Старата Битола крие безброј приказни, а една од нив не води назад во 1967 година, кога низ калдрмата одекнувале чекорите на коњите и звукот на пајтоните.
Во центарот на оваа приказна е Селман Зекири, човек со чест и достоинство, познат како таксист со пајтон, кој не превезувал само патници, туку и спомени. До него, на фотографијата, стојат неговата ќерка Шурет и внукот од брат Влазним, гордо покрај него, како сведоци на едно време полно со вредности.

На задното седиште се наоѓа Манди, првичниот сопственик на пајтонот, симбол на едно минато кога честа и зборот значеле сè.
Денес, на 92 години, Селман Зекири живее во Канада, опкружен со својата фамилија. сопругата Нусрет, синот Усен и ќерките Едиш и Ајнет. Но врската со Битола никогаш не се прекинала.
Неговата најмлада ќерка, Фатмире Махмуди, се врати од Канада во родниот град, за да го продолжи она што го започнал нејзиниот татко, да чекори по истите улици, да го чува споменот и да ја негува врската со корените.
Оваа фотографија не е само спомен од едно време. Таа е жива историја на Битола, приказна за љубовта, семејството и корените што никогаш не се забораваат.
