Ова Ви доаѓа како текст од некоја рубрика ВЕРУВАЛЕ ИЛИ НЕ, замислете параклисот кај темелите од некогашната Царска црква Пресвета Богородица и 12 Апостоли која се наоѓа на Битолското Кале е дониран од кумановскиот Градоначалник Максим Димитриевски. Имено по барање на група битолчани, од кои еден од нив, Благојче Брлоко Горгиев, е во добри релации со него, без збор беше дониран и испратен за Битола параклисот во чест на Пресвета Богородица.
На 14-ти Март, за празникот Прочка истиот беше поставен со нивната посвета: „Некогашната царска црква Успение на Пресвета Богородица и 12 Апостоли сеуште како темел мирува на Битолското Кале, оставена на забот на времето црквата каде што е крунисан Гаврило Радомир, но ние како другари се собравме и побаравме од Максим Димитриевски
да донира еден параклис за да има барем едно обележје и да има каде свеќа да се запали, го поставивме Параклисот и се молиме Господ да ни ги прости гревовите на сите, да ни дава многу среќа, здравје, љубов, мир во душите и бериќет!!!
За многу години и проштевајте ако нешто ви имам згрешено.“- стои во нивната објава на фејсбук.
Пред неколку години направени се обиди средновековниот град Битола да се открие на една друга локација. Тоа е ридот „Кале” накај с. Раштани, над северозападната периферија на денешниот град. Местото доминира над долината на Драгор и западниот раб на Полето. Стратешката положба му е добра, меѓутоа таму нема вода ниту други основни услови за живеење. На крајот од антиката таму бил подигнат голем одбранбен бедем во вид на земјен насип, за привремен престој на војска. Во 10.—12. век во него била изградена една осамена црква, додека теренот околу црквата останал речиси сосем стерилен (ископувања од 1978, 1980 и 1994 г.).*
До ден денес освен активностите на помали граѓански групи на битолчани, ништо посериозно немаме на виделина. Царската црква која е постара од црквата св. Софија во Охрид и нејзината местоположба со неверојатен видик има голема веројатност да биде вистинска атракција како втор Плаошник или св. Наум, во комбинација со другите наоди од цркви и тунели кои се исто на ова подрачје и малата борова шума.
Ви благодариме господине Максим Димитриевски и секоја почит за нашите сограѓани.
*(Средновековни градови и тврдини во Македонија, Иван Микулчиќ).