Прогонот на Евреите од Битола го раководел Кирил Стоименов, инспектор на Комесаријатот за еврејски прашања, од кого на 22. февруари е барано да поднесе точен извештај за состојбата во градот. На 23. 1 1943 г., под број 5835, Стојменов му упатил на Белев детален протокол. Стојменов добил помошник, Георги Дачев Џамбазов.
По „акцијата“, Џамбазов им напишал извештај на претпоставените:
…Иселувањето на лицата од еврејско потекло од градот Битола е извршено точно според планот претходно изработен. Иселени се 739 семејства со 3 351 член. Еврејскиот кварт е поделен на 20 единици. За секоја таква единица е назначен по еден водач на група – полициски началник, еден учител, 5 полицајци и 5 војници.
Во 2 часот ноќта на 11. ІІІ 1943 г., во обласната полициска управа се собраа сите лица што беа поврзани со работата во врска со иселувањето. Таму се им е објаснето и укажано по повод претстојната акција. Во тоа време војската го блокираше градот. Спречено е секое движење.
Од 5 до 6 часот, на сите еврејски семејства им е објаснето да го подготват својот багаж во рок од еден час за да тргнат во внатрешноста на земјата. Во седум часот почна изведувањето на семејствата од становите и нивното собирање на групните зборни места. Од зборните места семејствата се одведени на железничката станица. За болните лица имавме на располагање камиони, кои тие лица ги одведоа со багажот на станицата.
При изведувањето на семејствата од становите, нивното собирање на зборните места и одведувањето на станица, немаше никакви инциденти. Се се одвиваше според утврдениот план. Бидејќи тој ден вееше снег и беше многу студено, претресувањето го извршија 10 комисии, одредени со наредба на обласниот директор, во чиј состав беа сите началници на обласните и на окружните служби. Составени се протоколи за сета одземена сума и драгоцености и се му е предадено во понатамошна надлежност на делегатот на Комесаријатот.
Претресувањето помина без никакви инциденти. Не е дозволено никакво поединечно претресување. На комисиите што ги изведуваа еврејските семејства им беше забрането да влегуваат во куќите и да стапуваат во контакт со Евреите, чии станови беа заклучувани и запечатувани, а клучевите беа врзувани за картонот со ознака на името на сопственикот. Иселувањето на Евреите од Битола е примено добро од страна на граѓанството, како појава на една здрава власт што прави се за да ги реши еднаш засекогаш сите проблеми врзани за елементите што му пречеа на општиот напредок или ги навредуваа интересите на татковината…
Алберт Сарфати, битолски Евреин, еден од малубројните кому му успеало да избега од логор, подоцна раскажуваше дека уште во два часот по полноќ сите битолски улици биле блокирани.
Рано наутро во куќите упаѓале полицајци и агенти и заповедале дека сите во рок од половина час мораат да бидат спремни за пат. Било наредено да се понесат само најнужните работи, како и пари и драгоцености. Настанала паника, никој не знаел како да се однесува и што да прави. Полицијата ги терала што побрзо да излезат од куќите. Уште на железничката станица бил извршен претрес и одземени им биле сите пари и накитот.
Натоварени биле во сточни вагони, во секој вагон по 50-60 луѓе со багаж. Луѓето одвај имале место за стоење. Било задушливо, немало вода. Низ малите отвори на фургоните одвај допирал воздух.
На една од станиците се чуле крици на родилка на која никој не можел да й помогне. Битолските Евреи се нашле во скопскиот „Монопол”.
Во Скопје стасавме истата вечер околу полноќ. Ни ги отворија вагоните и во мракот не бркаа што побрзо да ги напуштиме вагоните и да влеземе во две згради. Нас, битолските и штипските Евреи не имаше вкупно преку 4 200 души. Еден преку друг, постојано удирани од бугарските војници, се буткавме во мракот и ги влечевме децата, старците и болните и своите работи. Кога се раздени, разбравме дека се наоѓаме во „Монопол“, а во другите две згради видовме дека веќе се собрани и скопските Евреи.
Фотографии и извадок од книгата Плима и слом на Жени Лебл
Црн печат во поновото време на Битола во 2022 г. е тоа што на една од тие битолски улици каде живееја Евреи и каде се вршеше прогонот и истребувањето од нивните куќи, ул. Рузвелтова, се отвори накаков Клуб на македонските бугари насловен со името на Ванчо Михајлов , колаборатор на фашистичката власт за време на Втората светска војна.
До ден денес никој од бугарските власти не се има извинето за правењето на ова злодело и масовно истребување.