Денес 9 мај, во просториите на Градската библиотека во Битола беше одржана промоцијата на првото авторско дело, новелата ,,Полн погодок” од Викторија Брдаровска.

Рецензенти на ова дело беа проф. д-р Лазе Јаќимоски и проф. д-р Гордана Тасевска, а лектор Христијан Аџиоски.

Авторот и уредник на оваа новела Викторија Брдаровска прва имаше обраќање кон присутните и кажа неколку зборови околу делото, мотивацијата и едно резиме околу ,,Полн погодок”.

,,Преполната сала со битолчани е полн погодок за мене!”… рече Брдаровска.

Викторија Брдаровска е родена на 25 јуни 2003 година во Битола, каде што го завршува своето основно и средно образование. Добитник е на над 70 сертификати од повеќе области, претседателка на здружението ,,ВИКТОРИ”, младински активист, студентка на Правен факултет и член на Правна клиника, заменик-претседателка на Локален волонтерски совет при Општина Битола, а од денес и автор. Порано се занимавала со спорт и фолклор.

,,Тајната на успехот ја знаат само оние кои не успеале да постигнат барем три полни погодоци” – Викторија Брдаровска

Клајв Луис еднаш рекол:
,,Напишав книга која сакав да ја прочитам. Никој друг тоа го нема напишано, па морав јас!”

,,Полн погодок” е моето прво авторско дело кое е пишувано цели четири месеци. Ова е дело во кое се “бакнуваат” храброста и упорноста, а пред сѐ човечноста. Животот е игра со која ние управуваме од џојстикот, ние сме архитектите на своите судбини. Посебна чест и гордост ми беше што говорев пред преполна сала на луѓе кои одвоија дел од своето драгоцено време, да присуствуваат на промоцијата на ова дело.
Животот е најтежок испит во кој многу луѓе препишуваат без да знаат дека секој има различен испит и не оставаат траги, туку газат на туѓите стапки.