Еден од ретките високи османлиски службеници кои службувале во Битола, а зад себе оставиле траен белег врз градот бил и Абдул Керим паша. За валија бил назначен на 20-ти април 1895 година и веднаш се зафатил со реформи кои му дале поинаков „модерен“ изглед на Битола. Во негово време бил уреден голем дел од коритото на реката Драгор, започнал потфати за градска канализација, била поставена калдрма на неколку улици, било исушено блатото пред касарните и започнало обикувањето на идниот Градски парк. Биле подигнати повеќе значајни јавни објекти, како: библиотека, болница за сиромашни, лудница, рибниот пазар, многу дуќани покрај реката драгор итн.
Во негово време е подигнат комплексот објекти во централното градско јадро во кои спаѓале хотелот „Шарк“ (подоцна Босна) и зградата на Театарот која се наоѓала зад хотелот Шарк. Но иако се работело за центар на градот, на тоа место веќе се наоѓале муслимански гробишта, што креирало отпор против овој зафат кај муслиманското население.
За работната акција која се случила на непознат датум во 1897 година биле ангажирани затвореници кои добиле наредба длабоко во ноќта да го направат местото рамно „како тепсија“. Следниот ден биле поставени темелите со воена музика која го украсувала чинот, а муслиманското население во градот го бојкотирало овој настан.
Валијата не дочекал да го види театарот завршен, бидејќи под оправдување на нарушено здравје се повлекол од служба во 1901 г и заминал за престолнината.
Александар Стерјовски „Каријатиди на театарот“, Издавач НУ Народен театар – Битола, 2004 г.