Sakam da ostanam

Во саботата на 30-ти ноември во хотелот Квинс во Скопје движењето за подобрување на условите за живот на младите #СакамДаОстанам и официјално пред многубројните гости се претстави во формална улога како невладина организација. Во склоп на целиот настан главна улога имаше доделувањето на главните награди за средношколскиот конкурс за краток есеј.


Добитници на лаптопи беа Магдалена Антовска Анастасија Младеновска и Ана Марија Наумовска чии есеи беа избрани како најдобри од сите преку 150 доставени. После доделувањето и пригодната церемонија следуваше неформално дружење на средношколците од цела Македонија кои беа присутни на настанот со нивните ментори.

Во вториот дел од настанот пред гостите, соработниците и сите заинтересирани невладината „Сакам да останам“ ги презентираше досегашните резултати и акции кои ги презеде, а и идните планови кои треба да ја доближат иницијативата до оние за кои е покрената – младите.

Од „Сакам да останам“ ветуваат дека во наредниот период ќе се посветат на теренската работа заедно со средните школи и факултетите како и со сите кои сакаат да се дел од ова движење до цел да се лоцираат проблемите на младите и во соработка со приватниот сектор и државните институции да се слушне гласот на младите.

На настанот пригодни говори одржаа и членовите на „Сакам да останам“. Зад иницијативата со поддршка застана и најголемиот приватен работодавач во земјава „Кромберг и Шуберт“ од Битола кои искрено веруваат во заедничката работа за подобрување на животот на младите овде, во Македонија.“