Седум години – бројка која не е само календарска марка, туку симбол на истрајност, зрелост и успех. Во светот на мали урбани бизниси, особено во град како Битола каде што префинетиот вкус и традицијата одат рака под рака, да се опстане и да се прерасне во бренд – значи многу. Токму таква е приказната на Трицикло Кафе, првото мобилно кафуле кое веќе седум години е нераскинлив дел од градскиот ритам, лоцирано во срцето на Градскиот парк. Од едно мало трициклo со кафе и сок, до препознатлив симбол на летна разладувачка радост – ова е нивната приказна, раскажана лично од основачот Кристи Стојановски
Како ја добивте идејата за Трицикло Кафе?
Уште на 18‑годишна возраст сфатив дека на Градскиот парк му недостига место за добро кафе и освежување. Битолчани се вистински кафе‑гурмани, па ми беше желба да им понудам квалитет на локација каде што доаѓаат да се релаксираат. Целта ми беше да создадам препознатлив бренд токму во овој зелен оазис.
Зошто избравте токму трицикл како форма на работа?
Сакав да донесам нешто ново што го немаше во Битола: мобилно кафуле кое секоја вечер се „гаражира“, а преку ден служи како мала атракција. Почнавме со едно трициклo за кафе и цеден сок; идејата веднаш наиде на одличен прием кај граѓаните.
Како изгледаа вашите почетоци на Шеталиштето во Битола?
Идејата беше моја, инспирирана од братучед ми Кики, а името го смисли мајка ми. Почетоците беа тешки, но поддршката од сограѓаните беше „ветер во грб“. Од прв ден работиме со оригинално Segafredo кафе, за да ја задржиме довербата на битолчани.
Што се промени за овие седум години постоење?
На првото трициклo денес му се придружени уште две: Трицикло Панкекс (холандски палачинки во 10 топчиња со различни преливи) и Трицикло Ајскрим (наш сладолед по италијанска рецептура, со вкусови како киндер буено, шумско овошје, дубаи со кадаиф и ф’стак).
Кои производи денес ги нудите покрај кафето?
Покрај еспресо, макијато и фредо, нудиме свежо цеден портокал, домашна ладна лимонада, споменатите холандски палачинки и повеќевкусен сладолед, а од неодамна и милк‑шејкови.
Кој е најбараниот производ кај вас?
Сè се бара! Класичното еспресо и макијато се постојан хит, но во лето цедениот портокал и лимонадата доминираат преку ден, додека навечер палачинките и сладоледот се омилен десерт.
Кој тип на луѓе најчесто застануваат кај Трицикло Кафе?
Буквално сите генерации: од најмалите што трчаат по лимонада и сладолед, преку родители со деца, до постари наши сограѓани кои уживаат во шеталиштето и зеленилото.
Што, според вас, го прави вашето кафе поразлично од другите?
Континуитетот во квалитетот. Седум години работиме со истиот премиум бренд кафе и внимателно чуваме секој детал во подготовката – битолчани имаат префинет вкус и веднаш препознаваат вистински квалитет.
Имате ли анегдота или интересен момент што би го споделиле?
Има многу! Најчесто се смееме кога некој ќе порача „црвена лимонада“ мислејќи на сок од боровница или „макијато без млеко“. Веселите недоразбирања се дел од шармот на паркот.
Колку е важно да се биде дел од урбаното секојдневие на Битола?
Пресудно. За битолчани кафето и прошетката по Широк Сокак или во паркот се вистински ритуал. Нашата мисија е да го збогатиме тоа искуство со квалитетна напивка или десерт.
Кој е вашиот личен омилен пијалок или крофна од понудата?
Моето фаворит-комбо е фредо еспресо со свежо цеден портокал, а од сладолед – „дубаи“ со кадаиф и ф’стак.
Дали имате планови за проширување или нови проекти?
Секако. Имам многу идеи – не се плашам од конкуренција ниту копирам некого. Брендот е заштитен и целта е да излезе надвор од Битола, но секогаш по истите стандарди.
Како гледате на иднината на Трицикло Кафе?
Го замислувам како синџир мобилни трицикли во повеќе градови, но секогаш со корен во Битола. Верувам дека квалитетот и оригиналноста ќе нè водат уште многу години.
Колку е предизвик да се одржува ваков мобилен бизнис во Битола?
Голем – затоа што сè е создадено со труд и љубов. Кога маката и задоволството се спојат, успехот е неизбежен, но бара постојана посветеност.
Што би им порачале на вашите верни муштерии по повод 7‑годишнината?
Од срце ви благодарам што сте дел од нашата приказна! Трицикло Кафе ќе продолжи да работи за вас и никогаш нема да ја изневери довербата што ни ја давате. Секогаш сте добредојдени во Градскиот парк – на добро познатата локација на Трицикло Кафе.