На 2O април 2O22 година по 4 месеци неизвесност во Офицерски дом [ ЈОУ КИЦ Битола ] се реализираше промоцијата на Биографијата за спортската легенда и татко на Кик Боксот во Македонија – Златко Неделковски [ 196O – 2O2O ] учител – спортски работник – сопруг и татко но пред се битолчанец насловена како “Големиот воин и неговата храбра ќерка” а напишана од неговата ќерка Дијана.
На промоцијата Дијана Неделковска истакна:
Почитувани пред се би сакала искрено да ви се заблагодарам во мое и во името на моето семејство што денес сте дел од овој за нас посебен настан. Искрено ми е многу полесно сега да влезам во рингот отколку да зборувам тука пред сите вас а посебно кога треба да зборувам за мојот татко но ќе ми биде особена чест и задоволство да ви раскажам како и зошто се роди идејата за Биографијата за мојот татко.
Во животот за сите нас постои само една опција – опцијата “A” т.е. да продолжиме понатаму. А токму од таа опцијa и од една болка – една преголема љубов на еден татко и неговата ќерка и нивната професионална и приватна поврзаност произлезе и приказната за “Големиот воин и неговата храбра ќерка”.
Деновите и минутите до самата реализација на Биографијата беа долги и тешки но како и се досега што се случувало во нашето семејство така и ова дело е резултат на тимска работа.
Сплотени во едно – месеци и денови сите заедно внимателно ја одбиравме секоја фотографија и некако повеќе тоа беше работа на мојата мајка а додека се останато – целата организација се до овој момент – па и оваа вечер е дело на мојот брат.
“Големиот воин и неговата храбра ќерка” е Биографија но и книга за семејството Неделковски – книга за сите вас – книга за сите минати – сегашни и идни членови – книга за сите соработници и пријатели – за народот – книга за Златко Неделковски.
Славчо Неделковски ги прочита воведот на Биографијата потпишан во име на семејството и ја претстави кратката биографија на својата сестра и причината зошто токму таа е вистинскиот избор да е потписник на Биографијата за Златко Неделковски.
Славчо Неделковски истакна:
Особена чест имам што оваа вечер ќе говорам за архивски факти за човекот кој требаше да е со нас но остави поголем белег врз животите на генерации битолчани кој нема така лесно да се избрише.
Зошто битолчани? Затоа што Златко Неделковски беше самофинансирачки амбасадор на својот град Битола и Македонија. Него никогаш не го интересираше профитот кој пак за жал стана заштитен трговски знак за спортот во нашата земја а и глобално светот.
Златко Неделковски беше спортски работник од стар ков. Неговите ученици беа се – останаа се. И тоа се беше доволно за се што не го доби за време на земниот живот а го заслужи и таа заслуга не може да ја оспори никој.
Златко Неделковски е роден во Битола – живееше и работеше во и за Битола а во Битола е и неговиот вечен дом. Зошто? Затоа што локал патриотизам не е форма само на општествено политичката мисла ами животен избор – стил на живеење во кој ако веруваш го практикуваш. Не е работно време ами целосно посветен земен век.
Златко Неделковски прво е човекот кој е татко на Кик Боксот во Македонија но и низа боречки вештини и спортови кои не само што ги изучил и донел од светот во нашата Македонија – нашата Битола ами ги усовршил и им ги вратил на светот подобри и поквалитетни што е исто поткрепено со факти.
Златко Неделковски пред 4О години го формира Кунг Фу Клубот “Битола” од Битола кој е еден од ретките кој под Баба планина во сегментот спорт а и пошироко го носи името на градот е не нејзиниот највисок врв Пелистер.
Човекот кој точно пред 3О години во независна Македонија во 1992 година по една година формирање на првите клубови на варијации на боречки вештини и спортови – сите до еден основани со негов потпис а во 13 градови го формира Кунг Фу – Фул Контакт Сојузот на Република Македонија или пет години пред оние – кои тврдат дека ете тие се првоносителите.
Семејството Неделковски било се само не обично – монотоно – еднообразно. Секој со својот карактер и својата животна филозофија и љубовта кон својата професија. Мало по број но секогаш среќно. Без разлика на се. И во миговите на радост но и тага. И секогаш со четвороножните членови за кои би сакал да истакнам дека се единствениот сегмент кој не прави нецелосни оваа вечер. Нашите Тир и Ото кои мораа да останат дома.
Не беше лесно да се напише Биографија на човек кој животот го одживеал за три. Но успеавме со креативни форми кои книжевноста не ги познава па и тука направивме уникатна форма на дело кое говори за земниот век на Златко Неделковски низ 6О години а притоа без биде именуван било кој.
Имено во Биографијата има само едно име. Дедо Лазо. А кој и што е дедо Лазо и зошто е битен ќе оставиме на самите вас да откриете а од кој што и очекуваме сериозно да возвратите со ваши критики.
Златко Неделковски е есенцијалната смисла на опшстествено поимење на битолчанец и Битола. Овде сте сите вие кои во палетата на шареноликоста сте најдалечните крајности но тој ве поврза.
Благодарен сум што познавав таков човек. Што и по 18 месеци од неговата смрт тој ве спои и вас а и нас и што неговата мисија за Битола опстојува.
Златко Неделковски целиот свој работен век го помина во РЕК Битола. 8 работни часа од своите 18 години или и 4О години работен стаж за оние 8 до 1О часа секој ден посветени на спортот и неговите ученици и остатокот безусловно за неговото семејтво и пријателите. И така до бесконечноста и без грам немир или измореност. Со трилион идеи кои чекаа на листата за реализација но и безмилосното темпо – како да нема утре.
Златко Неделковски пред 5 години и официјално станува легенда во боречките вештини и спортови со впишување на неговото име како татко на Кик Боксот во Македонија во првиот учебник за боречките спортови и вештини наменет за идните професионални спортисти при Факултет за физичко образование – спорт и здравје.
фотограф: Љупчо Илиевски – Машлак
автор на портретот: Александар Поповски
лектор: Татјана Лаљек – Кулишевска
издавач: НУ Универзитетска библиотека “Свети Климент Охридски” Битола