Нашата битолчанка Феријан Мифтароска покрај семејните обврски како мајка на три деца, успева со нејзиниот талент да даде посебен и волшебен изглед на предметите кои ќе ги допрат нејзините волшебни раце. Бидејќи секогаш сме ги поддржувале малите бизниси на нашите битолчани, сега редот дојде за неа:

Од кога се разбуди креативноста во вас и дали е тоа поврзано со некоја случка?

Ф. М. Пандемијата ни ги измени животите на сите. Додека многумина останаа без работа, многумина успеаjа да создадат свои бизниси кои ги водат од дома, меѓу кои и јас. Како мајка на три деца, обврските околу нив и околу домот го исполнуваат моето време, но со години наназад успевам да најдам време за дружба макар на социјалните мрежи, каде сум администратор на една прекрасна група за споделување на рецепти, тоа е групата Битолска софра.

Притоа, две години слободното време го пополнував со креирање изработки од декупаж, а потоа се пронајдов во работата со полимерна глина каде сепак успеав, па ете трета година како се занимавам со рачни изработки. Имав пауза од неколку месеци, но повторно се активирав со уште поголема желба.

Кога творите, дали секогаш уживате во тоа што го изработувате или тоа зависи од предизвикот кој е пред вас?

Ф.М. Како што кажав, мајка сум на три деца и мајчинството ме исполнува, но како и секоја жена, слободното време го посветувам на ова хоби кое ме исполнува и прави среќна и ете, прерасна и во еден мал бизнис, што особено ме радува и ми значи, ми претставува признание за мојот труд. Како што за секоја работа важи дека ако нештото се прави со љубов и страст, така и за ова, па независно од барањата на клиентите и сложеноста на изработката, јас максимално уживам.

Колку време е потребно за да се направи пример една креативна шоља, филџан, обетки, приврзок и сл.?

Ф.М. Со оглед на тоа што моделацијата и цртањето се рачни па потоа следи печење, потребно е повеќе време. Зависно дали станува збор за некој веќе осмислен дизајн или потребно е да се направи нова скица и колку и какви детали треба да се изработат, процесот трае неколку часа.

Дали некој Ви помага во изработката и колку е тоа исплатливо за вас и за купувачите кои би сакале да имаат нешто уникатно?

Ф.М.Еден ваков бизнис пред сѐ е семеен бизнис. Да ја немав нивната поддршка, немаше да го правам ова што го правам, тоа е факт. Пресреќна сум што имам голема поддршка од семејството, разбирање и помош од децата, особено од сопругот. Пријателите и роднините ми се меѓу првите потрошувачи и истите ме препорачуваат на свои познаници. Успехот на ова поле не може да се препише на една личност, како впрочем и во секој, семејството е тоа што или ни дава крилја или ни ги крати истите.

Кај нас во Македонија сите знаат дека рачната изработка не се цени доволно. Жално е што е така, но тоа е факт. Она што клиентот го добива како краен производ содржи многу повеќе отколку употребната вредност на истиот, во него изработувачот вложил многу труд, време, работа и пред сѐ дел од себе. Но има посебни личности кои знаат да ја ценат изработката и не прашуваат за цена.

Дали имате ваше студио, место или катче каде што ги изработувате, продавате вашите сувенири или само по порачка, онлајн или по телефон?

Ф.М. Бидејќи самата бизнис идеја се роди во карантинско време и изработката е изводлива во домашни услови, овој мој бизнис сѐ уште е само на домашен терен, каде имам свое креативно катче и засега планирам така и да остане. Во однос на продажбата, денес најдобра алатка за бизнис се социјалните мрежи па така и јас функционирам и сум задоволна.

Какво е чувството човек да прави убави нешта кои ќе останат убав спомен, подарок за роденден или внимание за некој кој тоа сигурно и го заслужува?

Ф.М. Кога еден уметник креира свое дело, покрај што во истото вложува материјали и време, тој истовремено остава во него дел од себе, па крајниот резултат е многу, многу повеќе од само производ. Па чувството кога ќе добијам позитивен фидбек од клиентите е неописливо.

Што можите да направите и тоа да биде поврзано со Битола, на лример, обетки со името и срце насредина, Широк Сокак или Саат кулата на шоља итн, итн…

Ф.М. Меѓу првите изработки ми е шојла со логото на Битолска млекара. Битола е моја голема љубов и непресушна инспирација, па очекувајте да Ве изненадам со некоја нова изработка наскоро.

За контакт со неа или да разгледате повеќе од нејзината креативност можете тука на HANDMADE инстаграм профил, или фејсбук профил ФЕРИЈАН.