Мошне популарно слатко јадење бил пекмезот. Во Битола имало и специјален пазар, познат како Пекмез Пазар кој во османлиските документи регистриран е уште во 1826 год. Се наоѓал околу Градскиот часовник, место познато токму со тоа име. Три дуќани пекмезџии, кои му припаѓале на вакафот на блиската Јени џамија, биле ангажирани: едниот за пекмезџијата Хаџија, кој плаќал 8 пари месечна кирија, Осман, кој плаќал 4 и Хусеин – 6 пари. Во нивна близина, во 1863 год., се наоѓала и симитчиска фурна. Дуќани на Пекмез Пазар имале и Христијаните Наум
Кондо, Коте Гулабар и Наум.
Пазаров го споменува и Д-р Јован Хаџи Васиљевиќ во прилог за Битола и вели дека тука се продавале и наут, мраз, дрвени лажици, најмногу пекмез, доставуван од Јуруците.
Од еден документ дознаваме дека во 1869 год. тука имало и амам, познат како Шуќур амам. Во негова близина за време бугарската окупација бил и паркингот на градските пајтони.
Многу податоци за пекмезот немаме, но еден странец, Џон Грифит (1797), сепак, оставил нешто и вели дека пекмезот …преставува сок, подготвен и варен од грозје, сѐ додека не дојде во состојба на еден вид шеќерен сируп што е подеднакво сочен (вкусен), честопати се помешува со јогурт; мала порција од ова јадење е доволно човек да се засити.
Тоа го потврдуваат и битолчани, кои го искусиле Благој (Бале) Ангеловски и Сотир Саранди велат дека се правел од
грозје со темна боја и дека бил и вид слатко, но и мармалад, кој децата го мачкале на леб. Како слатко се служел во соодветни мали порции, бил многу пријатен, според тоа и популарен и кај млади и кај стари.
Александар Стерјовски “Калеидоскоп”
Не ни треба Пекмез Чаршија, ни треба пекмез за во ушите на битолчани