Последните две години соочени сме со ситуација која не натера да живееме на еден малку поинаков начин. Пандемијата не одвои од најблиските, но и од колегите. Работењето од дома стана секојдневие и новите, а и старите колеги ги гледавме само на Zoom или Skype. Токму таа неможност да се дружиме и да креираме спомени, го инспирира маркетинг тимот на IWConnect да размислува за активности кои би ни помогнале да останеме поврзани, секако со почитување на сите мерки за Ковид-19.  

Имавме повеќе идеи, но во периодот на планирање, во тек беа летните олимписки игри во Токио, кои ни дадоа мотив да направиме нешто кое досега ниту една компанија во Македонија не го има организирано професионално, односно решивме да организираме олимписки игри со спортови кои дозволуваат аматерско натпреварување. Стигнавме до одлука да бидат 14 спортови кои би се одржувале во 8 недели за кои ни требаше многу подготовка, како за нивно организирање така и за правење на дел од реквизитите кои се потребни за нивна изведба.

 

Спортовите кои решивме да ги организираме беа следните: 

  1. Kошарка 3х3 (мешан тим)
  2. Одбојка (мешан тим)
  3. Трка на 100 метри (м/ж категорија)
  4. Трка на 800 метри (м/ж категорија)
  5. Трка на 400 метри (штафета) 4×100 (мешано)
  6. Трка на 5 км (м/ж категорија)
  7. Стрелаштво (м/ж категорија)
  8. Пливање (100 метри слободен стил, м/ж категорија)
  9. Пинг Понг (м/ж категорија)
  10. Велосипедизам (м/ж категорија)
  11. Фрлање на копје (м/ж категорија)
  12. Скок во далечина (м/ж категорија)
  13. Скок во височина (м/ж категорија)
  14. Фрлање на ѓуле (м/ж категорија)

 

За реализација на сите овие активности мора да им се заблагодариме исто и на неколку училишта кои ни дадоа поддршка и помош во целиот процес. Гимназијата во Демир Хисар ни отстапи спортска сала и терени, каде заедно со професорот Хестон Карчевски направивме терен со песок за скок во далечина како и дел од реквизитите за скок во височина.

Земјоделското училиште во Битола исто така ни отстапи спортска сала за играње на кошарка и одбојка, а училиштето Тодор Ангелевски во Битола ни помогна околу реквизитите за истите спортови.

И покрај тоа што се беше внимателно испланирано и организирано, најголемата дилема беше дали нашите вработени ќе сакаат да се натпреваруваат во овие спортови. За наше големо изненадување, се пријавија 70 вработени, кои ги распределивме во 8 олимписки тимови, желни за натпревар и дружење.

Во текот на одржувањето на натпреварите имаше жестоко навивање, големо ривалство помеѓу екипите, но сепак дружбата, забавата и фер плејот беа најмногу застапени. Од игрите излегоа нови пријателства, се открија нови таленти и се создадоа многу спомени. 

На крајот од целиот овој двомесечен настан, доделивме 104 медали во секој од спортовите, и го добивме нашиот ОЛИМПИСКИ ШАМПИОНСКИ ТИМ според освоените бодови од сите спортови во ова прво издание на IW Olympic games. Им честитаме на тимот Red Hot Chilly DOTS за победата!

После целиот овој циклус, нашите цели како компанија ги остваривме и повеќе од очекуваното, со што решивме овој настан да го направиме традиција и да го преточиме во традиционален настан, кој од следната година ќе се одржува секоја пролет. 

 

П.С. Доколку сакате да видите како се одвиваа IW Olympic Games не го пропуштајте видеото. А доколку сакате да видите слики од целиот настан, посетете ги нашите профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram.