Плоштадот Магнолија во Битола е сместен во близина на Саат кулата, веднаш до Широк сокак и спротивно од црквата Свети Димитрија. Околу плоштадот се значајни градби кои постојат уште од подемот на Битола со архитектура која потсетува на големите светски центри и градови.
Во тоа време тие се натпреварувале кој ќе направи поубава куќа, со материјали носени од Солун, Виена и др.
Куќите на фамилиите Кацујани, Асео, Зису, Калива и Економу сега се објекти во кои под наем се наоѓаат Рускиот конзулат, мини стоковна куќа, аптека и кафе барови. Околу плоштадот се наоѓа и една од најстарите градби во Битола, Магазата, тука е и „Стаклената зграда“ на ГП Пелистер.
Името Магнолија го добива по дрвото кое во минатото го имало во дворот на познатиот битолски трговец Економу (Иконому, Економо, Економос, Икономос) , кој истата ја издавал под наем при крајот на 19ти и почетокот на 20 век и во неа бил сместен конзулатот на Австро-Унгарија.
После рушењето на Пекмез Пазар се руши и оградата од споменатата куќа, таа се одзема од државата и е сопственост на Народни имоти и во неа живеат неколку фамилии.
На крајот од минатиот век тука беше и познатата Стоковна куќа МАГНОЛИЈА.
Стоковна куќа Магнолија, фото Димитри Гина
Плоштадот пред 20 тина години беше и прометна улица каде сообраќаат автомобили.
Инаку според народните верувања Магнолија засадена пред куќата привлекувала задоволство и мир, а зад куќата привлекува богатство и финансиски просперитет.
Magnolia grandiflora за време на пролетта цвета пред да се јават лисјата, а денес постојат сорти кои се разликуваат по боја, форма на цвет и должина на цветот. Цветот најчеста е во бела, розова и виолетова боја.
Дрвото Магнолија со нејзиното име од пред некоја година повторно го има пред левата страна од скалите на објектот на Економу и дава симболика на ова место како некогаш. Да се надеваме дека ова име уште долго време ќе го задржи истиот топоним без разлика на сите промени кои ги трпи ова место од година во година.
Магнолија денес….