Kristallnacht или Ноќта на скршеното стакло, исто така наречена ноемвриски погром, беше погром против Евреите извршен од паравоените сили на нацистичката партија, заедно со одредено учество на Хитлеровата младина и германските цивили низ нацистичка Германија на 9-10 Ноември 1938 г. Името доаѓа од парчињата скршено стакло што ги натрупаа улиците откако беа искршени излозите на 7000 еврејски продавници и бизниси, уништени и запалени 267 синагоги во сопственост на Евреи, над 30.000 уапсени и одведени во логор(1).

Од овај ден започнува заплетот на нашата приказна, за семејството Гамлиел кои тогаш живееја во Виена и поради сето ова што се случува заминуваат и се преселуваат во Битола.

За Гамлиел

За семејството Гамлиел во Битола прв пишува битолскиот историчар Ѓорги Димовски Цолев во неговата книга „Битолските Евреи“. Тој таму опишува за големиот талент на нивното дете Гастон кој во околу 50 цртежи, акварел и графика, ја пренесува убавината на тогашната Битола, но за жал во цутот на неговата младост починал млад од туберкулоза. За Гастон Цолев напишал дека со семејството дошол да живее во Битола во 1938 година.

,,Младиот Гастон во новата средина, со своите 19 години и со нескриена силна сликарска творечка енергија, нашол извор на инспиративни мотиви за работа. Тој, едноставно, живеел само за уметноста. Цртал мотиви од Старата чаршија, трансформирајќи ги графички со витки и лесни линии. Ги сликал Турската бања, потпелистерски мотиви, како и жанр-сцените од секојдневието пред војната насловени како ,,На рогузина-за черга”, ,,Одлично место за озборување”, ,,Пазарџии” и друго. Гастон редовно ги портретирал неговите роднини и пријатели. Живеејќи претходно во Виена, можел да се запознае со модерното сликарство и со социјалистичкиот реализам”, запишал Цолев.

Фамилија Гамлиел, детето Гастон е лево, таткото Адлерико, мајката Елфрида, сестра му Доротеа и двата близнаци Ивон и Алберт.

Гастон, есента 1940 година, ги прибрал во една папка со желба по оздравувањето да продолжи со сликање. Но за жал починал на 21 година. Во негов спомен фамилијата Гамлиел ја чува оваа папка се до нивното одведување во Треблинка, пред кое папката му ја даваат на битолска фамилија за да му ја чуваат кога ќе се вратат, бидејќи таа му е единствениот спомен од нивниот млад, талентиран прерано починат син.

Битолската фамилија даде завет, но како што раскажуваат самите тие и покрај нивната голема потрага после Втората светска војна не сретнале ниту еден член од семејството Гамлиел, за да си го одржат ветувањето и да им ги вратат цртежите назад на фамилијата со мисла дека не останал никој и сите завршиле Треблинка.

Битола на еден од цртежите на младиот Гастон

Ние во нивна чест продолживме да истражуваме и денес можеме слободно да кажиме дека после пет години пронајдовме два члена од оваа фамилија, еден со 85 г. во Швајцарија друг со 68 г. во Израел, кои располагаат со целата нивна фамилијарна архива и ја знаат оваа тажна приказна, но ги немаат цртежите. Да се надеваме дека за скоро ќе им помогнеме и на нашата битолска фамилија која како прави еснафи сѐ уште грижливо го чува нивното наследство и сакаат како аманет на своите родители да го исполнат нивниот даден збор.

Која е фамилијата Гамлиел, од почетокот до крај

Жак Гамлиел бил роден во 1875 г. во Варна, починал млад поради срцева слабост во 1928 г во Солун

Жак Гамлиел со неговиот син Адлерико

каде кон крајот на 19-тиот век раководел свое уметничко фотографско студио, лоцирано во улицата Кала Марија. Тој ги направи првите фотографии од еврејските доброволци во отоманската војска кои се враќаат дома од Воениот фронт.

Реклана на Ладино за студиото на Гамлиел во весникот Ла Епоха , благодарност до Рахел Бонфил

За неговата активност дознаваме од еврејскиот печат, главно од Ла Епока, најзначајниот еврејски весник што излегува во Солун.

Студиото на Гамлиел во Солун

Дел од фотографиите во студиото на Гамлиел во Солун

Сопругата на Жак, Леа од фамилијата Бенвеницки е родена во Солун 1875 г . По смртта на Жак, Леа се преселува од Солун во Виена, Австрија заедно со нивните три деца Адлерико р. 1894 г, Дороте р. 1905 и Фридика р. 1912 г.

Леа Гамлиел

Од нив Адлерико Гамлиел станал успешен трговец и почесен конзул. Тргувал со стоки од секаков вид, но најчесто со сурова свила и зелено кафе. Со својата работа и релативно добриот приход што произлезе од тоа, тој можеше одлично да го прехрани своето големо семејство, неговата мајка Леа (Амама) и неговите две сестри, а исто така и да заработи малку и за себе и неговиот луксузен живот.
Така Адлерико запознал една млада дама која била концертна пијанистка.

Елфрид и Адлерико

Нејзиното име беше Елфрид Клајн р. 1897 г. која потекнуваше од католичко семејство. Паметниот, успешен еврејски трговец, Адлерико долго време ѝ се додворуваше на младата и згодна пијанистка. Од кога стапија во врска не чекаја многу за заеднички да ја крунисат нивната љубов и одлучија да се венчаат.

Адлерико и Елфрид

Но, бракот беше одложен само поради една причина: Елфрид апсолутно сакаше да ја прифати религијата на нејзиниот иден сопруг и да премине од католичка во еврејска вера. Така, таа мораше да научи многу за да можат да се венчаат по еврејски обичај во еврејско-турскиот храм во Виена, кој се наоѓал во вториот округ во Зиркушгасе.

Семејниот албум на Адлерико и Елфрид

Младиот пар купиле куќа во Линиенгасе бр. 40 во шестиот кварт во Виена. Тука се родени нивните две постари деца, Доротеа р. 1918 г. и Гастон р. 1923 г. . Помладите, кои беа близнаци ги добија имињата Ивон и Алберт р. 1927 г. , се родија во Југославија. Во нивниот дом се зборувало грчки, турски, шпански, француски, српско- хрватски и секако популарниот виенски дијалект. Тука честопати се одржуваа и прославуваа забави, заедно со нивните пријатели и познаници кои беа великодушно примени и забавувани.

Адлерико на својата сакана сопруга ѝ подари прекрасен, црн клавир, кој бил сместен во една од многуте соби. Гостите премногу често, ја бараа Елфрид да изведе нешто на клавир. Таа скоро секогаш со задоволство ги исполнувала нивните барања. Понекогаш, од било која причина, тоа стануваше премногу за неа. Еднаш, на една поголема забава, Елфрид беше замолена да засвири нешто на пијано. Таа не беше заинтересирана за тоа, и како во шега им се обрати на присутните гости дека ако свири тоа ќе го прави само на бел клавир. Следниот ден, Адлерико договорил неговата сопруга да биде отсутна подолго време од дома. Без нејзино знаење, тој го заменил црното крило на пијаното со бело. Секако, штом Елфрид се врати дома откри дека клавирот има различна боја. Имаше мала расправија која брзо заврши со големи прегратки.

Покрај комерцијалните активности, Адлерико не сакаше да ризикува на берзата. Ако правел профит, што не ретко се случувало, живеел гламурозно. Сопругата редовно ја опсипувал со многу накит и убава облека. Во исто време, Адлерико учествуваше како мал партнер во една виенска фабрика за пијано. Бил вклучен и во италијанска осигурителна компанија со значителен блок на акции.

Како убав, артикулиран бизнисмен со софистицирано однесување, секогаш претпочитал да се смести со своето големо семејство на место каде што долгорочно ќе може да се направи добар бизнис. Неговата мајка Леа и неговите помали сестри Доротеја и Фридика секогаш беа дел од големото семејство. Заради трговијата и бизнисот знаеја да ја напуштат Виена со месеци и да ги прошетаат најразновидните региони на Југославија, да бидат во градови како Битола, Скопје, Белград и Солун . Нивните деца тогаш оделе во училиштата каде што се населувале. Така тие пораснаа учејќи многу јазици.

Дојде 1938 година. Тогаш беа во Виена и одеднаш многу пријатели и познаници започнаа да ги одбегнуваат. Ситуацијата од ден во ден се повеќе и повеќе се влошуваше. Адлерико и Елфрид одлучуваат брзо да побегнат во Југославија заедно со целата фамилија. После „Ноќта на скршеното стакло – Kristallnacht “ нивното заминување од Австрија конечно било решено.

Тие многу добро ја познаваа Југославија поради нивните чести престои таму. Земјата одамна стана нивниот втор дом. Се чинеше дека може да им ја понуди потребната безбедност од Хитлер и неговите безброј послушници. Но, тоа само изгледаше така. Наскоро нацистичките Германци маршираа со нивното мото „Денес ја поседуваме Германија, а утре целиот свет“ и ја окупираат цела Југославија. Гамлиели мораа да се обидат да се сокријат некаде. Бидејќи беа голема фамилија, овој потфат беше повеќе од тежок и неизводлив на долг рок. За некое време успеаја. Двете Доротеи останаа во Белград и се спасија од Холокаустот сокриени од христијански фамилии . Другите заминаа во Битола од каде, за жал завршуваат во злогласниот логор Треблинка во Полска.

Гастон Гамлиел како дете

Гастон, помладиот брат на Доротеа, пиел загадена вода и се разболува од тифус. Тој бил многу талентиран, надарен и интелигентен, одличен во цртање и сликање.

Гастон, автопортрет

Пишувал и песни, кои знаел да ги запише со уметнички ракопис. Почина млад во Битола на само 17 годишна возраст , каде е и закопан на еврејските гробишта.

Талентираниот Гастон Гамлиел (горе средина) со неговата мајка и двата близнаци

Смртта на Гастон беше клучна за запаѓање во депресија на неговите родители, особено неговата мајка. Неговата смрт на тој начин ја засени смртната казна која доаѓаше за поголемиот дел од остатокот од семејството. Адлерико и Елфрид не можеле и не сакале повеќе да се кријат и да бегаат од своите гонители.

Цртеж на Гастон репродукција на негова фотографија кога бил дете

Добиваат поддршка од битолската фамилија Кипровски, кои се обидуваат да ги сокријат и да им помогнат за да ја напуштат Битола и Македонија. Но нивната великодушност била одбиена поради скоро седумдесет годишната баба Леа, која не сакале да ја остават и напуштат. И така на 11.03.1943 г. Адлерико, Елфрид заедно со близнаците Ивон и Алберт сите комплетно завршуваат во Треблинка со една од сестрите, Фридика која имала сопруг и била бремена.

Цртежите на Гастон Гамлиел 80 години во сигурни раце на битолска фамилија оставени како аманет

Гамлиелеви денес

Денес дел од таа фамилија потомци живејат во Швајцарија и Израел. Доротеа, сестрата на Адлерико има син Ханс кој е 85 г. и живее во Швајцарија. Досега не ја има посетено Битола. Еден дел од неговите роднини го имаат пронајдено и гробот на младиот Гастон во Битола и тоа им го имаат пренесено него:

Jakov Adler Gamlish
Овде е погребан значајниот млад човек Јаков Адлер Гамлиш.
Роден во Виена на 12-ти ден од месецот Хешван, во 5684 година.
Погребан е во Битола на 25 ден од месецот Кислев во 5701 година.

Доротеа, сестрата на Адлерико со нејзината ќерка Едит во Белград 1946 г.

Ќерката на Адлерико, Доротеа после војната во 1948 г. доаѓа во Израел и моментално има една наследничка, Рахел која е на 68 годишна возраст .

Еден од цртежите на Гастон кои го поседуваат Гамлиелеви

Тие заедно имаат голема колекција од наследството на Гамлиелеви како семејни албуми, документи и фотографии. Кога ги запознавме со нашата битолска приказна за цртежите на талентираниот Гастон, тие беа многу изненадени и воодушевени. Со надеж дека конечно следната година, после 80 години, ќе се исполни ветувањето и аманетот даден од големата битолска фамилија Кипровски, дека тие повторно ќе бидат таму каде што припаѓаат, назад во фамилијата Гамлиел.

Зоран Ѓоргиев

(1) Википедија

Голема благодарност до Ханс Гамлиел и Рахел Фридман

Дел од текстот извадок и обработка од книгата на Ханс Гамлиел „Eine jüdische Kindheit im Nachkriegs-Wien“