Во неделата на 23.02.2020 г. во Центарот за култура во Битола се одржа промоција на втората книга на авторката Соња Георгиевска под наслов ,,Остварена мисија’’. Издавач на ова дело е издавачката куќа ,, Дата Песнопој” од Битола, рецензенти се проф д-р Марија Котевска Димовска, м-р Сања Мучкајева – Видановска и Илија Мерковски. Графичкиот дизајн е на м-р Владо Маркоски, а промотори на настанот – Симеона Павловска и Леонид Сајков.

Ова нејзино второ дело всушност е продолжение на ,,Мојот божествен пат кон успехот” чија промоција беше одржана во септември минатата година и целиот тираж беше распродаден за рекордно време.

„Остварена мисија“ е едно многу инспиративно дело, каде авторката Соња Георгиевска ни нуди вистински подарок за нашите души, страсно говорејќи за патот на душевната еволуција како позитивна сила за посветла иднина и пат кон рамнотежа во животната карма. Во своето дело Соња, како вистински духовен воин, храбро го прифаќа предизвикот за искреност во пишувањето на духовни книги, откривајќи доволно за сопствените мисли, чувства и искуства за да ги убеди своите читатели дека со страст е вклучена во она што го пишува.

Книгата ОСТВАРЕНА МИСИЈА како прекрасно четиво нуди сознанија за комплетно контролирање на сопственото живеење.

Оваа инспиративна книга е вистински ресурс во спиритуалната литература кој ќе даде нова димензија на гледање на себе си како духовни суштества избрани да еволуираат и предодредени да станат нешто многу повозвишено.