На 16ти август 2020 две лица го загубија животот, а четири се потешко повредени во сообраќајна несреќа што рано утрината се случи на магистралниот пат Охрид – Свети Наум, кај клучката за излез кон хотелот „Инекс“. До несреќата што се случила во 01:40 часот дошло при судар на три возила „Цитроен ЦЗ“ со битолски, „Волксваген Голф“ со охридски и „Волксваген Пасат” со прилепски регистерски таблички. Со „Цитроенот“ управувал Иван Корач од Битола, кој со тешки телесни повреди бил префрлен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ каде им подлегнал на повредите здобиени во несреќата. По еден месец и другиот повреден Милан подлегнува на повредите.
Како причинител и виновник за сообраќајната несреќа е лице кое поради многу висока и неприлагодена брзина ги зеде на душа нашите сограѓани и од страна на судот не му е изречена ефективна мерка затвор, туку само 4 години условна казна и глоба 3000 еу. Правдата и во овај случај не е задоволена. Таткото на едно од починатите момчиња не можеше да се воздржи:

Една од девојките кои беа повредени и ја преживеа сообраќајката, Сташа Божиновска, изреволтирана од донесената пресуда апелира за правда:

– Сум разочарана и изиритирана, а пред се незаштитена од институцијата наменета да ме заштити од неправда, мене, тебе, секој еден од нас, докажувајќи спротивно, дека животот е најевтин кога е одземен во сообраќајка. Одземајки само една душа, настапува трауматичен пресврт во животот на 10тици блиски, родители, браќа сестри, роднини. Дивјаците тркајќи се по патот Охрид – Св. Наум одзедоа два животи и тешко повредија з други. Додека се опоравував по безбројните операции и
Интервенции, огромни количини на лекарства, анестезии, зрачења од ренгени и магнети, трауми на моите родители, браќа , роднини пријатели,
целиот фокус ми беше во една институција која сметав дека е покрај мене за да ме заштити: СУДОТ. И ТАА ИНСТИТУЦИЈА МЕ ПРЕДАДЕ, МЕ ИЗНЕВЕРИ, МЕ ПРОДАДЕ ЕФТИНО, ме остави осакатена со физички и душевни лузни на милост и немилост без да придонесе во превенирање на идни слични настани, застанувајки на страна на дивјаците кои успеаа да го пронајдат најтешкиот линк во ова наше општество: КОРУПЦИЈАТА.”

Колку вредат два млади животи се запрашува и нивниот другар Стефан Мицевски:

“-На 16ти август минатата година ме разбуди телефонски повик, по кој сите од сите телефонски повици во раните утрински часови добивам морници. На истиот тој ден, некој човек чие име не го знам, а не сакам ни да го знам, одлучил дека ќе го стави на коцка сопствениот живот кога тргнал од Охрид кон Свети Наум возејќи со БАРЕМ дупло поголема брзина од онаа која е пропишана на тој пат, не коцкајќи се само со својот туку и со животите на сите оние кои учествувале во сообраќајот на патот таа ноќ.
На огромна несреќа забрзаниот автомобил го удира автомобилот во кој се наоѓаа двајца мои другари и три девојки. Двајцата го губат животот. Иван подлегнува на тешките повреди истата таа ноќ, а Милан после едномесечна борба на КАРИЛ исто така подлегнува на повредите. Трите девојки, Сташа, Исидора и Деспина се здобија со тешки повреди од кои се опоравуваат до денешен ден.

Оваа сообраќајна несреќа имаше огромно влијание на животот на скоро сите луѓе кои во животов ги сметам за блиски. Сите оние со кои сум израснал и со кои сум делел среќа и тага беа засегнати од овој настан. Каква непроценлива штета направи овој настан во животот на сите нас? Би се обидел со една реченица да го опишам чувството со кое сите ние ќе живееме после 16ти август 2020година. Тагата е постојана, а во секој украден момент на среќа голтаме по една горчлива грутка во грлото сеќавајќи се на прегратките и насмевките кои се далеку од нас.

На 20ти Октомври 2021година, Основниот суд во Охрид донесува пресуда со која човекот кој ги убива моите другари и тешко ги повреди трите девојки е осуден на условна затворска казна од 4 години и треба да плати глоба од околу 3.000€.
Ако ги прочитате последиците од сообраќајната незгода: двајца мртви и тројца тешко повредени кои по година дена се уште се борат со последиците и ги споредите со изречената пресуда не може да не си ги поставите следниве прашања:
– Дали оваа пресуда ја отсликува правдата, ако правда е она што следува по закон?
– Каква порака испраќа судот со ваквите пресуди? Како ваквите пресуди свесно или потсвесно влијаат врз оние кои имаат тенденција за вакво однесување во сообраќајот?
– Ако сето ова е законски, тогаш дали законот со пропишаните казни сериозно ги зема предвид последиците од сообраќајните незгоди предизвикани од дивјачко однесување во сообраќајот?

Одговорот на овие прашања се очекува од Апелациониот Суд во Битола! Се надевам дека правдата ќе го најде својот пат низ судските лавиринти и овој пример ќе биде последен за кој вака јавно ќе се говори!”

 

Бараме правда за Иван, Милан, Исидора, Сташа и Деспина!
Бараме правда за сите кои се нашле во слични ситуации низ животот!
Бараме правда за во иднина никој да не се најде во ваква ситуација!