На репка одевме сите од улицата. За потребите на Шеќераната селаните садеа огромни количества на шеќерна репка. Организирано, со камиони, носеа сезонски работници на ретчење. Се договоривме да спечалиме некој динар. Кога ме запишуваше одговорниот, изненаден од презимето, два-три пати ме праша.
– Лијакова, како те пуштил татко ти хирург на репка?
– Ете, така, за друштво- му одговори Марето на Митревци. – Таа е на доктор, нежна, ама сака да работи со нас.
Видов дека титулата, позицијата се ценат. Ми дадоа да им носам вода на работниците. Тоа беше најлесната работа.
Во конзервната фабрика тргнав со жените на чистење боранија, грашок, черешни, вишни, кајсии. Стражарот Гуле ме запре и ми кажа дека немам право да работам бидејќи малолетна. Но, јас здогледав еден млад службеник кој се викаше Благој. Убав како слика. Ме потсетуваше на Тони Кертис, тогаш актуелен глумец. Го завикав со тоа име.
Очигледно му годеше. Сфаќајќи ја мојата преголема желба
за работа ми дозволи да пробам. Кога видоа дека сум работлива и дека исполнувам норма како жените, не само зајавија да работам, туку ме ставија бригадир. Во конзервната фабрика работев преку цело лето. Таму изведував триста глупости и ги засмејував вработените. Се пикав во бурето, ќего затворев капакот и блеев како јагне. Кучето на стражарот Гуле ме тркалаше по сиот двор. Со Тони Кертис останавме доживотни пријатели. Каде да се сретневме низ градот, со респект се однесував кои тој вистински извонреден човек.
Во улицата минуваа производители на тутун. Нудеа кој сака да ниже. Славка Кучкарка ако земеше еден кош, јас веднаш земав два. Моите другарки и другари од маалото, додека јас се вратам од конзервната, долу, во визбата, нижеа. Им купував семки, леблебии за занимација. Поседнати на черги, моите вредни комшиски деца со душа чекаа да се вратам од конзервната. Им носев сливи, праски, кајсии. Еднаш ми дадоа две тегли слатко од смокви. Рефик, што го носеше тутунот, ни даваше игли и коноп. Низите ги правевме по мера. Ми плаќаа на низа. Не можам да се сетам колку пари беа, но знам дека од тие пари си купував книги, алишта, потребштини. Умираше Кучкарка од инает што до доцна навечер нижевме по два коша тутун. Им нудеше на децата да им дава пари кај неа да нижат. Но, прави другари беа. Не сакаа да заработаат пари, туку го ценеа моето другарство. Исто така, знаеја дека мојата потреба е вистинска борба за опстанок. За зимскиот распуст одев на тутун калапење. Ги сортиравме и пеглавме листовите по големина, боја и квалитет. Рефик и Најле беа Турци, млад брачен пар. Живееја на Илинденска улица, под Баирот. Имаа две деца од кои едното беше бебуле. Кај нив за првпат јадев јадење приготвено од слануток, леблебија со пастрма. Толку ми се слади што и се пофалив на мајка ми. Таа не знаела како се приготвува, но на некој начин се потруди да направи. „Ја начека со нејзините“, ме зафркаваа децата. Кога се навраќам на овие моменти, посакувам да најдам тутун и барем една низа да нанижам.
Осмолетка завршив во „Тодор Ангелевски“. Од петто до осмо одделение класен раководител ми беше Перо Пешата, кој истовремено предаваше физичко. На час по фискултура, кога изведувавме одредени вежби, ни одбројуваше со: еден два-три, два-два-три, крени ја, Петро, ногата, три-и два-три. Тоа редовно на шеговит начин го правеше, за што наместо Перо го викавме „Петра“.
До старата училишна зграда изградија нова, пространа зграда. Модерна. Наместо служителот Тефик, кој со рака го удираше звоното пред и по часовите, спроведоа електрично звоно. Повеќе предмети, повеќе наставници, многу нови другарчиња. Некои од четврто одделение ги однесоа во други класови, некои дојдоа од кај други учители, учителки. Без разлика на тоа, брзо станавме другари. Разните школски активности во овие четири години ни овозможија да можеме да се вклучиме во многу секции, литературна, драмска, ликовна, рецитаторска. Младиот учител по македонски јазик, Никола Христовски ме вклучи во литературната секција. Препознавајќи го мојот талент, бев рецитатор, „конферансие“, водител на школските приредби. Во училишното списание објавувавме творби. Недвојбено, за пофалба е тогашното образование. Имаа беспрекорно воспоставени методи на едукација. Така, до осмо одделение имавме час по домаќинство, два пати неделно. Злата Иванова, учителка по домаќинство, не учеше основни работи. Да се закрпи копче, скинатица, подраби подогир. Научивме везови, ажур, всушност, елементи кои денес со леснотија ги работиме. Во гимназија се стекнав со многу вредни другарства. Македонски јазик ми предаваше професорот Љубе Настевски. Класен раководител ми беше Лилјана Попова. Адолесценти, окупирани со изгледот, вљубувања, солзи за неостварена љубов. Бегање од часови. Лудории кои по законот на природата несомнено се јавуваат во тој период.
Извадок од книгата “Огледало на животот” Љиљана Томичиќ
Фотографии од битолската Шеќерана на Љупчо Николовски, Битолски Весник и од книгата на Доц. д-р Никола В. Димитров “Битола – урбано географски развој”