На една страна од Битола под Баба Планина во црквата “Свети Атанасиј” постојано се наоѓаат весели и расположени посетители. Ги користат прекрасните излетнички терени околу неа, се рекреираат. Црквата се наоѓа во местото викано Смолево, меѓу селата Буково и Лавци но малкумина знаат дека таму некогаш постоело селото Смолево. Жителите се иселиле, а останале само ливадите, рекичката и црквата за која сега се грижат жителите од село Лавци.

– Старите раскажуваат дека смолевци заминале. Нивните потомци се на разни страни. Ние ја заштитивме црквата со донации и хуманитарни акции, изградивме камбанарија, чешма, поставивме клупи. Ќе изградиме и конаци. Луѓето навикнаа да доаѓаат кај “Свети Атанасиј”. Селото го нема има само дел остатоци од него, но остана црквата – вели Темелко Ѓорѓиоски, кој 15 години се грижи за неа. Од него дознаваме дека средства за камбанаријата додели Пандо Бабамовски од Австралија  .

Меѓу присутните постојано има и деца. Постарите им раскажуваат за некогашното село Смолево. Ако не беше црквата, можеби и не ќе беа спомените за Смолево.
Петар Ставрев, Вечер