По повод европската надела на мобилност која ја слави слободата на движење на луѓето во урбаните средини на незагадувачки и одржливи начини, одиме со 61та #КритичнаМаса #наТочак со цел подигање на јавната свест како и свеста на носителите на одлуки за потребата во инвестирање во квалитетни, безбедни и одржливи алтернативи за движење низ Битола. Колку не има повеќе точакољупци толку посилна пораката до нашиве носители на одлуки. Средете си го точаците и се гледаме на новата вело дружба.

Конкретните барања и што го очекуваме да го видиме од новиот Градоначалник на Битола како сообраќаен концепт е визија за еден похуман и попријателски град со фокус на луѓето, а не исклучиво за моторните возила како што е сега. Во прилог се 10 клучни точки за кои се залагаме и поттикнуваме.

ПОИНАКВА И ПОХРАБРА ВИЗИЈА
Луѓето сакаат да го чујат она на кое се навикнати, сакаат да им бидат потврдени навиките кои си ги имаат и ретко сакаат да ги променат, дури и кога тоа е на подобро. Политичарите најчесто играат на картата на помал отпор, дури и кога тоа е по цена на квалитетот на живот на луѓето. Од друга страна, должност на еден кандидат за градоначалник или советник е да знае за предностите и последиците од различни видови на политики (про-автомобилски или прозелен транспорт), должност е да биде во тек со трендовите во светот (car free градови) и должност е да учи од искуствата на други градови (од грешките и од позитивните искуства) и за тоа да ги едуцира и информира граѓаните.

Точка 1. БУЏЕТ. ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА – ПРИОРИТЕТ ЗА ТРОШЕЊЕ НА ПАРИТЕ НА ГРАЃАНИТЕ. Посебни ставки во буџетот за зелен, незагадувачки, здрав превоз. Не се убавите зборови она што потврдува што се приоритетите на една градска власт, туку буџетот. Може да кажуваме колку сакаме дека ни е гајле за чист воздух и здрави граѓани, но ако вложуваме во нови ленти за нови автомобили, место во специјални ленти за јавен превоз и велосипедски и пешачки патеки со висок квалитет, тоа едноставно не е точно. Буџетот на градот во мојот мандат ќе биде доказ за моите зелени приоритети. За да ги поттикнеме луѓето да се превезуваат на незагадувачки и здрав начин, во следните 4 години приоритет ќе дадеме на вложување во јавниот превоз, велосипедскиот сообраќај и пешачењето. Средствата издвоени за нив ќе се водат како посебни ставки во буџетот. Така на крајот од секоја година ќе може да се направи лесна споредба, колку сме станале позелени во споредба со претходната.

Точка 2: ГРАД КАДЕ ЖИТЕЛИ СО ПРАВА СЕ ЛУЃЕТО, А НЕ АВТОМОБИЛИТЕ. Тротоарите се за пешаците, патеките за велосипедистите, а не за паркирање Градот ќе го планираме и управуваме со луѓето во фокус, ќе ја превртиме сообраќајната пирамида. Приоритетни ќе ни бидат пешаците, па велосипедистите, па јавниот превоз, па индивидуалниот автомобилски превоз, како во секој град што се залага за квалитетен живот. Ќе престанеме со децениските назадни политики на решавање на сообраќајните проблеми преку проширување на улиците за да вдомат што повеќе автомобили. (во движење или за паркирање, сеедно). Улиците се јавни простори и место за луѓето, не за возилата. Возилата ќе ги третираме како едно од можните превозни средства, а не единственото и секако не на пиедесталот. Во нашата визија за градот ЧОВЕКОТ е на пиедесталот, неговото здравје, неговата добробит, неговите можности за мобилност, без оглед на начинот на превоз кој го избира, без оглед на физичките способности, материјални примања, пол, возраст итн.

Точка 3. ГРАД БЕЗ ЖРТВИ ОД СООБРАЌАЈ. Безбедни улици за децата, постарите, пешаците, велосипедистите, ранливите. За разлика од трендовите во другите држави во Европа, каде изминатите години драстично паѓа бројот на жртви во сообраќај усвојувајќи Визија за нула жртви од сообраќај, а кај нас изминатите години баш се зголемува. Затоа што додека развиениот свет работи на системска одговорност, тука ние сè уште навиваме за лична одговорност. Виновниците секако треба да одговараат и повеќе отколку досега, но апелирањето на лична одговорност е застарен пристап кој нема ефект. Правите улица која личи на автопат, а му кажувате на возачот да биде лично одговорен и да вози, 30, 40, 50 km/h. Отстранувате лежечки полицајци во надеж дека знакот е доволен. Не функционира никаде. Затоа, како локална власт имаме огромна одговорност да создадеме инфраструктура за посакуваното однесување. Ако сакаме безбедно и смирено однесување во сообраќајот, ќе создадеме улици кои тоа ќе го поттикнат, а ќе го оневозможат дивеењето. Ако сакаме почит во сообраќајот меѓу различните учесници, мора да им укажеме почит пред сè ние како локална самоуправа со издвојување на посебен простор. (за пешаците, велосипедистите, со акцент на децата, постарите, лицата со пречки во движењето). Ако се почитувани од градските власти и од самиот дизајн на улиците, ќе бидат почитувани и од возачите. Ќе направиме стратегија за успорување на сообраќајот преку дизајн на инфраструктурата Град со НУЛА ЖРТВИ од сообраќај. ВИЗИЈА НУЛА, а не нула визија.

Точка 4. НАМАЛУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИТЕ ГУЖВИ И ХАОСОТ. Обезбедување простор за различни типови сообраќај. Прашањето на мобилноста во сообраќајот е прашање на простор, а просторот е ограничен, конечен ресурс кој мора паметно да се користи. Колку погуст е градот, толку помалку може да се ослонува на автомобилот како решение за мобилноста и мора да бара просторно поефикасен сообраќај како решение за метежот. Дали ќе бидеме пеш, на точак, во кола или автобус – не зафаќаме еднаков простор и не придонесуваме еднакво кон гужвите. Проблемот на метежот во нашиот град доаѓа од возилата. Битола е густо населен град со возила. Единствен начин да се реши проблемот со метежот во Битола е да се даде примат на јавниот превоз и на велосипедскиот сообраќај и пешачењето, а индивидуалните возила да се стават на последно место на пирамидата (на каков погон и да бидат, сеедно, возило ќе зафаќа ист простор). Ќе ги напуштиме сообраќајните парадигми на 20-тиот век кои единствено се грижеа колку АВТОМОБИЛИ може да поминат по улицата и да се паркираат на паркинзите. Конечно ќе влеземе во 21-ви век каде прашањето е колку ЛУЃЕ може да поминат по оваа улица со сите различни начини на превоз. Сообраќајните инженери ќе почнат да бројат луѓе, а не само возила. Тротоарите ќе им ги вратиме на пешаците и секаде каде што има потреба, ќе ги прошириме. На сите улици ќе постојат велосипедски решенија (некаде во облик на издвоени патеки, некаде како споделен простор со возилата, ама при намалена брзина). Дрворедите ќе станат задолжителни за речиси секоја улица. Битола ќе стане мултимодален град, каде ќе луѓето ќе имаат избор со што да се превезуваат. Квалитетот на јавниот превоз, велосипедската и пешачката инфраструктура ќе се подигнат и Битола ќе стане град со порелаксиран сообраќај.

Точка 5. ЧИСТ СООБРАЌАЈ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ И ЗДРАВИ ГРАЃАНИ. Еко-свесно планирање, за квалитетот на живот на луѓето и животната средина.
1. Со фаворизирање на просторно поефикасни начини на превоз (како автобус, велосипедски и пешачки превоз, наместо како досега, автомобилскиот) ќе бидеме во можност на истиот простор да обезбедиме мобилност за поголем број луѓе, а да го зачуваме зеленилото. Постојано се одзема зеленило на сметка на проширување на просторот за автомобили, сеедно дали се тоа сообраќајници или паркинзи. Битола, како екстремно загаден град, мора да ја смени политиката на просторно планирање така што ќе посвети повеќе внимание на развојот на еко-пријателски транспорт и проширување, а не намалување, на зелените површини.
2. Друг начин на кој сообраќајот влијае на животната средина е преку издувните гасови. Според истражувањата на составот на загадениот зимски воздух, сообраќајот учествува во аерозагадувањето со ПМ честички со огромни 20%. Во Македонија, 1350 лица годишно предвреме го губат животот само како резултат на загадувањето. Кога согорува моторот на моторно возило, неколку различни гасови и цврсти честички се емитираат во атмосферата кои имаат штетни последици по животната средина. Особено загрижувачки по животната средина се: CO2, стакленички гас; хидрокарбонати (дузина лесно испарувачки органски компоненти, некои од кои се карциногени); азотни оксиди, сулфурни оксиди, ПМчестички, мали цврсти честички кои содржат метали и саѓи. Други штетни емисии кои влијаат на човековото здравје и креираат смог го вклучуваат озонот и јаглерод моноксидот.
3. Трет начин на кој сообраќајот влијае на здравјето на луѓето е преку креирањето на здрави или нездрави навики. Автоцентричното планирање го поддржува и онака седечкиот начин на живот од канцелариите кој има многу штетни последици по здравјето. Здрав град подразбира, меѓу другото место кое преку фаворизирање на активните начини на превоз
(пешачење, возење велосипед за кратки дистанци и користење јавен превоз за подолги дистанци, до кои станици исто така треба да се стигне со пешачење) ги поттикнува граѓаните
да ја имаат неопходната умерена физичка активност од минимум пола час на ден. Доколку градот е место каде просторот те кани безбедно и удобно да пешачиш и возиш точак, луѓето неосетно и попатно ќе го прават тоа завршувајќи ги другите активности, наместо просторот да ги кани да се паркираат со кола пред врата. И со тоа ќе се влијае на намалување на кардиоваскуларни проблеми, намалување на степенот на гојазност, позитивно ќе се влијае на имунолошката и психичката состојба на луѓето, а пари ќе заштеди и јавното здравство поради помалите отсуства и повисоката продуктивност.

Точка 6. СЕОПФАТНА ГРАДСКА ВЕЛОСИПЕДСКА МРЕЖА. На точак од било која точка А до точка Б по велосипедски патеки. Велосипедските мрежи се креираат или да ја задоволат потребата на моменталниот број на велосипедисти за висок квалитет на безбедна инфраструктура или пак за да влијаат на зголемувањето на бројот на велосипедистите и со тоа да создадат реална алтернатива на оторизираниот урбан транспорт. Доколку сакаме да го зголемиме бројот на велосипеди на улиците и да го намалиме автомобилскиот сообраќај, треба да градиме за идните велосипедисти, не за моменталните. За да не ги прекопуваме улиците одново и одново, треба да обезбедиме висок квалитет нашироки велосипедски патеки на кои ќе може да возат минимум 2 луѓе паралелно во една насока, на кои ќе може комотно да се практикува социјално возење велосипед, по кои ќе можат да се возат велосипеди со приколки (карго или за деца), по кои ќе се вози велосипед под сенка од дрвја итн. Патеките ќе бидат распространети низ целиот град и ќе може да се стигне безбедно од било која точка А до било која точка Б, меѓу другото и со точак. Онаму каде што просторот не дозволува да се испроектираат посебени велосипедски ленти, ќе биде јасно назначено дека автомобилите и велосипедите го споделуваат просторот и дека велосипедите имаат предност. Со соодветен дизајн на инфраструктурата (стеснување, искривување на ленти, подигнување на пешачки премини) ќе биде овозможено автомобилите безбедно да го споделуваат просторот со велосипедите (за брзини на возила до 30 km/h). На оние еднонасочни улици каде е возможно, ќе спроведеме велосипедски ленти во спротивна насока. На регионалните патишта кои ја поврзуваат Битола со околните населени места каде се дозволени брзини поголеми од 50 km/h ќе се испроектираат велосипедски патеки издвоени со зеленило и/или ограда. Од било која точка до било која точка во Битола ќе може да се стигне по велосипедска инфраструктура. Безбедно не само за агилните, туку и за децата и за најстарите!

Точка 7. ДУПКА; ВИСОК РАБНИК, КОНТЕЈНЕР НА ПАТЕКА = МИНАТО. Креирање ефикасен систем за пријавување и решавање на инфраструктурните проблеми. Ќе направиме ефикасен систем за пријавување на инфраструктурни проблеми. Ќе има посебен сектор посветен на вело-сообраќајот (планирање и унапредување) во рамки
на кој ќе има лице задолжено за инспекција на инфраструктурните проблеми. Дупка, висок рабник, контејнер на патека, рушено столпче, оштетен паркинг за велосипеди…Без да барате средби со повисоки инстанци, доволно ќе биде да пополните онлајн пријава на мапа, инспекторот ќе ја посети локацијата и ќе се пристапи кон решавање на
проблемот…и ажурно ќе биде променувана состојбата на мапата. Проблемите кои се повторливи при изведба (лошо порамнет асфалт, рабници кои не се слеани итн.) ќе бидат искомуницирани со сите работници, ќе добијат соодветна едукација, а се разбира построго ќе работи и надзорот. Квалитетот на инфраструктурата за двете тесни тркала е неопходно да биде уште повисок од инфраструктурата за четирите широки тркала. Во Битола возењето точак ќе стане комотно за сите.

Точка 8. БЕЗБЕДНИ ВЕЛОСИПЕДСКИ ПАРКИНЗИ ДОСТАПНИ НАСЕКАДЕ. Задолжителни паркинзи за секој објект и јавен простор. Треба да сме свесни дека проблемот со кражби на велосипеди е многу поширок отколку само проблемот со недостаток на соодветни паркинзи за велосипеди. Исто така паркинзите за велосипеди имаат и поширока димензија отколку само безбедност. Паркинг за велосипеди прво значи резервиран простор за точаци блиску до крајните дестинации без потреба од лутање наоколу и барање огради или светилки за кои велосипедот може да се врзе. Паркинг за велосипеди значи место каде точакот може да се потпре. Паркинг за велосипеди значи почит за оние кои доаѓаат со велосипед, топло добредојде и затоа мора да го имаат сите јавни институции и јавни простори. Паркинзите мора да бидат доволно високи, за да не се наведнуваме при заклучување, да бидат такви што ќе овозможат точакот да се врзе за рамот, да бидат на локација блиску до крајната дестинација, на осветлено и по можност заштитено од временски влијанија место и на место каде ќе има визуелна контрола. Не само јавните институции, туку и деловните, трговските и станбените објекти ќе мора да обезбедат одреден број паркинг места за велосипеди (според пропишани стандарди) за воопшто да добијат дозвола за градба. Одреден процент од овие места ќе треба да бидат на отворено (за кратко паркирање), но одреден процент и на затворено (за подолго складирање).

Точка 9. ЕДЕН ДЕН ВО МЕСЕЦОТ БИТОЛА ЌЕ БИДЕ ГРАД БЕЗ АВТОМОБИЛИ! Улиците за автомобили еднаш месечно ќе бидат место за возење точак, џогирање, детска игра и слободни активности. По примерот на концептите на отворени денови или денови без автомобили кои се обележуваат во европските градови во Битола ќе организираме вистински денови без автомобили на месечно и на годишно ниво (стандарден непроменлив термин). Кога читаме за градовите каде доминираат велосипеди или јавен превоз пред возилата, повеќето се воодушевуваме, но сосема е поинаку кога ќе ги посетиме, искуството инспирира многу повеќе и поттикнува промена во свеста. Поентата на ден без автомобили е да ни го даде тоа искуство и во сопствениот град. Тоа значи повеќе улици во текот на повеќе часа да се затворат за автомобили. На овој ден повеќето граѓани своите секојдневни обврски да ги завршат без кола. Ден без автомобили треба силно да се промовира месец дена однапред за да нема граѓанин кој нема да биде известен што ќе се случува на тој ден, која е поентата на денот и да се мотивира да ја остави колата на барем еден ден. Возењето со кола на тој ден треба да се направи речиси невозможно и граѓаните нема да излезат со автомобил од дома. Така сите во текот на тој ден ќе почувствуваме разлика и ќе можеме да доживееме поинаква Битола, макар на еден ден. Без бучава, без безбедносна опасност, со почист воздух и поубави звуци, со послободни улици…Ако го доживееме и ќе сфатиме дека навистина е поубаво и возможно во градов да има помалку возила…Идејата на Денот без автомобили е да ги поттикне луѓето на промена на навиките. Идејата на ден без автомобили не е да направи неинформираните возачи да се нервираат за да помине велосипедска парада. Идејата е да ја доживееме убавината на денот заедно. Улиците да им припаѓаат на тие што се пеш, на точак, со автобус…Во тој ден по минимум една вообичаено фреквентна улица ќе биде затворена за автомобили и отворена за слободни активности.

Точка 10. ЛИЧЕН ПРИМЕР. ЌЕ ТРГНЕМЕ ОД СЕБЕ ВО ПРОМЕНАТА НА ГРАДОТ. Градската администрација на работа пеш, со точак или јавен превоз. Заложбите за развој на градот во пракса преку личен пример. Ќе тргнеме од себе за промена на градот. Градската администрација на работа пеш, со точак или јавен превоз. И се разбира јас и мојот најблизок тим нема да користиме возило, уште помалку службено за доаѓање на работа, ќе користиме велосипеди (свои или изнајмени), ќе доаѓаме пеш или со јавен превоз. Само така ќе дадеме личен пример и ќе покажеме колку се нашите заложби искрени, но исто така ќе имаме поголем допир со реалноста во која живееме, полесно ќе ги забележуваме и суштински ќе ги решаваме проблемите. Па очекуваме тој пример да го следат и другите политичари.

БИТОЛА НА ТОЧАК

Критична маса #61, 23-ти Септември во 18.00 часот

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here