Битола остана без леблебија

“Мене не ми требаше да ми плаќаат, само да седам. Учителките ги носеа децата за да им покажам како се пече леблебија. Туристите застануваа да видат, да пробаат. Сега што ќе видат во Чаршијата? Ништо”, вели чичко Томе, кому Пазаришна инспекција му забранила да пече леблебија оти бил пензионер.

Пред еден месец Старата чаршија во Битола остана без леблебиџија. Најстариот, чичко Томе Ѓоргиевски, леблебиџијата, на 77 години го остави занаетот. Пазаришната инспекција му забранила да работи, оти бил пензионер, па тој го продаде бакарниот казан за печење леблебии во отпад, ги раздаде решетата, токмаците. Ја задржа само старата паланѕија, вагата која ја наследил од татко му Вангел леблебиџијата. Со неговото заминување, згасна уште еден занает во Чаршијата.

“Не го затворив јас самиот дуќанот туку законот. Многупати доаѓаше пазаришната инспекција. Не сум смеел да работам, сум бил пензионер. Ама јас и во Судот кажав дека не работам туку само го одржувам дуќанот, занаетот, оти нема друг леблебиџија во Чаршијата”, кажува чичко Томе.

“А бе, мене не ми требаше да ми плаќаат, само да седам. Учителките ги носеа децата за да им покажам како се пече леблебија. Туристите застануваа да видат, да пробаат. Сега што ќе видат во Чаршијата? Ништо”.
Во Битола, на времето, како што кажува чичко Томе, имало шест леблебиџии. Се натпреварувале кој ќе направи поубава, а наутро Чаршијата мирисала на пресно печена леблебија.

“Во пазарен ден се трошеше како алва. Кога имаа слави по селата, купуваа и по две кила, за гости да пречекаат. Во градот, пак, се купуваа за визита, за да се најде за дома. Последниве години ќе купеа по сто грама, двесте. Стана неисплатливо”.

Занаетот леблебиџиски го наследил од татко му Вангел. Дуќанот им бил единствениот извор на приходи.

“Бевме осум деца. Четворица браќа и четири сестри. Кога снеможе татко ми, некаде во 1974 година, ми рече дека јас сум највреден и јас ќе го продолжам занаетот. И продолжив. Со леблебијата ги изгледав двете ќерки, ги изучив, завршија факултети, ги мажив, ги задомив. И тие помагаа во работата. Едната стана докторка, другата професорка. Внуците учат школа. Јас немав кому да го предадам занаетот”.

А занаетот леблебиџиски, како и секој друг, бил тежок, оти леблебијата не ја купувале готова, како сега, туку ја преработувале. Еднаш годишно купувале од најубавиот кумановски слануток. Го земале суров и потоа го правеле леблебија.

“Имаше доста работа. Двапати се пече сланутокот. Потоа се кваси преку ноќ и од рани зори се печи по трет пат и со токмак во казанот се врти, се лупи лушпата. Четвртиот пат леблебијата се препекува, тоа е финалето. Јас сланутокот го работев во бакарен казан со два сантими дебела плоча. Тоа му даваше друг вкус. Секој кога ќе каснеше од моите леблебии, ги фалеше, оти јас ги правев на старовремски начин”.

Проблемите почнале кога на пазарите дошла турската леблебија, па секој можел да стане леблебиџија.

“Ќе оди, ќе купи, ќе ја стави на излог. А да ја направи не може. Сe што постоеше од занаети – чевлари, ковачи, шапкари, терзии, изумре. Млади има, ама нема кој да ги заучи сега. Старите си заминаа, ги затворија дуќаните. Ете сега и леблебија нема да знаат да направат. Дуќанот го дадов под кирија. Еднаш влегов во него отпосле, и избегав, не можев да додржам”, вели чичко Томе.

Соња Тантарова за весникот Вест, Октомври 2010 г.

Извор Битола стари фотографии