Утре е Прочка или Велики поклади. Ние да Ве потсетиме на време да го пронајдете старото сукало, да закажете голем фамилијарен, заеднички ручек каде сите заедно со децата и внуците ќе се дружите, веселите и нормално, ќе “амкате”.

Прочка е ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето. Прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми “, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“. Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца. Варено јајце се врзува на конец и над трпезата се завртува над главите на децата.

Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда. Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот Велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници. Еден од главните елементи на Прочка е маскирањето и преоблекувањето. Според обичајот, за Велики поклади порано се маскирале само мажите, а маските требало да бидат што пострашни и посмешни.

Нека е за многу години!

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here