Битолско минато

Со Пет(ар) во Пет(ок)

Петар Ставрев специјално за Бабам Битола

Зачекоривме во новата деценија, испраќајќи ја минатата година со многу тешкотии, грижи и загубени блиски и пријатели. Таквото минато сакаме повеќе да не се повтори, туку со надеж и радост да ја пречекуваме иднината, сеќавајќи се на светлото битолско минато.
Битола некогашен центар на Румелискиот вилает, конзулски град, со величествен придонес во Илинден, НОБ и Социјалистичката изградба може секогаш да се гордее.
Тоа светло минато покрај другите веќе десеттина години во значајни пишани документи го бележи Проф. д-р Александар Стерјовски. Тој од предвидениот циклус „Битолски десеткнижие“ ја објави седмата книга „Градби“. Зацртани му се и преотанатите три книги кои ќе претставуваат вредни траги и документи за делови од битолското минато.

Роден во 1933 год. Стерјовски дипломирал и докторирал на Скопскиот државен универзитет, предавал на Педагошката академија и факултет, бил проректор на Битолскиот универзитет и објавил на стотина статии од областа на фоклорот, битолската историја и објавил десеттина книги за животот и дејствувањето на организации на луѓе и настани.

Скромен, трудољубив, и добитник на повеќе награди и признанија тој секогаш е пример како да се сака својот град, да се почитува трудот на неговите жители и да се регистрира е она што Битола ја прави посебна, гостопримлива и опеана во многу песни, патеписни белешки и други пишани документи.

-Професоре само среќа и здравје во Новата Година, зашто ето она што вие го правите за нашиот град засекогаш ќе биде патоказ и многу други творци да го сакаат своето родно место и да творат за неговото незаборавно минато.

Тоа од името на сите битолчани Ви го посакуваат Петар Ставрев и порталот „Бабам Битола“, кои се благодарни за досегашната ваша сестрана соработка со нив.