Состојки
За основа
200 г овесни снегулки или мешани житни снегулки
100 г мелени ореви или лешници
100 г шеќер (јас користев кафеав шеќер)
1/2 пакетче прашок за пециво
1 лажиче цимет
прстофат мелен кардамон
100 мл цеден сок од портокал (1 порткал)
100 мл топла вода
За фил
1 тегла компот од вишни
1 пакетче ванилин шеќер
1 полна лажица пудинг од ванила или густин
2 лажици шеќер (јас користев кафеав шеќер)
Подготовка
Прво се подготвува филот. Се ставаат да се варат вишните со течноста, одземете малце течност за да го растворите пудингот настрана. Нека повари 10 тина минути заедно со шеќерот, а вишните истропчкајте ги со тропчкалка во текот на варењето. На крај додадете го растворениот пудинг или густин и оставете да се згусни со постојано мешање. Тргнете го тенџерето на страна.
Подгответе ја основата, сомелете ги на крупно овесните снегулки, но немојте да ги направите како брашно. Јас користев мешани житни снегулки, такви имав. Прелејте ги со топлата вода и цедениот сок и измешајте.
Потоа додадете мелени ореви, шеќер, пециво, цимет и кардамон и измешајте убаво.
Вака добиената смеса ставете ја во тавче големина пречник околу 25 цм, значи да не е преголемо, обложено со хартија за печење. Израмнете ја убаво смесата и потоа додадете го овошјето и убаво распоредете го. Ставете го тавчето да се печи на 180 степени околу половина час. После печењето, можете да поросите одозгора кршени потпечени лешници или ореви или на крупно сомелени житни снегулки. Оставете убаво да се олади пред дегустација и пред сечење.