На отворен простор пред Центарот за култура – Битола, со физичка дистанца и заштитни маски според препораките од Министерството за здравство, синоќа беше промовирана новата книга на писателката м-р Сања Мучкајева Видановска со наслов „И Боговите имаат интернет”.
Овој роман претставува дисекција на општеството во кое живееме, односно денешницата, споредено со едно друго исчезнато време на социјализмот, идеализмот и романтизмот. Затоа и самата нарација не е рамномерна, туку е паралела на две различни општества, времето на социјализмот прикажано низ дневникот на една тинејџерка и времето на денешницата во кое интернетот навлегува во голем дел од животните вредности.„Саркастичното прикажување е составен дел низ композициската конструкција, каде и иронијата има своја функција во однос на сѐ она што нѐ опкружува и што често раководи со нашето секојдневие. А, секојдневието се надоврзува од ден во ден, и сето тоа се заокружува со годините на транзицијата и вртењето во круг на генерации зафатено во тој круг.” – изјави авторката на книгата.Сања вели дека оваа книга е напишана за секоја генерација, која можеби ќе се пронајде и во едното и во другото време.„Првото напишано во форма на дневник од една тинејџерка, а другото опишано од средовечна мајка, која живее во сосема поинакво време од нејзината младост, време во кое И БОГОВИТЕ ИМААТ ИНТЕРНЕТ.” – додаде таа.
Книгата е во издание на издавачката куќа Матица македонска. Инаку, „И Боговите имаат интернет” е седмо дело на Мучкајева Видановска.Фотографии: Дарко Бошковски