Го гледам ѕидниот часовник…5.30 рано изутрина. Се разбудувам со некаква ладна пот по моето тело. Морници. Сонував како некој силно тропа на нашата надворешна дрвена врата. Ех… Соништа….

“Бум, бум, бум”…

Разбуден слушам повторно..

Хм.. Тоа не е сон… Јаве…

“Отварај полиција”… “Ако не отвориш ја кршиме вратата”- слушам длабок машки глас кој вика на бугарски јазик.

Си велам што се случува, што имаме сега направено?… Брзо слегувам надолу по скалите. Ја отворам вратата. Гледам цела куќа опколена со војници и полиција. Цело маало. Цела Ла Табана опколена од бугарска војска и полиција…

“Сите кои се во оваа куќа…” читајќи на глас стар прекршен список “…Давид, Јаков, Моис, Еро, Луна сите да се разбудат, на нив по едно парталче и сите пред куќа и тоа одма, без чекање…” ми заповеда на кратко бугарскиот официр туркајќи ме со дрвениот кундак и доаѓајки со мене по собите. Полека, полека ќе биде…Им реков…

Влегуваат војниците еден по еден, удирајќи со нивните чизми по вратите од собите. ” Ајде станувајте! ” викаат гласно “Ќе Ве однесиме на поубаво место, земете по некое парталче и обавезно земете ги вашите скапоцени работи, злато и слично бидејќи многу ќе Ви требаат таму каде што ќе Ве носиме”…ни рекоја со голем презир, смеејќи се гласно еден со друг.

Помалите деца едвај ги разбудивме и плачејќи започнавме да ги облекуваме со парталавите алишта кои секој ден ги носеја на нив. Но беа чисти. Парталави ама чисти. Чисти како душата а парталави како животот. Наши. Купени. Износени. Од едно на друго дете, предадени. Се облековме сите јас Јаков, мојата жена Еро, ќеркичката Луна, малиот Давид. Тој беше најмал, тригодишен и само се смешкаше. Само тој беше ведрата страна на тој 11 Март 1943 г. Тоа утро, морничаво. Моис беше најголемиот син. Дваесет години. Во него гледав бес и стиснати тупаници. Но мирно се облече, ги стегна убаво врвците од неговите чевли како нешто многу црно да предосеќаше. Ми шепна, “Не се грижи тато, се ќе се среди”…

А јас во џебот го стегав прстенот. Прстенот кој тој ми го бараше за да го поклони на неговата сакана,Сара и да ја побара за жена. Не му го имав уште покажано. Единственото скапоцено нешто што го имавме. Го стегав во мојот џеб. Го чувам за неговата свадба…
Излеговме надвор. Не построј-а сите пред нашата куќа. Добро е барем ја заклучив. Заедно во групи со сите комшии од Табана еден по еден пред пушка не водеја. Моис ме погледна и ми намигна. Користејќи мала турканица со голема брзина избега помеѓу чикмаците од старите и трошни куќи во Чифлик малото стотина метри подолу. Пукаја по него неколку пати. Ми застана срцето. Искористи што не му беа полни пушките и мораше првин да ги полнат. Имаше среќа, избега. Затоа толку многу ги стегаше врвците од чевлите. Ех Моис… Ми бараше да оди во партизани, но јас не го пуштив, сакав да се жени. Како секој што му го посакува најубавото и најдоброто на својот син. Конечно сам патот си го одбра. Нека те следи среќа синко, јас ќе бидам со мајкати и помалите сестра и братче. Си помислив… Туркајки ме со врвот од пушката и викајќи “Побрзо, побрзајте кучиња едни” ме потсети бугарскиот војник дека сите треба побрзо да стигниме некаде. На само километар подолу не сместија во монополот. Ни рекоја од тука дека ќе не носат на поубаво место, каде сите ќе имаме работа и ќе си работиме. Мене паметот уште ми беше во Моис. Го стегам уште прстенот во мојот џеб. Тој 11 Март 1943 г. ја стегам нашата неизвесна судбина, што ќе биде со нас, моите Еро, Луна и Давид. Куќата во Битола. Партизанот Моис. Прстенот за мојата идна снаа… Ех навистина незнам што ќе се случи… Шо и да биде ова не им го посакувам никому…

И никогаш повеќе!…

(крај)
Во Битола имало 810 еврејски семејства со 3351 члена, од Битола заминаа 3000 со три воза. Во ноќта помеѓу 10 и 11 март 1943 година градот Битола бил блокиран а еврејските населби опколени со бугарска војска и полиција. Во раните утрински часови на 11 март започнало собирањето на Евреите.Од куќа до куќа оделе по неколку вооружени полицајци, агенти и војници и ги собирале Евреите. Жените, децата и болните ги товареле во камиони или во шпедитерски коли. Полицајците на луѓето им велеле со нив да ги земат сите скапоцености и пари, зашто ќе им требаат, и дека ќе бидат префрлени во Бугарија. Пљачкосувањето на имотот настанало уште на самото место, во куќите, при собирањето на Евреите. Продолжило на железничките станици во Битола. Сите завршија Треблинка, Полска. Ниту еден не преживеја, ниту еден од Битола не се врати. Да не се повтори и заборави. Никогаш повеќе!

Текстот “Прстенот” е наше авторско дело посветено на сите наши некогашни сограѓани. Читајки го се надеваме дека барем малку ќе ја почуствувате нивната жална судбина, судбина која не треба многу да се повтори и да биде наша. Нека владее разумот и да бидиме паметни. Ви благодариме.

Б.Б.Б.