Ова е рецепт за пита која се вика портокалопита. Верувале или не се прави со готови кори, иако не изгледа така. Многу е битно како ќе ги иситните корите, покрупно или поситно. Јас не сакав да ми изгледа питата како гибаница и ги иситнив многу па ми дојдоа како крупно брашно, а во многу рецепти се иситнети покрупно на покрупни парчиња, изборот е ваш.

Исто така, во оригиналниот рецепт се користи грчки јогурт кој слободно може да го замените со нашето убаво кисело млеко. Портокалите најдобро е прво да ги измиете убаво со четка и потоа да ги потопите во вода со сода бикарбона.

Состојки

За пита:

1 пакување кори за баклава (околу 500 гр.)
4 големи јајца
1 чаша шеќер (200 гр.)
1 1/4 чашакисело млеко (300 мл)
1 чаша сончогледово масло
1 1/4 чаша сок од портокал
2 лажички екстракт од ванила или 2 пакувања ванилин шеќер

кора од 2 портокали
1 лажица прашок за пециво

За сирупот:

1 чаша шеќер
1 чаша млака вода
1/2 чаша сок од портокал
1 стапче цимет
кора од 1 портокал

Подготовка

Корите отворете ги и исечете го крупно и оставете ги убаво да се исушат, најдобро преку ноќ. Потоа искршете ги со рака до посакуваната големина.

Направете го сирупот со тоа што ќе зовриете шеќерот, водата, сокот од портокал, кората од портокал и цимет и оставете да зоврие на средна температура неколку минути. Извадете го стапчето цимет и оставете го сирупот целосно да се излади пред да го истурите над жешката пита.

Подмачкајте го садот за печење со масло или обложете го со хартија за печење. Јас користев тавче 20 на 20, но можи и поголемо за да не ви дојде многу висока питата.

Изматете ги јајцата со шеќерот убаво, додадете го киселото млеко, кората и сокот од портокал, прашокот за пециво и ванилата, матете на средна брзина. Потоа додадете го маслото и убаво изматете. На крај додадете ги искршените кори, убаво измешајте со лажица и оваа смеса истурете ја во тавчето и убаво распоредете ја.
Печете околу 1 час на 180 степени, повремено проверувајте дали е испечено убаво со чепкалка за заби.
Откако ќе се испече, исечете ја на парчиња и жешка веднаш потурете ја со ладниот сируп.

Консумирајте наредниот ден.

www.macedoniancuisine.com