Филмот СТРАХИЊА БАНОВИЌ (ДОДЕКА МОЖАМ ДА ОДАМ)/STRAHINJA BANOVIC (AS FAR AS I CAN WALK) на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ е умешно реализиран како поетска приказна за вечната тема на патувањето во потрага по подобар живот, но на моменти и како документарен приказ на судбините на бегалците од африканските и блискоисточните земји кои во современиот свет се придружени со неверојатно суров и трагичен елемент. Синоќа публиката на „Браќа Манаки“ можеше да го види филмот на Арсенијевиќ, а денеска тој на прес конференција со новинарите откри детали за снимањето, инспирацијата, соработката со кинематограферката Јелена Станковиќ…
-Драго ми е што филмот е селектиран на ИФФК „Браќа Манаки“ и тоа пред да ја добие наградата во Карлови Вари. Овде бевме за прв пат пред 20 години со студентски филм кој беше награден и се вљубивме во Фестивалот и во Битола и повеќе пати доаѓаме на фестивалот и нашата голема желба да имаме филм во конкуренција за главната награда се исполни годинава, рече Арсенијевиќ.
Главниот лик на овој филм, иако е бегалец од Африка кој решава да остане во Србија, сепак повторно влегува во ризична авантура и поаѓа на патот на бегалската рута кон Западна Европа, решен да ја најде својата љубов.
-Белград се наоѓаше на рутата на бегалците и бевме сведоци како секој ден минуваа низ него стотици мигранти и ги гледавме тие загубени луѓе по улиците и имав чуство дека како филмаџија треба нешто да направам за оваа најголема мигрантска криза по Втората светска војна. Во исто време размислував за некоја модерна верзија, филмска адаптација на песната „Бановиќ Стахиња“ и тие две работи се споија во едно. Тие се луѓе исто како нас, добар дел од нив беа прилично образовани, но биле приморани да ги напуштат своите домови. Конкретно инспирација ми беше едно момче од Гана , чија приказна е идентична со главниот лик во филмот. Го учи јазикот, се обидува да остане во Србија, тренира за еден локален клуб но не може да игра бидејќи нема државјанство…Проблемите на главните ликови во филмот не се мигрантски, тие се љубовни, сакав да покажам дека и тие се луѓе и имаат некакви љубовни проблеми, дека мигрантите не се сведени на идентитет мигрант, дека тоа е понижувачко, раскажа Арсенијевиќ.
Кинематограферката Јелена Станковиќ е заслужна за прекрасната визуелизација на оваа хуманистичка љубовна приказна, за што беше наградена од жирито на филмскиот фестивал во Карлови Вари.