насилно приграбена од домородните селани. Со тоа биле отфрлени старите закони
според кои наградувањето со земја било на времено користење и без право на наследување 14 .
Но и покрај сите несреќи, иселувањата и печалбарски живот на домородното христијанско и друго селско и градско население, неговиот број бил секогаш најголем, гледано според турските дефтери. Традиционалниот живот во етнички групи (Мијаци,
Брсјаци, Шопи, Мрваци и многу други, изразено според посебните елементи на локалната народна култура), се одвивал според законите на народното право, според народното христијанство и според нормите на традицијата во доменот на материјалната, социјалната и духовната култура. Во градовите живееле во посебни
маала според религијата, а во селата често живееле заедно со Албанците за што има
доста податоци, при што, иако во нерамноправни услови, сепак постоела взаемна солидарност. Во целосно христијанските села, се практикувала институцијата сејмени – чувари, без исклучок Албанци, кои биле обврзани со својата чест – „беса“ дека верно
ќе ја извршуваат својата должност. За верната служба добивале надомест во натура и
пари од селаните.

Во 19 век, потомците на некогашните дојденци – колонизирани Турци, кои биле
сопственици на чифлици и друг вид дарувани земјишни имоти како награда за воени
заслуги, постепено осиромашувале бидејќи биле навикнати да живеат од трудот на слугите и другите работници од редот на христијанската раја. Во таа смисла кон крајот на 19-ти век, нивниот статус во општеството, веќе не бил важен како во нивното
најславно и херојско време. Се повеќе имало примери на продажба на имотите (откако
со Закон биле признати за приватна сопственост) и заминувале во Истанбул – Измир –
Анкара, Бурса или други градски центри на изворните стабилни турски територии.
Во главни црти тоа бил амбиентот во Дебар во 19-ти век, во кој живеел Вело Гигоф –
главната личност на оваа сторија за Топаловци.

БИОГРАФСКИ ПОДАТОЦИ

Според преданијата во семејтвото Топалоски, забележани од Вељо Топалоски – внук на Вело Гигоф и негов истоименик, забележано е дека претците на Вело Гигоф се
доселиле во Дебарско пред повеќе од два века. Како дедо на Вело Гигоф, се спомнува
Лазор, кој го носел турскиот прекар „Топал“ заради пократкатата нога и кривењето
при одење. Според еден непроверен податок, тој пристигнал во Дебар од Измир –
Анадолија. Исто така, според непроверен податок, неговиот татко се викал Јован и
потекнувал од село Староец (Албанија). Но, иако порано во Албанија имало голм број
словенски топоними, моите истражувања за постоењето на село со тоа име беа неуспешни. Единствено село со тоа име се наоѓа во Порече, односно денес во Општина Вранештица во поширокиот кичевски регион на Р. Македонија. Селото Староец е
забележано уште во првите турски дефтери од 15 век.

Во семејните преданија за Лазор Топал, е забележано дека откако се доселил во Дебар, се занимавал со трговија на говедски кожи и опинци што му обезбедувало сигурна егзистенција бидејќи со исклучок на најбогатите Турци и Турци/Албанци кои носеле кожни чевли и чизми, сите останати носеле опинци. За него постои податок дека бил оженет и имал неколку синови и ќерки чии посебни податоци останале незабележани, освен податокот за неговит син Глигор (Гиго), кој исто така го носел прекарот „Топал“, но овој пат не заради некоја телесна мана, туку просто како познат и општоприфатен
семеен прекар. Гиго бил оженет и го наследил знаетот на татко му Лазор. Не се познати причините зошто се женел два пати. Но точно се знае дека негови деца од
првиот брак се: Вело, Ристе и Петко, и ќерката Цвета. Со втората жена биле родени
децата: Боге, Стрезо, Стојан, и ќерката Стефка.

ВЕЛО ГИГОФ 1835-1892

Вело бил роден 1835 година. Се издвојувал меѓу сите негови браќа и сестри, по својот капацитет во смисла на карактер и темперамент, памет, храброст, хуманост, досетливост, способност за работа и редица други позитивни особини што посебно се вреднуваат кај поединци за кои се вели дека успеале во животот.

ПОТЕКЛО И СРОДНИЧКА МРЕЖА

За свое време, Вело спаѓал во ретките писмени луѓе и тоа богатство успешно го предал на своите машки наследници, кои главно сите завршиле тогашни школи и гимназии во Солун. Учењето во посебни услови не им било забранувано ни на ќерките. Вело паралелно работел во неколку насоки: како трговец со кожи, трговец со жито, како и со абаџискиот занает што се одвивал во посебно одделение каде што работеле негови мајстори и калфи кои изработувале срмени елеци, зобанчиња 15 и други делови од инвентарот на дебранската женска носија, како и машки бечви, елеци, долами и други делови од инвентарот на машката носија.
Со тек на време важел за богат трговец кој поседува разгранета трговска мрежа што се одвивала на релација Дебар, Цариград, Битола. Во една прилика патувал дури до Виена што се сметало за редок подвиг бидејќи тој град се сметал за светски центар на
трговијата, образованието, културата и политиката. Патувањата на сите наведени
релации се одвивале со денови, според обичаите на тогашните кирaџии 16 , со многу
коњи, товари, и обезбедување од наоружаени вешти и храбри луѓе кои го бранеле карванот при што посебна улога имале заштитинците на Вело – неговите три сејмени/гавази – браќата Манјани 17 .
Браќата Абе, Суљо и Сало Манјан биле Албанци од албанското село Омеже, близу до село Селокуќи – Дебарско 18 . биле долги години верни на Вело Гигоф. Тој ги исплаќал секој месец за верната служба. Познато е дека за Албанците било важно народното право, посебно законот на Лек Дукаѓини. Според тој закон, за многу важни работи заинтересираната страна пред сведоци давала беса (alb. besë) – чесен збор/заклетва дека ќе постапува според договорот со другата страна. Тројцата сејмени на Вело му дале „беса“ дека верно ќе му служат и ќе го чуваат неговиот имот, неговото семејство и него.
Успешната трговија и приходите од абаџискиот занает за изработка на народни носии,
му овозможиле на Вело покрај имотите што ги имал во градот Дебар и околината, да
купи и два дуќани во Безистенот во Битола (1880), голем чифлик во село Бистрица во
1881-82, како и да изгради убава градска куќа во Битола, на познатиот центар Широк
Сокак, што постои и денес.

Истовремено редовно правел богати донации за изградба
на цркви и манастири, како на пример големи прилози за црквата Св. Богородица во
Дебар, за манастирот Св. Јован Бигорски, бил ктитор – дарител на 100 турски лири во
ѕидањето на манастирот во село Христофор – Битолско, а кога се ѕидала црквата Св.
Недела во Битола, Вело бил еден од најголемите дарители. Истовремено, на свој начин
се борел за христијанската вера, како и против грцизмот и грцизирањето на народот.
Во една прилика, во 1880-тите години, кога имало свеченост во битолската црква Св.
Богоридица, при што служба служел грчки владика, тој налутено скокнал, го фатил
владиката за брада и го истерал од црквата, со зборовите: ..„оди во Грција, бидејќи Битола не е грчка“! Битолски „гркомани“ веднаш го пријавиле кај дежурните турски
војници (тур.: каракол), но со пушките на готовс ги дочекале сејмените/гавазите на
Вело – браќата Манјани. Тогаш турските стражи се повлекле и го пуштиле Вело слободно да замине.
Во тестаментот што лично го напишал во 1884 година 19 , може да се види односот на Вело кон писменоста, дебарскиот говор и јазиците на соседите. Од содржината на тој текст и начинот на изразување произлегува дека тој природно го користел како
единствен свој израз мајчиниот јазик и говор што го научил во детството, односно локалниот македонски дебарски говор и дијалект 20 .
Со тоа покажал дека се гордее со својот јазик, што од друга страна значи дека бил патриот, го сакал своето родно место и својата поширока татковина Македонија што ја познавал преку трговската дејност и контактите со голем број луѓе. Исто така неизбежни се и еден број турцизми во западномакедонскиот народен јазик на Дебар и Дебарско, како и во Македонија и на Балканот под турска власт. Според објавените
податоци за јазичните особености на тестаментот 21 , авторот Димитар Димитровски
заклучил дека тестаментот е напишан со кирилски букви од руско-словенска редакција,
што, според авторот, се должи на врските на Дебраните со писменоста на манастирот
Св. Јован Бигорски. Исто така во содржината на тестаментот можат да се забележат и други животни ставова на Вело Гигоф, во поглед на неговата хуманост, грижата за
членовите од семејство, училиштата во Дебар, за сиромашните граѓани, како и за
односот кон верата, црквата и манастирот Св. Јован Бигорски што бил главен духовен центар на целиот простор на западна Македонија. Тој најправо одредил сума од (250 гроша) за сиромасите, а веднаш потоа исто толку пари за градското училиште, за
купување книги за сиромашните деца. За дебарската црква (Св. Богородица), (во оригинал „цорковта граска“), определил 1000 гроша и тие пари да се дадат со добивка (тур. фајде), за да се реновира/поправа (тур. тамир) црковната чешма, од добивката
(тур. фајдето). Побарал од своите во семејството, во манастирот (Св. Јован Бигорски, моја заб.) да се запишат три имиња – на неговиот татко, на мајка му и на Велојца и да се дадат 1500 гроша…итн.
Овој редок документ вреди одново да биде истражен и проценет во Институтот за македонски јазик, „Крсте Мисирков“ во Скопје. Но, и со досегашните истражувања од
1960 година, се добиваат корисни податоци што истовремено зборуваат за повеќе аспекти од животот во Дебар кон крајот на 19. век, како и за личноста на еден горд Дебранин – македонец и христијанин, кој без комплекси претставува човек од врвот на
социјалниот живот во Дебар, изложен на постојана опасност од дебарските Турци/Албанци кои претендирале да бидат единствени главни личности на дебарската
сцена.
Но, познато е кај нас дека успехот на поединецот тешко и ретко се простува или воопшто не се простува, посебно не кај оние групи кои мислат дека се „главни“ во општеството. Во времето кога живеел Вело Гигоф, гордоста и вештината на некој немуслиман „кавурин“ не се простувала посебно од луѓето од класата на турската власт – Турците и Турците/Албанци кои биле главни жители во некои градовите. Не
била помала и омразата и желбата да се скрши победникот и херојот на народот од неспособни македонски поединци – предавници, поради љубомора и незадоволство.
Желбата за освета се засилила кога во животот на Вело Гигоф започнала нова страна во
1870 година. Таа година, во Дебар – што спаѓал во најразвиени градови на тој дел од
Балканот, и пошироко во Дебарско, поскапело житото и бидејќи таа состојба не се поправила, почнала да се шири глад и загриженост кај населението. Таа состојба го
покренала Вело да направи свој план за излез од бедата. Неговото решение било да се набави жито од Битола каде пазарот му бил добро познат. За таа цел, Вело заминал за Битола и со помош на Власи од битолските села Магарево и Трново, организирал
секоја недела кон Дебар да тргнуваат големи каравани од 300 до 600 коњи натоварени со вреќи жито и пченка, обезбедувани од сигурна придружба. Во Дебар ги продавал житото и пченката напола поевтино од трговците Турци/Албанци. Според верата и верските закони на Османските Турци, за нив била единствена чесна работа да се живее од земја, а трговијата ја сметале за нечесна работа заради што им ја препуштале на немуслиманите. Но, времињата се промениле во 19. век, па трговската дејност на Турците/Албанци од Дебар, покажува дека тие не сакале ни да помислат еден „неверник“ да излезе прв тровец и попаметен од нив. Бесни поради успешната трговија и стекнатоте пари на Вело Гигоф, тие се здружиле со грчкиот владика Антим во Дебар и успеале со негова помош да го накодошат Вело на претставниците на турската власт. Дебарските војници (тур. каракол), го уапсиле и го спровеле со пранги на рацете и нозете во затворот во Битола. Со интервенција на Бугарската егзархија од Цариград, Вело бил пуштен после три месеци. Тој неуспех уште повеќе ги налутил дебарските Турци и Турци/Албанци што во 1892 година, на советување во џамијата, донеле решение да го убијат. За таа цел бил пуштен „диск“ – посебна чинија за собирање пари, до сите муслимани – Турци, Турци/Албанци и Албанци. На тој начин биле собрани 160 турски лири, доволно за да се пазари некој убиец да го убие Вело. Од овие податоци, може да се види дека џамијата во тоа време, исто како и денес, освен за верски, служела и за световни работи. Во таа ситауција, тројцата чувари/сејмени Манјани деноноќно го чувале Вело. Почнало упорно барање на убиец од стана на Турците и Турците/Албанци, но тоа се покажало како многу тешко и скоро невозможно. Оваа потрага по убиец траела до есента 1892 година кога бил пронајден убиец. Тоа бил злогласниот Албанец („шкиптар“ во дебарскиот говор ), на име Љам Сума од село Љузунија (во тогашна централна Албанија).

УБИСТВОТО НА ВЕЛО ГИГОФ И ЗАКОНОТ ЗА КРВНИНА

На 29 ноември 1892 година, Лам Сума го убил Вело во соседниот дуќан, каде што бил на разговор со неговиот пријател Куне Аговски. Тој ден требало да го заштитува
сејменот Абе Манјан, но Вело го испратил да го однесе неговиот син Трпе на очен лекар кој тој ден прегледувал во Дебар. Поради тоа, Вело останал без заштита.
По веста за убиството, браќата на Вело – Ристе и Петко ги земале пиштолие и пукале кон Турците/Албанци кои што се разбегале. Чершијата била затворена, и така
затворена останала во наредните четири дена во знак на протест о жалост. Од убиството на Вело Гигоф биле потресени и уплашени сите христијани од Дебар и од
Дебарско. Убиениот Вело, бил донесен во неговата куќа и сабајлето, на ден свети
Никола, бил свечено погребан со учество на христијаскиот дел од градот. Според семејните сеќавања, веднаш после погребот, по враќањето од гробиштата дома, станал гавазот/сејменот Абе Манјан и се обратил на ужаленото семејство, со следните
зборови: „За мене и моите браќа овде повеќе нема место за живот се додека не го пронајдеме и казниме убиецот на чорбаџи Вело“.
Потоа сите три браќа Манјани станале и се простиле од ужалени присутни и заминале.
Браќата Манјани, како искусни борци, знаеле дека оваа работа треба да ја започнат веднаш, додека целата атмосфера била исполнета со гнев и очај од една страна и радосна опуштеност од друга. Распрашувајќи се упорно и брзо, разбрале дека точното
име на убиецот е Љам Сумо, од село Љузанија, тогаш во централна Албанија. Веднаш се упатиле во таа насока.
Во тоа време, Албанците и Турците/Албанци, сеуште го прераскажувале народното
право, разните одредби за сите можни животни ситауции, составени уште во времето на Скендребег, од мудриот Лек Дукаѓини. Но со тек на време, врз основа на тие стари одредби, се надоврзувале и нови кои се прогласувале како општоважечки од страна на мудрите луѓе и советот на старците. Во објавената книга за законите на Лек Дукаѓини 22 , може да се види дека со тек на време се создавале нови или видоименети правила од „Законот“ во приличен број, па дури и во конкретната година на случајот со убиството на Вело, 1892. Видливо е од поновите закони дека се настојувало да се смали бројот на убиства по основ на крвна освета и да се пресметува оштеата во пари во вид на „крвнина“. Истата појава се среќава и во народното право на домородното македонско население, што оставило траги во народниот фолклор. За овој период со промени на Законот, карактеристично е дека недвосмислено се казнува крв со крв, кога син ќе ги убие своите родители, и слични такви екстремни ситуации. Тогаш дури и целото село учествувало во казнувањето. За другите случаи на убиство повеќе се размислувало за причините на убиството, за лицето кое го извршило, за семејството на убиениот и семeјството на извршителот, за сите поединости како и на кој начин тоа се случило и сл.
Дури, кога некое такво недело ќе се случело, на семејството на убиениот му се оставале 24 часа да го раши проблемот со осветата така како што сака. Потоа не смееле повеќе ништо да преземаат а извршителот се сметал за слободен, задолжен со одреден
надоместок во пари („крвнина“) за починетото убиство. Во смисла на досега изнесеното, настанале многу проблеми поврзани со убиството на Вело Гигоф од страна
на неговите сејмени, кои за неволја, во моментот на убиството не биле покрај Вело за
да можат да го заштитат и убијат убиецот на лице место. Но не е сосема расветлено дали луѓето целосно ги спроведувале промените, или по инерција се држале до постарите норми од Законот на Лек Дукаѓини, или пак истовремено се спроведувале
разни закони настанати во различно време, онака како било вообичаено во една
етничка заедница или племе/фис.
Кога браќата Манјани пристигнале пред нивите на кои работел Љам Сума, според важачките правила на „Законот“, кога се појавува и приближува некој кој директно не
е дел од настанот, тој треба да го скрие оружјето и доколку носи пушка, треба да биде
завртена со цевката надолу. Но, сејмените сакале да го предизвикаат убиецот и не се
покажале веднаш сите. Двајца од нив стоеле затскриени зад грмушка. Напред пристапил најстариот брат Абедин (Абе). За да го предизвика убиецот Љам, тој ја држел пушката обратно од правилата, со цевката нагоре. Меѓу нив започнала кавга со
зборови, приближно на следниот начин, според семејните преданија запишани од Вело Топалоски:
Љам осорно му свикал на Абе: „Еј ти Абедине, што си ја кренал така својата пушка, кога спрема законот на Дукаѓин, не беше во состојба да го сочуваш од смртта својот чорбаџија!“
Абе му викнал: „Вистина е, јас не бев во состојба да го сочувам својот господар, но те прашувам теба Љам, кога ти стана толку голем газда да ги имаш сите овие ниви?“
Љам одговори дека нивите ги купил од парите што ги добил за еден убиен каурин.
Абе му одговорил дека знае дека тој – Љам Сума го убил неговиот чорбаџија Вело. и од примените пари за тоа убиство ги купил нивите и направил чифлик. Но со тоа не го убил само Вело, ги убил и нив – тројцата сејмени Манјани и нивните семејства, бидејќи тие живееле од работата што ја вршеле кај газда Вело.
Истиот момент Абе ја свртел пушката кон Љам и испукал куршум во неговите гради.
Но иако го ранил, не го убил Љам Сумо бидејќи тој бил многу снажен човек. Ранетиот
Љам, скокнал, ја дограбил својата пушка и пукал во Абедин и тешко го ранил во десната рака. Од тој удар Абедин паднал на грб, а Љам скокнал со нож да му ја отсече главата.

Во тој момент двајцата браќа на Абедин – Суљо и Сало, кои посматрале скриени зад грмушка, скокнале и запукале со пушките на Љам Сума кој паднал мртов
врз градите на Абедин. Со истиот нож со кој Љам сакал да му ја отсече главата на Абедин, Суљо и Сало ја отсекле неговата глава и ја ставиле во зобница. Трупот на Љам го оставиле на земја, и со ранетиот Абедин на коњот заминале кон нивното село Омеже.
Со овој настан, била извршена крвна освета, без доследно почитување на народното
право во поглед на сите поединости на настанот, за што според обичајот решавале
старците, туку просто водени единствено според „говорот“ на дадената „беса“ и несреќна судбина заради смртта на нивниот чорбаџија кого никогаш не го изневериле, браќата Манјани, колку-толку си ја смириле совеста. Денот на осветата се паднал
точно на 40 дена на првата главна задушница на покојниот Вело.
Откако го оставиле ранетиот Абедин во нивната куќа во село Омеже, оддалечено
околу пет километри од Дебар, сејменот Сало Манјани се упатил во Дeбар да го донесе
доказот за осветата. Пред куќата на Вело стигнал околу 21:00 часот. Во тој момент, на големиот чардак на катот на куќата биле собрани сите најблиски од семејството и сите машки и женски роднини на покојниот Вело. Биле седнати околу големата софра,
вечерале и зборувале за тажната случка кога Сало затропал на вратата. Насобраните
околу софрата го слушнале тропањето, и се погледале маѓу себе, бидејќи било познато дека турската/албанска власт во Дебар, пуштале полиција (тур. заптии) при собири на жалост или радост кај видните дебераски граѓани – христијани. Влегувале и вршеле претрес барајќи оружје, комити и сл. Постарите луѓе на софрата сметале дека чукањето на портата е таков трик на градската власт. Но Петко – братот на покоен Вело, кој бил многу храбар, му наредил на својот син Аврам кој исто така бил храбар, да го земе „нагант“ револверот и да види кој чука на долната порта. Аврам слегол долу кај портата и видел дека таму стои гавазот Сало Манјан и бара да му отворат затоа што доаѓа да каже важна вест. Аврам се вратил горе кај насобраните околу софрата и ги известил за барањето на Сало. Сите се сложиле и го дочекале Сало околу софралникот.
Сало, со голема возбуда ја извадил главата на убиецот Љам Сумо од зобницата, држејќи ја високо за косите, и извикал на албански: „Вело е оживеан, платена е крвта на Вело“!
Потоа Сало раскажал за се што се случило и дека Абе (Абедин) седи дома тешко ранет во раката и чека помош. Домаќините му ветиле дека уште утредента ќе пратат лекар.
Сите присутни на задушницата биле трогнати. Гледајќи во главата на Љам, жените почнале да врескаат и да плачат, а мажите, на чело со Петко, возбудени до екстаза, скокнале да заиграат оро околу софралникот. Петко и наредил на својата ќерка Алтана, да го донесе од подрумот, фрленото дајре зад бочвите и да удира на него. Алтана, плачејки на глас, го донела дајрето, и пред уплаканите жени и возбудените мажи почнала да удира во дајрето тнр. „машко оро“. Ороводец бил Петко, братот на Вело, кој играл држејќи ја за косата главата на убиецот Љам Сума. Во орото биле фатени сите присутни браќа и блиските машки роднини. Овој тажен помен, машките го прославувале до зори, пиејќи и радувајќи се што е осветен Вело.
Утредента на ранетиот Абедин синовите на Вело му испратиле лекар и за лекувањето
му исплатиле 100 турски лири. Исто така на ранетиот Абедин му испратиле по сејменот Сало еден товар наполнет со разни дарови (тур. бакшиши).
Посмртните останки на Вело Гигоф, подоцна биле пренесен од гробот во Дебар, во манастирот Св. Јован Бигорски, бидејќи тој бил заслужен граѓанин со големи донации за манастирот.
Овој настан долги години бил предмет на разговор меѓу луѓето, особено меѓу битолските „гркомани“, кои Вело го нарекувале со неговото популарно народно име –Дебрели Вело. Случајот бил забележан и од страна на цариградската егзархија и од Светиот синод во Софија.
За Вело Топал, постои уште еден важен спомен, на фасадата и во внарешноста на куќа
во Битола, на ул. Маршал Тито 113/А. На мермерната плоча на фасадата пишува со
бугарска кирилица: Вело Глигоров Топал от Дебар, во 1892 г. – што всушност е годината на неговото убиство, иако можеби имало совпаѓање со годината кога била
изградена куќата. Во внатрешноста на куќата се чувала голема слика на „ДедоВељо“.

Подоцна, на две страни од весникот „Дебарски Глас„ настанот бил публикуван од
авторот Лазар Димитров, со наслов: Еден заборавен заслужен покојник дебранин, сп.
Дебарски глас, Софија, 1938, 2-3. За жал и покрај сите обидите од 2017 до 2019 да се пронајде тој текст, во содветните институции (библиотеки и приватни колекции) во Македонија и Бугарија, до денес беа безуспешни.

БИТОЛСКОТО СЕМЕЈСТВО ТОПАЛОВЦИ

По смртта на Вело, многу работи се измениле од корен. Започнале преселбите од Дебар во Битола што со разни прекини траеле од 1893-94 година до 1941 година.
Најпрво Велојца (вдовицата на Вело), со керките Софија и Ангелина, околу 1893/94 се
отселиле од Дебар во Битола. Внукот на Вело и негов истоименик – Вељо Васил Вељов
(од 1955-56 со презиме Топалоски), веќе живеел и работел во Битола од 1922 година
Тој во 1926 година го донел во Битола и неговиот брат Методија. Во 1928 година Вељо
ги преселил од Дебар во Битола својата мајка Ана и сестрите Љубица, Стефка и
Голубица.
Ќерката на убиениот Вело Гигоф, Елисавета која се омажила за Спасе поп Тасев, го
напуштила Дебар и се преселила во Битола во 1930, после смртта на мажот и Спасе.
Најстарата сестра на Вељо Васил Вељов (Топалоски) – Евдокија, останала најдолго во
Дебар заедно со својот маж Богдан Куновски, и се преселиле во Битола дури во 1941
година.
Главна причина за селидбите била да го избегнат гневот и теророт (тур.зулум/зулуми) на Турците/Албанци од Дебар.

Од моментот на доселувањето во Битола, започнуале да функционираат како битолски
семејства. Двата брата, Трпе, роден 1871 и Васил, роден 1877, имале завршено битолска и солунска егзархиска гимназија, за што потврдуваат нивните свидетелства.
Во Битола Трпе се оженил со Ленка и од тој брак имал две ќерки – Зора и Нада. Трпе бил убиен на неговиот чифлик во 1915 година, на возраст од 44 години. Настаните
поврзани со тоа убиство, не се познати. Според времето по Илинденското востание,
може да се сомнева во тогашните пресметки меѓу „Грци’ (Грко-Власи) и
„Бугари“/односно Македонци – верници на бугарската Егзархиската црква. Како што
би требало да му биде познато на секој Македонец, нашите претци сите биле во
одредени периоди Бугари, Срби, Грци, итн., во зависност од пропагандите, туѓите
верски институции и видот на окупацијата. Сепак, и во тие услови, успеале да ја
зачуваат својата богата автентична, домородна култура, пред се својот македонски
јазик.
Неговиот брат Васил, се оженил за Ана Поп Тасева од Дебар. Бил учител во Неврокоп
и Воден од каде избегал 1906 година поради заговор на Грците да го убијат. Бил професор во тнр. „Девическа (женска) егзархиска гимназија“ во Битола во 1906/1907
година. Но бидејќи во тоа време биле скоро секојдневни убиствата на познати личности од значење за борбата на македонскиот народ за автономија и слобода, што
ги извршувале главно Грци и Грко-Власи, тој одлучил да се врати пак во Дебар. Заради тоа, некои од неговите деца биле родени во Дебар, како на пример 1905 синот Вељо – подоцна автор на биографијата на Вело Гигоф. Неговиот татко Васил, починал во 1918 година, на возраст од 41 година. Во семејството постоело сомневање дека бил отруен. После смртта на Васил, неговото семејство нагло осиромашило. Најпрво, причина за осиромашувањето на наследниците на Вело Гигоф, биле нападите и грабежите на еден турски/албански насилник, по име Али Пустина. Тој набрзо по убиството на Вело Гигоф, со сила одземал од Велојца (жената на пок. Вело Гигоф), голема нива, според народните мерки „од 3 товари семе“. Истиот тој ги присвоил и нивите на Ристе, братот на покоен Вело, и си направил цел чифлик. Тој Али Пустина бил убиен. Од страна на неговите наследници, обвинето било семејството на Васил. Васил со синовите, се бранеле дека на ниту еден начин не биле замешани во тоа убиство. Напротив, до семејството стигнал глас дека Али Пустина бил убиен од српската војска. Сепак, наследниците на Али Пустина барале крвнина од Васил.
Иако Васил ненадејно починал 1918 година, наследниците на Али Пустина продолжиле со заканите до машките наследници од семејството на Васил, така што
сите постојано биле уплашени за својот живот и имот. Таа состојба придонела за
донесување на брзи одлуки за напуштање на Дебар. Во наредниот период 1919-1922,
синот Вељо заедно со мајка му Ана често оделе во Битола, барајќи излез од тешката
финансиска ситуација во Дебар. Таму се судриле со последиците предизвикани после
смртта на Васил, со беспарица и со голем број неразјаснети случки и сомнежи.

Што се однесува до презимето „Топалоски“, тоа била дамнешна желба на Вељо Васил
Вељов во смисла на поврзување со корените на семејството. На негова иницијатива тоа презиме било озваничено и во државните матични документи во 1955-56 година.
Со таа постапка бил воспоставен семеен континуитет, од времето на Лазор „Топал“ – дедото на Вело Гигоф, до денешни дни, иако во популарното именувањето на
припадниците на тој сој по машка линија, во текот на годините никогаш не се изгубил
дамнешниот прекар „Топал“/„Топаловци“. На тој начин било создадено семејно презиме по европски модел, и била прекината турската традиција, покрај името на секое родено машко дете да стои името на неговиот татко, како доказ на непосредното
потекло.


 

Факт што им е познат на Битолчани и на редица други истражувачи е дака бројни
битолски семејства се доселени во посочениот историски период од западниот дел на Македонија, посебно од дебарскиот и мијачкиот крај, баш поради тешките услови и
опасноста по животот и имотот поради односот на големиот број Турци-Албанци кои
се однесувале како единствена власт, како и бројни албански дружини од пасивните
албански планини кои се бавеле со градежно стопанство. На тој терен делувале и дружини кои потекнувале од доселениците Албанци кои на тој начин обезбедувале егзистенција, па и на нивните сојузници – поретките групи на локални „торбеши“ кои
се занимавале со истиот „занает“ на грабежи и малтретирање, според записите на

Ѓорче Петров од 1896 година, и други автори. Наведените тешкотии биле причина и за
масовното заминување на печалба на машкото население од овој дел на Македонија од кои еден дел отсуствувале сезонски а други трајно останувале во земјата на
печалбарството. Оние печалбари кои се враќале назад, при повратокот во татковината
ризикувале да бидат ограбени и убиени од истите оние од кои морале да заминат на
печалба. Освен тоа, во самото место каде живеело нивното семејство, разни лихвари
им ги одземале тешко заработените пари врз основа на долговите што (наводно) ги
направило семејството додека мажот/мажите бил/биле на печалба.
Овие мачни и тешки векови и години, цели групи „нашинци“ – православни и муслимани, заминувале во други делови на Македонија и таму формирале нови населби на доселеници од западна Македонија. Истовремено, многумина заминувале
во трајни имиграции во Бугарија, Србија и други балкански земји, како и многу подалеку во Европа и во прекуокеанските земји каде со тек на време ги повлекувале и
своите семејства.
Во врска со изнесените податоци за Вело Гигоф – неговиот живот во Дебар, неговото
убиство, преселбата на неговото семејство во Битола и во таа смисла постанокот на
битолското семејство Топаловци, се издвојуваат две главни причини: 1) Несигурноста
за животот и имотот во Дебар во наведениот период, и 2. – Статусот на град Битола
како конзулски град, со подобро организиран градски живот, не само со државни
институции, туку и со јавен градски живот во поглед на чаршијата, образованието и
градските навики на локалното битолско население. На тој начин, „нашинците“ кои не
биле дел од тогашната власт, сепак успевале храбро да се пробијат низ животот, макар и под закана на уништување.
Исто така може да се констатира дека сите од сродничката мрежа „Корени“ од родот Топаловци по машка и женска линија, чиј автор е доктор Јован Топалоски, создале
семејства и имале многу деца, кои исто така понатаму создале семејства со многу деца.
Приближно, без поединечно броење, може да се види дека во „Корени“ се содржани
податоци за околу 1000 лица. Во периодот на Балканските војни, Првата и Втората светска војна, и повремено се до денешни дни, делови од семејствата се распрснале на многу страни, буквално низ целиот свет. Сепак, еден дел од првите Топаловци кои
постанале битолчани, како и нивните наследници кои се родиле во Битола, останале да
живеат во Битола. Дури и тие што се преселиле во Скопје и други македонски градови
како и во поранешните југословенски градски центри, не ја прекинале врската со
Битола и секогаш престојувале во посета и уживале да се сретнат со роднините и да се
шетаат по „Широк Сокак“.
Меѓу другото, овој вреден и достапен документ, покажува колку е нелогична
постапката и желбата на некои насилници од надвор и од внатре, дека може лесно да се избрише македонскиот народ, за кој не случајно настанала мудрата мисла на писателот Петре. М. Андреевски, дека македонскиот народ е како „пирeј“ што постојано се обновува и покрај упорните обиди да се уништи.

ЗАБЕЛЕШКИ

2 Тодорка Хр. Дога, Тестамент на Велјо Гигов Топалоски, Прилози бр. 1, Научно друштво, Битола, 1960 47-48 – со прилог за јазичните особености од авторот Димитар Н. Димитровски, „Некои јазични
особености на тестаментот“.
3 Abdulah Škaljić, Turcizmi u srpsko-hrvatskom-hrvatskosrpskom jeziku, Sarajevo, 1985, s.v Arnautluk
4 (Ѓорче Петров), Материали по истражуването на Македония, София, 1896 (посебно во делот
„Топографија“.

5 Ѓорче Петров, Материјали по изучувањето на Македонија, Единстрена Македонија, 2015. – 484 стр. (Превод, уредништво и предговор м-р Марио Шаревски); стр. 331
Оригинал: (Ѓорче Петров), Материали по изучванието на Македония, София, 1896 (посебно податоците во делот „топографија“). – натаму во текстот – само „Материали….
6 Abdulah Škaljić, Turcizmi u srpsko-hrvatskom-hrvatskosrpskom jeziku, Sarajevo, 1985, s.v milet m (ar),народ, религија

7 Петер Бартл, Албанци, Београд 2001, 51 (Оригинал: Peter Bartl, Albanien, Vom Mitteralter bis zur Gagenwart, Verlag Friedrich Pustet, Regensburg, 1995
8 Блаже Ристовски, Македонската кауза –Реагирања-Полемики-Интервјуа, Скопје 2003,562
9 Истото, 49, 59
10 Истото,61
11 (Ѓорче Петров), Материали … (на повеќе места). Истиот автор под псевдоним: Г. Тосков, Тетовските паши, Сборникъ за Народни умотворения, наука и книжнина, кн. XI София, 1894, 404-422
12 Кънчов Васил, Избрани м произведения, т. 2, София, 1970
13 Яарановъ, Д., Преселническо движение на българи отъ Македония и Албания кямя източните български земи през XV до XIX векъ, Македонски прегледъ, VII, 2-3, София, 1932, 63-118

14 Климент Џамбазовски, Културно-општествените врски на Македонците во Србија во текот на 19. век,Скопје, ИНИ, 1960, стр. 8

15 Зубун/Зобан (ар.) горна облека од сукно со кратки ракави или без ракави што сеносел од страна на мажите и жените. Abdulah Škaljić, Turcizmi… (нав. дело), sv. Zubun
16 Кираџии – пренесувачи на товари. Abdulah Škaljić, Turcizmi… (нав. дело), sv. kiridzija/kiridziluk
17 Семејното име/презиме Мањани во семејните преданија е оформено според документ од поч. на 20век, копиран од Архивот на министерството за надворешна работа на Русија, каде се спомнува Мурат Манјан од село Омеже. https://denesen.mk/ekskluziven-dokument-za-albanskiot-teror-vo-zapadna-makedonija-od-1900-do-1904-godina/
18 https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D0%BA% D1%83%D1%9C%D0%B8

19 Димитар Н.. Димитровски, Некои јазични особеноси на тестаментот. Прилози, Научно друштво,Битола, 1960,
20 Божидар Видоески, Дебарските говори, сп. Македонски јазик, Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“, XIX, Скопје, 1968, 59- 97 + 30 карти на говорите
21 Димитар Н.. Димитровски, Некои јазични особеноси на тестаментот.., н.д.

22 Н.д.: Канонот на Лек Дукаѓини, Тетово 1994