Дека за успешен проект не е доволно да се има само добра идеја, лична решителност и обезбедени средства туку и малку среќа, ни покажува денешниот пример за изградба на голф игралиште во најелитната еколошки чиста и одржлива населба Ушици во Битола.

Имено на самата улица 7-ми Јули по природен пат и ерозија на 50 годишната патна инфраструктура се направија неколку дупки на асфалтот кои кај жителите на тој дел побудија голем интерес за развивање на овој вид на спорт.

Нов урбан парк по примерот на Општина Аеродром во Скопје ќе се гради и во Битола. Досега во него покрај ова голф игралиште ќе бидат застапени и добро познатите скијачки стази популарно наречени Сент Ушици (ст. Ушици), се планираат и луксузен ресторан кај Радарот со поглед кон Битола, тениски игралишта и лизгалиште долу кај напуштениот магацин и многу друго е официјалното соопштение.

Угорнината не ни преставува проблем бидејќи топчињата сами си паѓаат во дупките и немаме промаш досега. Да се надеваме дека оваа игра и кај младата популација ќе добие голем интерес, а не само како кај пензионерите, ни изјави Пеце Атанасовски, 66 годишен пензионер, пресреќен што покрај доаѓањето на пензијата пред први и траењето до 10-ти, веќе започнува нешто да се придвижува во оваа населба.

Дека голфот е иднината на ова улица ни покажува и фактот дека до денес сами се имаат ископано дури 7 дупки, кои од околното население се од заштитен карактер и веќе е поднесена апликација за нивна заштита и конзервација.

– После речиси цел животен век минат во странство, а постојано со мислите во Македонија, имав желба нешто лично да придонесам за развој на родниот крај и се вратив тука, ни изјави стрико Љубе од Америка кој прв го препозна потенцијалот на оваа улица. Веднаш од витрина ја зедов мојата голф палка која е направена по сите светски стандарди и на битолчани му покажав како играв со Доналд Трамп на терените во Филаделфија. Сега ги чекам моите комшии кои се во Австралија за да ги преслушам што имаат тие таму научено – изјави Трајкоски во разговор за ББ.

Самата локација за предвиденото голф игралиште е настрана од градската гужва е атрактивна и идеална за таква намена. Можеби ќе се ограничи движењето на возилата према населбата Горно Оризари, но да се надеваме дека и тие ќе имаат бенефит и ќе се придвижи локалната економија и понуда за новите видови на туризам.


Веста е измислена и е дел од забавната рубрика ЛабавО. Додека фотографиите се вистински и одраз на денешната состојба која неколку месеци, ако не и години, е иста и непроменета.