„Девојката со гитара” 1927 година е релјеф – лунета над влезната врата од куќата на Петар Мачкиќ на ул. Кичевска, бр. 20 во Битола
е дело изработено од познатиот скулптор Иван Мештровиќ (р. 1883 – 1962) во Врпоље, Хрватска. По краткиот престој во скулпторската работилница н Билиниќ во Сплит 1900 г. заминал на школување на Академијата во Виена 1901-1905г. каде имал големо влијание од Вагнер, но на неговото формирање силно влијаела општата духовна хлима во Виена на којашто силен печат ставило движењето на сецесијата. Се запознал со А. Роден и пројавил голем интерес за европската, староегипетската и асирската скулптура. Кон крајот на 1907 година отишол во Париз и после Првата светска војна започнува со моделирање на бројни варијанти на тема Жената со музички инструмент (1918). Од 1923 до 1942 година бил ректор на загребската Академија на ликовната уметност и од овој период познати му се скулптурите Жената со виолина (1922), Контемплација (1923), Мајката што го заветува детето (1927), какои серија женски актови, секогаш раскошно богати, вознемирени или со напната сетивност (Психе, 1927; Женски акт, 1928). Иван Мештровиќ
Како проектант на куќата е чехот Јан Дубови (1892-1975), архитект и градител, кој за време на својот краток престој во Битола изгради важни објекти за градот.
Роден во Лажице, Чешка во 1892г. Дипломира во Прага во 1916 година и се вработува во градежно претпријатие во Прага. По завршувањето на Првата светска војна со истото претпријатие се префрлува на работа во Белград, а подоцна го напушта тоа претпријатие и се вработува како општински архитект – урбанист во Белград. Во 1928 г. ја основа Групата архитекти на модерниот правец. Во периодот меѓу 1929 и 1934 г. проектира голем број објекти. Еден од позначајните објекти од тој период е Опсерваторијата на Ѕвездара во Белград (1930).Во 1934 г. се преселува во Битола. Тука проектира поголем број објекти од станбен и општествен карактер. Потоа се преселува во Скопје, вработувајќи се во приватното биро на инж. Кирил Жерновски.
По ослободувањето се вработува во Архитектонското одделение при Министерството за градежништво во Скопје. Починал 1975 г. во Храдец Кладово,Чешка.
Негови позначајни проектирани објекти се: Основното училиште „Вук Караџиќ“ во Битола (1935), споменикот на рускиот конзул Ростовски во Битола (1935), Планинарскиот дом на Пелистер
(1936), индивидуалната семејна куќа на Петар Мачкиќ во Битола (1936) и др. станбени градби во Скопје.
Инаку Петар Мачкиќ бил познат битолски културен активист и директор на Музејот кој во неговиот период бил лоциран веднаш до барот Корзо, во куќата на Данабаш. Мачкиќ како подарок за Битола ги постави бетонските огради кои сѐ уште го красат нашиот парк кај градското Шеталиште.
Низ годините овај објект беше детска градинка, избирачко место, седиште на Детското летовалиште, здание кое потсетува на убавите Арт Деко градби од 30-тите кои со престиж ја красеја Битола. Денес за жал е оставена сама на себе, отворена и напуштена, обрасната со високи треви, полна со ѓубре и празни пластични шишиња од пиво. Девојката со гитара остана само нем сведок на некогашната убавина и џагор кои ја красеја оваа зграда.
Извори Градители.мк, Познати личности за Битола.