По ослободувањето, почнувајќи од првите митинзи, популарен станал и просторот меѓу киното „Балкан“ (подоцна Битолскиот народен театар) и хотелот „Босна“ (денес паркинг за лесни коли). Со истата намена продолжил и во митинзите што следат, кога полупринудно биле доведувани групации од околните села, како и во оној од 27 октомври 1945 год. кога биле присутни околу 5.000 граѓани и кога се претставувале пратениците поврзани со следните уставотворни активности.

Хотел Босна

Бидејќи ваквите собири станале уште помасовни, скоро и катадневни, а местово претесно, најновото решение уште во 1946 год. било полуразрушениот хотел „Босна“ целосно да се отстрани и на негово место да се изведе плоштад, прв вистински плоштад. Со него бројот на присутните уште повеќе би можело да се зголеми, а таму можеле да се одржуваат и разноразни културно-уметнички манифестации.

Грдата слика од полуразрушениот објект е отстранета дури по ослободувањето кога бил подигнат Малиот плоштад „Гоце Делчев“ со одлука на Градскиот народен одбор, на седниците од 6 и 20 април 1946 год. При расчистувањето на шутот и градежните материјали, за жал, настрадал градежен работник, кога врз него паднала балконска мермерна плоча.

Плоштад Гоце Делчев и стар Народен театар

Истиот добил и име, Плоштад „Гоце Делчев“. Кога и тој станал претесен, се дошло повторно до нова, но и истородна идеја, да се подига друг, уште поголем, на кој ќе можат да се соберат, како што се говорело тогаш, и „100.000 митингаши“. Кој прв дошол на идеја да се руши прочуениот Пекмез Пазар и таму да се отвори ксенофобичен простор, остана тајна, но сигурно бил тема на партиски и други состаноци, каде добил и зелено светло за акција. Наскоро, а во чест на Вториот конгрес на Народниот фронт на Македонија, во 1948 год. проработиле казмите и лопатите и скоро цела Битола, и машко и женско, и мало и старо, собрани преку разни младински и други организации, во неработните денови, најмногу во неделите, ги срамнувале вековните објекти со земјата. Во план било да се срушат и соседната џамија и објектот на Иконому, но, според сознанија од ова време, по интервенција „од горе“, истите го избегнале ништењето. Во тие масовни, нестручни, ударнички ангажмани, се дала и човечка жртва, девојка од удар на камен во градите при рушење на некава тврда градба преку експлозија со динамит. Локалниот печат тоа не го регистрирал, но, затоа пак, потфатот бил преполн со опијанувачки воспеви.

Сегашен паркинг за лесни коли

Следната година, повторно со доброволна работа, отпочнало поплочувањето и на празниот простор со камени коцки и неговото име сега станало Големиот плоштад „Маршал Тито“

Извадок од книгата Градби на проф. Александар Стерјовски

Фото насловна Валентина Цветановска