Велигденското расположение започна! Направив колекција на моите велигденски рецепти која верувам дека ќе ви се допадне, ќе ве мотивира и инспирира да приготвите нешто вкусно за празниците кои ни доаѓаат. Козињаци (милиброд), колачиња, салати… уживајте во малата галерија која ја приготвив за вас. А ако ви се допаѓаат следете ме на:
-
Инстаграм: https://www.instagram.com/kocovska.marija/
Козињак со чоколаден крем
Богатиот вкус на чоколадо во комбинација со рум и ванила ќе ги задоволи и најпребирливите дегустатори. Покрај тоа, неговиот декоративен изглед го прави неодолив украс на секоја празнична трпеза.
Состојки:
-
1 коцка свеж квасец
-
125 г шеќер
-
600 г брашно
-
2 јајца
-
1 ќесичка ванилин шеќер
-
100 мл масло
-
125 мл млеко
-
кора од 1 лимон
-
1 лажица рум
-
30 г растопен путер или маргарин
-
200-300 г чоколаден крем
-
1 јајце за премачкување.
Подготовка:
-
Во длабок сад ставете го квасецот и додајте една мала лажичка шеќер, една лажица брашно и малку млака вода. Измешајте со лажица и оставете го квасецот да се активира и нарасне за време од 10 минути.
-
Во сад за месење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете ги со жица за матење. Потоа додајте ги маслото, млекото, нараснатиот квасец, кората од лимон и румот. Измешајте со жицата.
-
Постепено додавајте го брашното и замесете тесто. На крајот додајте го растопениот путер и продолжете со месење уште 2 до 3 минути.
-
Со помош на рацете од тестото формирајте правоаголна кора. Кората премачкајте ја со масло и преклопете ги два краеви кон внатрешноста, така што треба да добиете форма на квадрат. Повторно премачкајте со масло и краевите преклопете ги кон внатрешноста, за да добиете правоаголник.
-
Повторно со помош на рацете развлечете кора, премачкајте ја со масло и преклопете ги краевите – повторете ја постапката од чекор 4. На крај тестото формирајте како топка, ставете го во садот за месење и покријте го со кујнска крпа. Оставете го двојно нарасне за време од 20-30 минути.
-
Потоа, кратко измесете го тестото во садот и оставете го повторно да нарасни за време од 1 час.
-
Нараснатото тесто поделете го на два дела. Секој дел поделете го на 3 или 4 дела и со помош на рацете исучете ленти. Со помош на прстите, лентите развлечете ги додека постигнат ширина од 5-6 см. Во средината на лентите ставете чоколаден крем, а потоа затворете ги. Од лентите сплетете плетенка.
-
Правоаголните калапи обложете ги со хартија за печење. Во калапите ставете ги плетенките и оставете ги да нараснат за време од 30 минути.
-
Нараснатите плетенки премачкајте ги со изматено јајце и ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени, за време од 10 до 15 минути, а потоа намалете ја температурата на 170 степени и продолжете со печењето уште 25 до 30 минути. Печените козињаци оставете ги кратко да се изладат, покриени со кујнска крпа. Потоа извадете ги од калапите и повторно покријте ги со крпата до целосното ладење. Послужете ги со чаша чај, кафе или млеко. Уживајте во фантастичниот вкус со sezahrana.mk!
Полнети јајца со фил во три вкусови
Состојки:
-
5 варени јајца
-
50 мл мајонез (една мала ќесичка)
-
1 лажица сенф
-
30-50 г цвекло од тегла
-
½ авокадо.
Подготовка:
-
Јајцата сварете ги, оставете ги кратко да се изладат, а потоа излупете ги. Пресечете ги на половина и одвојте ги жолчките од белките. Жолчките ставете ги во мал сад и испасирајте ги со виљушка.
-
Потоа додајте ги во сечко, кујнски процесор или блендер. Во садот со жолчките додајте ги мајонезот и сенфот. Кратко изблендирајте за да добиете хомогена смеса. Смесата поделете ја на три дела.
-
Авокадото излупете го и додајте го во сечкото. Додајте една третина од филот со жолчки. Изблендирајте кратко. По желба посолете со морска сол. Филот ставете го во мал длабок сад.
-
Парчињата цвекло ставете ги во сечкото. Кратко изблендирајте, а потоа додајте третина од филот со жолчки. Повторно кратко изблендирајте. Филот со цвекло ставете го во друг мал длабок сад.
-
Белките наредете ги во чинија за сервирање. Со помош на мала лажичка или готварски шприц наполнете ги белките. Декорирајте со свежо нане, магдонос или црвена пипер по избор. Уживајте за велигденските празници!
Велигденски десерти
Велигденски слатки јајца со џем од јагоди
Нека биде празнично и весело! Внесете ја велигденската магија во својот дом и израдувајте ги сите. Пригответе кремасти, велигденски слатки јајца со богат вкус на јагода и тоа само од 4 состојки.
Состојки:
-
50 г бело чоколадо за готвење
-
150 г розово чоколадо за готвење со вкус на јагода
-
8 мали лажички џем од јагоди
-
100 мл слатка павлака.
Подготовка:
-
Белото чоколадо искршете го на коцки и растопете го во сад на пареа или во микробранова печка.
-
Во друг сад ставете 50 г розово чоколадо и растопете го.
-
Со помош на готварска четка или мала лажичка растопеното чоколадо ставете го во силиконски калап со форма на јајца.
-
Калапот ставете го во замрзнувач за време од 20 минути.
-
Во меѓувреме во мал сад на оган ставете ја слатката павлака да се загрее. Во загреаната павлака додајте 100 грама розово чоколадо. Мешајте на тивок оган за да се растопи чоколадото, а смесата да не зоврие.
-
Штом чоколадото се растопи, тргнете го садот од огнот и оставете го 15 минути да се излади. Потоа смесата ставете ја во сад за матење и изметете ја со миксер додека се згусти и се добие крем.
-
Чоколадните јајца извадете ги од калапите. Во секое јајце ставете ½ мала лажичка џем од јагоди, а потоа од кремот со слатката павлака. Уживајте во фантастичниот празничен вкус и засладувајте се со вашето ремек дело!
Кремаста панакота со јагоди
Популарна ширум светот и обожавана во нашата земја! За време на велигденските празници направете ја највкусната панакота со јагоди. Кремаста, сочна, со богата арома на ванила и јагода која ќе го освои сечиј вкус.
Состојки:
-
1 чаша млеко
-
10 г желатин во прав
-
2 чаши слатка павлака
-
⅓ чаша шеќер
-
1 ќесичка ванилин шеќер
-
1 чаша павлака со 20% мм.
За овошен прелив:
-
1 ½ чаша јагоди
-
3 лажици шеќер
-
1 лажица свежо цеден сок од лимон.
За декорација:
-
20 г шлаг пена
-
60 мл ладно млеко
-
4-6 свежи јагоди.
Подготовка:
-
Во мал сад ставете го млекото и додајте го желатинот. Измешајте со жица за матење и оставете го желатинот да набабри за време од 5 минути.
-
Садот ставете го на оган на средна температура за време од 3-5 минути. Притоа, постојано мешајте со жицата за матење за да се раствори желатинот. Внимавајте млекото да не зоврие.
-
Во садот додајте ги слатката павлака, шеќерот и ванилиниот шеќер. Продолжете со мешањето додека шеќерот се растопи, за време од 3 до 5 минути.
-
Павлака ставете ја во сад за матење и измешајте ја со жицата. Постепено додавајте од смесата со млекото и желатинот. Мешајте за да се добие хомогена кремаста смеса.
-
Топлата панакота ставете ја во 4 до 6 чаши во зависност од големината. Оставете ја да се излади за време од 4 до 6 часа, а најдобро е преку ноќ.
-
Јагодите исечкајте ги. Во сад на оган ставете ги сечканите јагоди, шеќерот и свежо цедениот сок од лимон. Повремено мешајте и оставете ја смесата да зоврие за време од 5 минути, додека јагодите омекнат. Овошниот прелив оставете го да се излади, а потоа ставете го во чашите со панакота.
-
Во сад за матење ставете ја шлаг пената и млекото. Изматете со миксер за време од 3-5 минути додека се добие густ шлаг. Со помош на готварски шприц во секоја чаша ставете од шлаг пената. На крај, декорацијата завршете ја со свежи јагоди. На здравје!
Велигденски чоколадни гнезда за 5 минути
Празниците разубавете ги и направете слатко катче со брзи и едноставни рецепти. Доволни ви се само 5 минути за подготовка на велигденските чоколадни гнезда кои се рецепт број 1 за овие празници
Состојки:
-
200 г чоколадо за готвење
-
2 лажици мед
-
120 г корнфлекс
-
120 г чоколадни јајца.
Подготовка:
-
Корнфлексот ставете го во најлонска кеса и истолчете го на средно големи парчиња.
-
Во сад на пареа или микробранова печка ставете го претходно искршеното чоколадо и растопете го.
-
Во растопеното чоколадо додајте го медот и измешајте. Потоа додајте го корнфлексот и измешајте за да се соединат состојките.
-
Во калап за мафини ставете од смесата. Со помош на мала чаша или толчник обликувајте гнезда.
-
Калапот ставете го во замрзнувач за време од 15-20 минути за да се стегни чоколадото.
-
Велигденските чоколадни гнезда извадете ги од калапот, а во внатрешноста ставете чоколадни јајца. Среќни празници!
Препорака од авторот:
„Ви се допаѓаат фотографиите кои ги припремив за вас? Одлучивте ли да испробате некој од рецептите? – Разгледајте повеќе велигденски рецепти на мојот профил на Инстаграм. Направив мал водич (е-готвач) со моите велигденски рецепти. Кликнете на линкот и разгледајте ги моите идеи. Следете ме на Instagram и Facebook, и штом ги направите, испратете ми ги фотографиите или означете ме. Ќе ми биде задоволство да ги споделам на стори.“ – вели Марија.