На часовите по историја во Македонија многу малку се учи за Првата светска војна. Клучни битки од Големата војна се целосно непознати за македонската јавност. Една таква битка е Битката на Добро Поле, која се случила на 15 септември 1918 година.
Во текот на целата Прва Светска војна , германските и бугарските армии стабилно го држеле Македонскиот фронт по целата негова линија од Битола до Дојран. Сите напади од југ на Французите, Британците, Италијаните и Србите биле одбивани. Но во Септември 1918, Србите, Грците и Французите направиле изненадување.
Висорамнината „Добро Поле“ се наоѓа на 1800 метри надморска висина на планината Ниџе на Македонско-Грчката граница. Тука Германците и Бугарите не очекувале напад. Теренот бил премногу висок и стрмен. На 15 септември Французите започнале со страотен и интензивен топовски и авионски напад, проследен со „јуриш“ на француската 122-ра и 17-та дивизија заедно со српската Шумадиска дивизија. Бугарите пружале жесток отпор, но биле потиснати и разбиени. Силите на Антантата секавично тргнале со освојување на Вардарска Македонија и преку Криволак, Неготино, брзо го освоиле Скопје и продолжиле за Белград. Бугарската армија била целосно деморализирана и распаничена после овој пораз. Околу 30 000 бугарски воени дезертери се повлекуваат кон Бугарија и започнуваат со крадење и разбојништво во Ќустендил и другите места во Источна Бугарија. На 30ти Септември, Македонскиот Фронт е официјално освоен од Силите на Антантата и се прогласува примирје, а потоа во Ноември и крај на Првата Светска Војна.
Во францускиот 148ми пешадиски реџимент, се наоѓа Францускиот сликар, илустратор и цртач на стрипови Марсел Конгулем (Marcel Canguilhem) (1895-1949). Кога започнала Големата војна, Марсел имал едвај 18 години и започнал со цртање на стрипови. Пратен е во 1914 година на најлошиот фронт: Вердун. Тука е тешко ранет во десната рака. Додека десната рака му заздравувала, Марсел развил техника на цртање со левата рака. Кога целосно се опоравил, повторно е пратен на фронт, но овојпат во Македонија. Учествувал во Битката на Добро Поле, каде што еден проектил целосно му ја распарчува десната рака. Се враќа жив дома во Франција во 1919 година. Загубата на десната рака не го деморализирала. Си го сменил името во „Сел Леворакиот (Cel le Gaucher)“, по природа бил шегаџија и енергетичен оптимист и продолжил да црта стрипови , карикатури, илустрации , и скулптури.
Во 1938 година , по повод 20 годишнина на Битката на Добро Поле, Марсел Конгулем изработува бронзена скулпура / спомен плоча за паднатите војници. Со големи воени почести скулптурата се монтира на една карпа во Добро Поле. Но со почетокот на Втората светска војна,скулпурата исчезнува , најверојатно е уништена од бугарската војска за која Битката на Добро Поле била голема траума. Во 2018 година по повод 100 години од битката на Добро Поле, семејството на Сел Леворакиот, како и семејството на еден друг француски сликар и учесник во битката: Рене Кастан (Rene Castaign) со помош на AutoCad реконструкција од стари фотографии ја репродуцираат скулптура и ја поставуваат на Француските гробишта во Битола во присуство на Француската амбасада во Република Македонија.
Благодарност до госпоѓа Шантал Конгулем (Chantal Canguihem) за фотографиите од нејзиниот дедо Марсел Конгулем / Сел Леворакиот од неговиот претстој во Македонија.
Artlexicon