Прв податок за хотел во Битола, а истовремено и за Р. Македонија, среќаваме во патописот на Јозеф Милер од 1843 година, во кој се вели: „…Меѓу зградите во градот се истакнува управната зграда, конакот, кој се состои од пет згради кои под остар агол навлегуваат една во друга…Има многу приватни анови, кои фигурираат како деловни агенции за трговците на големо…Меѓу приватните куќи што ги има 2.500 – 2.600, се истакнува прекрасно поставениот, едноставно и со многу вкус уредениот хотел на грчкиот вицеконзул и аптекар Лоренцо Пери.
Ова е прв забележан податок дека во Битола имало хотел. Меѓутоа, сè уште немаме одговор на прашањата: – Кое било името на хотелот (?) – Каде се наоѓал, на Широк сокак или на друго место (?) – Што се случило со него (?) – Дали се викал „Монастир“ (?) и слични прашања.
За тоа дека нешто се случило во ценарот на градот на Широк сокак и имало пожар во кој настрадале згради, дознаваме од записот „во 1847 година настрадале три згради“.
За тоа дека се случило нешто со хотелот дознаваме и од записите на патописците кои покасно престојуваат во Битола, и истите наведуваат само анови, но не и хотел. Така, во Патописот на Едвард Лир од 1848 година е зебележано „…Отидовме во најголемиот и најубавиот ан на Битола, „Јени ан“… За среќа добив соба од каде се гледаше оваа жива глетка.
…Една чиста, бело обоена соба со стаклени прозорци и нови душеци го правеа целиот луксуз на оваа метропола“.
Додека од извештајот на францускиот конзул Белег Де Буга во Битола од 1856 година, се потврдува следното: „…во Битола има 22 дуќани – анови и еснаф со 40 анџии, … во градот се уште не постојат европски преноќишта и потребата од нив почнува да се чувствува.“
За повторно појавување на хотел во Битола дознаваме од Патописот – книгата на Спиридон Гопчевиќ: Стара Србија и Македонија, 1890 г. „…на крајот дојдовме во главната улица,каде беше австрискиот конзулат. Пред него застанавме, да го запрашаме консулот, каде е најдобриот ан…кавазот одговори дека овде има само една гостилница „Локанда“, која од овде е на неколку куќи подолу…„Локанда“, незнам зошто овој ан го имаше италијанскиот назив, кога истиот изгледаше убаво и во очи ни падна фирмата „Hotel de l`Oreint“. Исто така одвнатре многу ми се допадна големата кафеана, широките скали, пространиот ходник со балкон и средени светли соби.
Но еден недостаток беше тоа што вриеше од тавтабици, а втор што немаше најпрости предмети за хигиена. За среќа веднаш ова го осетивме, дека овде има гадинки и за тоа се спремивме за одбрана со Захарлов прашок. Ногалките од железните кревети стоеа во некои лимени садови наполнети со средство, со кое наивните Битолчани намеравале да ја спречат навалицата на тавтабиците… Захеровиот прашок, би рекол дека во Битола уште беше непознат, јас тоа го заклучив од слугата што другиот ден се најде во чудо, кога ги виде креветите жолти од прашокот, а во нив неколку купчиња мртви тавтабици.
Анот е своина на некој Грк или Грко – Влав, затоа што ни анџијата, а ни неговиот слуга не разбираа многу српски и говореа најдобро грчки.“
Цртеж 17: GETZ – Реклама од 1870 до 1890-тите година за прашок, кој уништува тавтабици– бубачка кои живеат во вашите кревети. Во него се вели “Користи Getz против Bad Bug кој ќе ги истреби тавтабиците од вашиот кревет.
Објаснување: Прашакот бил составен од дијатомејска земја која тавтабиците ја јаделе и од тоа умирале. Во Македонија во тоа време се уште немало ваков прашок. Прашокот во Македонија започнал да се употребува дури после првата светска војна. Забележал НВД.
Втор податок за хотелот го дознаваме и од Патописот на Виктор Берар, од 1891 година. „..Но Монастир е град на можности. Францускиот јазик овде многу се зборува. Наспроти нас, се гледа хотелот „Ориент“, со ресторанот „Ајфелова кула“. Хотелот и ресторанот беа полни. Набргу се развеселивме. Но ние треба да се задоволиме со обичен ан, една голема турска гостилница, со ѕидови од земја и со дрвени ходници…“
Патописот на Колмар Голц, од 1893 година „…Битола брои 56.000 жители и многу добро може да ја издржи споредбата со некои европски градови… Хотелот-град „Белград“ ни ги отвори не многу гостољубиви порти; сепак, на крајот, се покажа поподнослив отколку што мислевме.“
Битола, како седиште на Вилает, како голем град според бројот на жители, и неговата стопанска и воено стратегиска положба, бројот на хотели непосредно пред Балканските војни бил шест/седум хотели. За шест хотели располагаме со доказ дека постоеле, и тоа: безимениот хотел од 1843 година (само текст), хотел „Ориент“ или „Шарк“ (фотографија и текст), „Синтагма или „Конституција“ (фотографија и текст), хотел „Београд“ (фотографија и текст), „Европа“ (фотографија и текст) и „Македонија“ (фотографија и текст). Единствено само за хотел „Ројал“ (за кој освен споменување на името а по 1917 година и кафеана „Ројал“ со други цврсти докази не располагаме, па според тоа нема да го третираме како хотел, туку само како позната кафеана во Битола).
Да резимираме: од потврдени факти, бројот на хотели во Битола изнесувал 6, со едно дополнување – доколку се обезбедат докази оваа бројка може и да се зголеми за уште некоја бројка (пример: хотел „Монастир“, хотел „Ројал“, хотел „Интифа“, хотел “Интернационал“, но за тоа во друга прилика).
На Широк сокак („Rue Hamidie или Rue Soultanie, а по 1908 година Avenue de la Liberte“) едно подруго или во непосредна близина се наоѓале четири хотели, и тоа: „Ориент“ или „Шарк“, „Синтагма или „Конституција“, “Београд“ и „Европа“. Хотел „Ориент“ првпат е споменет во 1890 година, но најверојатно е изграден пред десетина години. Гледано од сликата цениме дека располагал од 10 до 20 соби. Овој хотел под ново име хотел „Шарк“ го среќаваме во 1900 година „…Иван, сренски бојаџија – уметник. Тој работеше во театарот при
„Шарк“ – хотел и често имаше работа со валијата за самата изработка на живописот на театарот,…“. Хотелот „Шарк“, во 1915 година е реновиран со доградба на балкони, а по Првата светска војна, го купува нов сопственик и повторно е преименет во хотел „Босна“. За хотел „Шарк интересно е да се потенцира дека во период додека се градел театарот (1897 г. до 1908/9 г.), неговата црвена сала (заради пердињата и килимот), па и бавча служела како театарска сцена. Значи, фигуративно бил именуван и како „Театарски хотел“. Додека во период, по Првата светска војна слична улога и формулација добива и хотелот „Босна“ кој од 1918 година се до 1924 година хотелската сала ќе ја замени салата на театарот (која била опожарен во 1912 година и небила во функција се до 1924 година), и долго време ќе носи атрибут „Градски културен центар“).
Неколку куќи јужно од „Шарк“ се наоѓал хотел „Синтагма“ кој во 1912 година го менува името во „Конституција, бидејќи тука прелиминарно беше цртана картата на распарчена Македонија, а со тоа и местото на Битола каде би припаднала.
За постоењето на „хотел „Ројал“, ќе го пренесиме нашето мислење. Можеби, две куќи јужно од „Конституција“ или во негова непосредна близина се наоѓал хотел „Ројал“, кој настрадал со бомбардирањето во 1917 година. По војната дел од зградата е претворена во кафеана со музика, билијард сала и летна бавча. Хотел „Ројал“ некаде е именуван како продолжение на хотелот „Конституција“, меѓутоа тој податок со ништо не го потврдивме. Имено, хотел „Конституција“ под тоа име останува до крај, односно до целосното негово уништување во 1917 година. Тоа значи дека, хотелот „Ројал“, се разбира доколку постоел, најверојатно бил во непосредна близина или две куќи јужно од „Конституција“. Како и да е, нашето мислење не успеавме да го поткрепиме со докази, па според тоа, и нема да го вброиме во бројот на хотели во Битола.
Исто така, на Широк сокак под Камен Мост се наоѓал хотел „Београд“, прв податок за него среќаваме во 1893 година.
Хотелот бил сместен во една стара градска зграда и најверојатно под тоа име постоел десетина години. Ова го поткрепуваме од констатацијата дека бил врталиште на симпатизерите на српската пропаганда која, од пред кратко време, има влезено во Македонија и во Битола (Србија во 1878 година добива независност, и по некоја година започнува да ја шири својата пропаганда).
Зад хотелот „Ореинт“ (или „Шарк“, односно хотелот „Босна“) се наоѓал хотел „Европа“, кој бил и еден вид казино –коцкарница. Најверојатно овој хотел е граден во периодот 1905-1910 година, и можеби носел друго име. Познат е по тоа што за време на Првата светска војна повеќе пати го променил своето име и добил името „Европа“.
Единствен хотел (барем досега) за кој утврдивме дека се наоѓал надвор од Широк сокак, бил хотелот под име хотел „Македонија“. Имено, „во 1903 година, Лениновите емисари се сретнаа, во просториите на хотелот „Македонија“, во близина на Леринскиот Мост на реката Драгор, со битолскиот раководител и војвода Александар Ефтимов, инаку бивш учител“. Овде ќе го споменеме и името на хотел „Монастир“, меѓутоа за него, освен името други поконкретни податоци не успеавме да обезбедиме, за тоа каде се наоѓал, дали се работи за нов хотел или бил некој од погоре наведените само го променил името како резултат на менување на сопствениците или на странската пропаганда. Како и да е, ќе треба и понатаму да се истражува. Истото се однесува и за имињата на хотелите „Интифа“, “Константинопол“, „Америка“ и „Интернационал“, за кои освен името друго не успеавме да откриеме.
Извадок од публикацијата “Од анови до хотели, од меани до ресторани” на Никола В. Димитров и Трајан Вељанов, Штип 2017 г.
Мало дообјаснување од нас за подобро лоцирање:
Хотел Отоман, Л’Ориент, па Шарк и на крај Босна не постои повеќе. Локација кај сегашните тркалезни клупи пред Домот на Културата
Хотел Конституција или Синтагма е куќата до сегашна зграда на некогашни вработени во ОЗНА, локација Широк Сокак.
Хотел Белград, куќите на Широк Сокак накарши Ваикики до куќата каде што живееше Манаки
Хотел Европа, зградата непостои повеќе. Локација јарболите пред Домот на Културата.
Хотел или ресторан со летна бавча Ројал е точно на сегашната локација од зградата на ОЗНА на Широк Сокак карши кино Манаки
Хотел Локанда, објектот лево до Католичката Црква
Хотел Америка на сам агол кај Сали Мост