Бено Русо и Роза Камхи: Годините си го прават своето…
Бено и Роза се вљубија некаде во триесеттите години на минатиот век, а во 1946 година тие се венчаа. Во меѓувреме, најголемиот број од македонските Евреи, поточно над 7. 400 беа депортирани во логорот на смртта Треблинка. Ниту еден од нив не се врати жив дома. Бено и Роза, заедно со неколку нивни пријатели Евреи, на неполни дваесет години зедоа пушка в рака и им се приклучија на партизаните во борбата против фашизмот. Кога во 1945 година војната заврши Бено имаше само 24 години. Тогаш тој стана Генерал. Оваа приказна не води низ бурни времиња се до 2011 година, при тоа опфаќајќи го перидот на смртта на Тито, распаѓањето на СФР Југославија, па се до отворањето на најголемиот Музеј на Холокаустот во јужна Европа. На овој начин филмот е исклучително значаен при реализацијата на наставата по историја, историјата на Евреите и изучувањето на холокаустот.
Интервјуто со Бено Русо и Роза Камхи беше направено од страна на Рејчел Чанин во 2005 година. Филмот, кој всушност се базира на ова интервју е направен на барање на Меморијалниот Центар на Холокаустот на Евреите од Македонија, во Скопје. Таму истиот се прикажува како составен дел од музејската поставка. Филмот е изработен во Македонија во режија на Стојан Вујчиќ и Апостол Тноковски, при што двајца реномирани актери ги читаат улогите на Бено и Роза.