За Доминантната полумесечина на врвот од Тумбе Кафе, која му претходела на Доминантниот крст, се дознава посредно, преку податоците дадени за крстот во 1913 год. Поставувањето на Полумесечината била поврзана, по сè, со доаѓањето на султанот Решад Петти во Битола, во месец август 1911 год., кога биле преземени мноштво комунални и други потфати, меѓу другото, и акции за чистење и разубавување на градот, бојадисување ѕидовите на Драгорот, подигање дрвореди, триумфални порти, уредување на Тумбе Кафе и на местото планирано за теферич (излетот) и друго. Ете, за да се остави посебен впечаток и да се истакне одредена порака, подигната била и Доминантната полумесечина. Требало да се гледа од теферичот, да надвисува од највисокиот дел од ридот, да биде на врвот, денес познат како Кај Радаро. Крајот на Полумесечинава, како и толку други наслед-ства од османлиите, се поврзува со влегувањето на српските војски во градот.(1)И тој требало да се избрише, како и сè друго што му припаѓало или потсетувало на „турското ропство“. Заради тоа, и украсниот натпис на мермерната плоча на влезот во Военото училиште бил премачкан со малтер (пред неколку години возобновен), мермерната плоча со османлиски воени симболи на беговскиот објект покрај Драгорот (денес Музичко училиште), исто така. Биле преземени, и други, слични зафати, со кои многу силно се отсликуваат првите месеци од српската управа, заедно, се разбира, и со невиденото и срамно гонење на муслиманите, дури и на обичните и невини граѓани и селани. Во нив, ете, спаѓа и рушењето на Доминантната полумесечина. Нејзината замена – Доминантен крст, нема да се погреши ако се тврди дека е поставен истовремено со рушењето на полумесечината уште во првите денови по влегувањето на српските војници (19 ноември 1912 год. ако не и на самиот ден на промената на власта. Од тој ден, тоа место во битолската топографска мапа ќе добие ново име – Кај Крсто.
Заради мачните состојби, најмногу заради стравот од реакции и рушителниот атак врз него, Крстот добил и постојана стража. За неа се дознава, благодарејќи на едно убиство, извршено во негова близина. Имено, на 2 јуни 1914 год., околу два часа попладне, тројца затвореници, кои работеле во непосредната близина, се нафрлиле врз својот чувар, го убиле и се вдале во бегство. Постојаниот стражар од Кај Крсто, кој на тоа бил сведок, успеал да ја алармира полицијата, која се вдала во потера, па едниот од го убила, другиот го ранила, додека третиот успеал да побегне.До кога крстот доминирал над градот, непознато е, но не за долго, најверојатно неколку години, односно до жестоките артилериски двобои помеѓу француско–српската артилерија од Тумбе Кафе и германско – бугарската артилерија од Баба планина. После тоа тој никогаш не бил возобновен.
(1)Општинске новине, бр. 5, 3 февруари 1913, 2
Извадок од книгата Калеидоскоп на проф. Александар Стерјовски
Фотографија насловна Јове Јоцо Ѓоргиевски од ридот кај св. Јован на Германски