На Широк Сокак од спротива Католичката Црква, каде денес се наоѓа модерно кафуле, во време на моето детство се наоѓаше продавница која ја викавме Деликатес. Со големи рафтови и на нив наредени секакви млечни производи, сувомеснати и мортадела. Голема, убава, миризлива со големи и цели зрна црн бибер, со по некое бело салце низ неа, очи не тргаш од неа, ти мириса уште кога ќе влезеш во продавницата. Му раскажувам а тој ме слуша…јас продолжувам, му кажувам дека често мајка ми ме пушташе со чинија од дома да одам да пазарувам од деликатесот и во тие детски денови голем впечаток ми правеше купувањето на мармелад од мешано овошје, убав, црн, тврд, густ… се сеќавам дури и на чичко Јорго којшто земаше голема лажица, ќе нурнеше во големото тенџере, ќе ставеше во чинијата… Ти и натаму ме слушаш и само ми велиш. Какви спомени си чувала, а и мене ми ја разгали душата.

Знаеш, се сеќавам, уште како мала, ќе земеше хартија и молив и по цели денови црташе. Потоа земаше од моите бои и co paдocт ги нанесуваше на парче дрво, се додека не се омажи… едно време сето тоа го батали, па ме прашуваш дали сега во ова време тоа ме влече, а јас ти кажувам дека тој мерак и натаму го чувам во душата… потиснат е но го чувам, како што го чувам споменот од мојата, твојата, нашата младост… Слатката тајна од моето, твоето детство, оставена низ Битола, однесена по сокаците, истркалана на ледините од Тумбе кафе, на секој камен и плоча од нашиот Широк Сокак…и нашата Битола. убава, сончева и насмеана, а ние секогаш вљубени во неа, со носталгија, со милина и трепетливост во душите и се враќаме.

Гордана Такец „Го љубам животот“